Незаборавното збогување со великанот Пандев на арената „Јохан Кројф“

Во јуни месец минатата година, срцата на македонските навивачи трепереа на дебитантското ЕП. 21-ви е посебен датум, бидејќи тоа беше крајот на репрезентативната кариера на една од нашите најголеми спортски икони. Замина со остварен сон. Пласман на Европско првенство.

На денешен ден, пред точно една година, македонската фудбалска репрезентација го одигра третиот меч на ЕП, кога по настапите против Австрија и Украина во Букурешт, замина во Амстердам на мегдан со Холандија.

Средбата не беше од големо резултатско значење за нашиот национален тим кој загуби 3:0. Тоа беше крајот на една 20 годишна тешко повторлива приказна меѓу Пандев и Македонија, за која го остави срцето на терен.

Замина гордо со рекордни бројки од 122 настапи и 38 гола и што е најважно го оствари сонот свој и на цела Македонија со голот во Тбилиси, вреден историја.

„Срцето ми е полно, нема поубаво нешто да играм за светиот дрес на едно големо натпреварување. Клупскиот фудбал е нешто друго, а ова е сосема поинакво чувство, кога ќе видиш колку македонци дошле да те бодрат во Букурешт и Амстердам. Цела Македонија застана за нас. Јас сум благодарен на сите, на цела јавност, на сите медиуми и новинари, на сите селектори, масери, доктори... Јас за Македонија го дадов максимумот и време е за крај. Повеќе од ова не можам. Ова е моја конечна одлука, така се чувствувам. Тоа е вистината, не можам да продолжам да играм ако не сум 100%, а за мене на овие 38 години е премногу да играм на два фронта. Сега ќе бидам навивач, а убеден сум дека оваа генерација ќе се избори за Светско првенство. Им посакувам се најдобро, сега сите за нив ќе навиваме“, рече Пандев.

Сцените од арената Јохан Кројф се незаборавни. Холанѓаните уште пред стартот покажаа голем респект кон легендата и му подарија дрес кој му го врачи капитенот Вајналдум.

А пак што да кажеме за 68-та минута? Моментот кога цел стадион аплаудираше, а Горан беше испратен со шпалир. Стана и неговиот поранешен соиграч Весли Снајдер со кого ја освоија Лигата на шампиони во Интер. Колку емотивен момент.

Поранешната ѕвезда на Ајакс, Реал Мадрид, Тотенхем, Ван Дер Варт кој е врсник со Горан, но се повлезе од селекцијата на Холандија во 2013-та, за нашата легенда го рече следново.

„Пандев е како Јохан Кројф за Македонија“

„Мислам дека тоа беше одличен гест. Имав морници кога излегуваше од терен, за малку и не пуштив солза. Мислам дека е прекрасно играчи како него да бидат испратени на таков начин“.

Со посебен Фејсбук статус му се заблагодари и неговиот репрезентативен другар:

„Нема зборови за да се опише неговата големина. Во Италија е фудбалско божество. Во земјата каде играа Марадона, Зидан, Ван Бастен, Дел Пјеро... Тоа е големина, тоа е величина, тоа е икона, тоа е легенда. Македонија нема да може никогаш да му се оддолжи“.

Еден куп светски медиуми му се поклонија на Пандев 

За Пандев треба да има проштален натпревар на Градски: Македонија против неговите пријатели од Серија А

21 година од дебито на Пандев за Македонија

21 јуни 2022 - 11:42