Шалке и УЕФА раскинаа со Газпром

Како што расте војната во Украина, така се редат санкции во рускиот спорт кои веќе не може да ги пофатиме. Се огласи Спартак Москва, која смета дека спортот, дури и во најтешките моменти, треба да гради мостови, а не да ги руши.

Многу брзо откако ФИФА и УЕФА одлучија да ги суспендираат сите руски клубови и репрезентации, Европската куќа на фудбалот потврди дека ја прекинува соработката со Газпром.

Одлуката стапува во сила веднаш и ги опфаќа сите постоечки договори почнувајќи од Лигата на шампионите, па се до ЕП 2024 година.

Се претпоставува дека УЕФА од ова спонзорство старо 10 години, добиваше околу 40 милиони евра годишно. Договорот беше обновен лани со времетраење до 2024.

Бидејќи овој енергетски гигант е во мнозинска сопственост на државата, а Русија ја нападна Украина, УЕФА, која го осуди чинот на агресија, се одлучи на овој чекор. 

По 15 години соработка, од рускиот енергетски гигант се откажа и Шалке, а маркетиншкиот потег веднаш им се допадна на навивачите кои нагло ја зголемија продажбата на дресовите.

Место Газпром, на дресот кој го носи Дарко Чурлинов стои името на клубот и тие одат како алва по цена од 70 евра.

Германскиот второлигаш соопшти дека поради огромната побарувачка за дресови, клупската он-лајн продавница во моментот го достигнала максималниот капацитет.

Во меѓувреме фудбалските федерации на САД и Канада соопштија дека одбиваат да се натпреваруваат во фудбал со руски клубови и репрезентации на секое ниво.

Реакција за новите суспензии во рускиот спорт има од страна на Спартак Москва која вели дека одлуката за исклучување од Лига Европа е вознемирувачка.

Суспензија за Русија од ФИФА и УЕФА во сите натпреварувања 

ЕХФ ги суспендира руските и белоруските екипи, Вардар доби службена победа во ЛШ

1 март 2022 - 13:43