Во одбрана на граматичките грешки

Колку што има луѓе кои прават граматички грешки кога пишуваат на интернет, толку има и луѓе што ги ловат овие првиве. Балансот меѓу грешните и "грамар нацистите" некако се одржуваше сè додека вистински нацисти (американско политичко движење) не твитнаа нешто во одбрана на англиската граматика.

Авторот Џон Хигс пишува есеј на темата, откако бил "инспириран" од еден твит на ‏@ANP14 (American Nazi Party). Аргументот на Хигс е дека опсесијата со перфектно напишани текстови може да биде спротивна на рачната изработка и човечкиот аспект на она што го пишуваме:

"Распространето е верувањето дека важно е работите да се прават коректно, затоа што тоа води кон успех. Ова можеш да го видиш во талент шоуа како Икс Фактор. Децата со вистински талент навистина даваат сè од себе, правејќи сè што судиите сметаат дека е потребно, и по многу работа тие имаат перфектен настап во кој сè направиле правилно. И потоа нив ги забораваме во моментот кога ќе го исклучиме телевизорот, бидејќи тоа (перфекцијата) не е најважното кај музиката.

Опсесијата со перфектно правење на работите води до верување дека перфекцијата е доволна - дека таа е важна сама по себе. Меѓутоа не е така. Професионализмот е само шлагот на тортата, ама пак ти треба торта. Секако, има ограничување на бројот на грешки со кои можеме да се справиме, и нормално грешките кои ја менуваат смислата на работата треба да бидат поправени. Ама тоа не значи дека треба да се стремиме кон екстремната политика на нулта-толеранција кон грешките. Верувањето дека светот е разумно, рационално и место каде што сè е под ред се нарекува анеристичка заблуда (принцип според кој со светот владее очигледен ред), а тоа е тип на глупости кои не сакаме нашиот јазик да ги промовира."

Вториот аргумент на Хигс е дека опсесијата со перфектно пишување води кон лингвистички елитизам, во кој само луѓето кои стриктно се придржуваат кон одредени граматички и правописни правила се сфатени сериозно.

13 јуни 2014 - 09:13