Монтеро: Пред финалето со Реал спиев 3-4 часа, а Ферара хрчеше уште во 23 часот

Остави голем белег во Јувентус како цврст и пргав стопер во времето на Липи. За трофеи не може да се пожали бидејќи освои 10, со исклучок на еден кој го испушти во три наврати и кој смета дека заслужиле да го освојат во првиот од тие три обиди.

Паоло Монтеро го носеше дресот на Јувентус од 1996-та до 2005-та период во кој освои четири Скудета и загуби дури три финалиња во Лига на шампиони, со Борусија Дортмунд 1997, Реал Мадрид 1998 и Милан 2003.

Во пресрет на финалето во Кардиф, за весникот Република се потсеќа токму на финалето меѓу Реал и Јувентус и ноќта во очи на мечот кога не можел да спие од возбуда.

„Сè уште верувам дека не заслуживме да го загубиме тоа финале. Имавме разни шанси преку Инѕаги, Зидан и Давидс. Атмосферата беше позитивна и бевме многу концентрирани и позитивни. Составот беше одличен и имавме лидер на секоја позиција. Перуци на гол, Дешамп и ЗиЗу во средина, Дел Пјеро во напад, а јас и Марк Јулијано во одбрана. Пред тоа финале спиев максимум 3-4 часа, а Ферара хрчеше уште во 23 часот. Игравме инвентивно и создадовме многу шанси за гол, но за жал во финале немаш право на грешка. Најболно ми беше финалето против Милан во 2003-та, бидејќи на 32 години знаеш дека нема да имаш друга шанса за освојување на Лига на шампиони“.

Што се однесува до финалето во Кардиф:

„Тешко е да се предвиди овој меч. Би рекол дека и Јуве и Реал имаат по 50% шанси за победа. Повеќе ќе одлучат главите на фудбалерите отколку нивните нозе и детали ќе го решат мечот. Реал ќе се соочи со многу силна одбрана, бидејќи централните дефанзивци на Јуве се на исто ниво како Турам, Ферара и Канаваро. Овие играчи нема што да ги учиш на тактички план, туку само како ќе се спремат психички. Алегри заврши голема работа околу тимот, а играњето на Манџукиќ како крило е негова идеја. Зизу е паметен, нема да открие многу, бидејќи тој знае дека Јуве на контранапади е смртоносен. Што се однесува до историјата, Јувентус страда во финалињата, а Реал е измислен за победи. Овие факти лебдат во воздух и тоа е неизбежно“, смета Монтеро.

Инаку поранешниот уругвајски репрезентативец во моментов работи како тренер на аргентинскиот прволигаш Розарио Чентрал.