Уефа со финална верзија како и каде ќе се доигрува Лига на шампиони

Во пресрет на состанокот на Извршниот одбор закажан за среда, УЕФА веќе знае како да ја доврши сезоната во Лига на шампиони и Лига Европа.

Долгиот прекин поради глобалната пандемија со КОВИД-19 ѝ направи големи проблеми на УЕФА со распоредот и недоиграните средби.

Сега европската фудбалска унија планира да се доиграат само реваншите во двата највредни турнири (ЛШ и ЛЕ) кои се предвидени за август.

Јувентус на 7 август треба да го пречека Лион во Торино после поразот од 1:0 во Франција. На 8 август Наполи и Елиф Елмас ќе гостуваат на „Камп Ноу“ по ремито 1:1 дома со Барселона.

За овие две вечери се предвидени и реваншите Манчестер Сити - Реал Мадрид (Англичаните славеа 1:2 на првиот меч на Сантијаго Бернабеу) како и Баерн - Челси (3-0 за Баварците во Лондон на првиот меч).

Во следната рунда веќе се квалификуваа Аталанта, ПСЖ, Атлетико Мадрид и Лајпциг. УЕФА планира да направи Фајнл 8 турнир во Лисабон а ждрепката за овој уникатен турнир ќе се влече во Нион.

Луѓето од европската фудбалска куќа планираат натпревари од Фајнл 8 (еден меч без реванш) да се играат на 12, 13, 14 и 15 август, полуфиналето да биде на програма на 18 и 19 август а финалето исто во Лисабон на 23 август.

Во меѓувреме УЕФА решила финалето на Лига на шампиони следната 2021 да се игра во Истанбул, на стадионот „Кемал Ататурк“ каде што требаше да се игра овогодинешното финале, но поради глобалната пандемија локацијата се смени.

Во 2022 година домаќин на мечот за вредниот пехар ќе биде Санкт Петербург (стадионот на Зенит).

Што се однесува до женската Лига на шампиони, таа ќе има епилог сличен на колегите мажи: од 21 до 30 август ќе се игра Фајнл 8 во Шпанија, поточно во градовите Билбао и Сан Себастијан. 

ЌЕ ИМА ЛИ ПУБЛИКА?

УЕФА, по пишувањето на италијански Sky Sport, размислува финалето на Лига на шампиони да биде отворено за навивачи но со лимитиран број.

Во моментов Лисабон е најизвесен домаќин и главен кандидат за завршницата во Лига на шампиони, иако во игра се уште и Мадрид (стадионот на Атлетико) и Франкфурт (арената на Ајнтрахт).

УЕФА гледа каде има помал број на заразени од КОВИД-19 и предност дава на градовите кои веќе се справија со вирусот.

ЛИГА ЕВРОПА ВО ГЕРМАНИЈА

Осминафиналето на ЛЕ ќе се игра во систем Фајнл 8 и најверојатно за домаќини ќе бидат избрани 4 германски градови.

Фајнл 8 на Лига Европа ќе се игра од 10 до 21 август. Претходно своите двомечи треба да ги одиграат Интер - Хетафе и Рома - Севиља кои не го одиграа ниту првиот натпревар поради ширењето на пандемијата.

Сите останати ги очекува реванш а победниците ќе се пласираат на Фајнл 8 турнирот кој најверојатно ќе се игра во Дујзбург, Гелзенкирхен, Дизелдорф и Келн. За Келн е предвидено и финалето.

Само реванши треба да доиграат:

Шахтјор Доњецк - Волфсбург (2-1 за Шахтјор на првиот меч)
Леверкузен - Ренџерс (3-1 за Леверкузен на првиот меч)
Волвс - Олимпијакос (1-1 на првиот меч во Пиреја)
Манчестер Јунајтед - ЛАСК (5-0 за Јунајтед на првиот меч во Австрија)
Базел - Франкфурт (3-0 за Базел на првиот натпревар во Германија)
Копенхаген - Истанбул Башакшехир (Турците славеа 1-0 на првиот меч)
Рома - Севиља (не се одигра ниту еден натпревар)
Интер - Хетафе (не се одигра ниту еден натпревар).

16 јуни 2020 - 13:56