Вести без рок на траење

Неодамнешната "вест" за смртта на еден нигеријски писател (две години откако тој почина) покажа дека времето го губи своето значење во одредувањето што е тоа вест. На социјалните медиуми, имено, сè се случува цело време.

Чинуа Ачебе е прославен нигеријски автор кој во 2013-та година почина на 82 годишна возраст. Но, за социјалните медиуми неговата смрт се случи последниов викенд кога луѓето почнаа масовно да твитаат сочувства (ре-сочувства), да пишуваат РИП-ови и општо да го оплакуваат човекот.

На повторното оплакување наседнаа и луѓе кои би требало да упатени, меѓу нив и советничката за национална безбедност на Белата Куќа, Сузан Рајс.

Подоцна Рајс ја увиде грешката, ги избриша твитовите па твитна алиби, дека секој повод за потсетување на овој голем човек е добар повод.

Оваа приказна започна како и сите други слични. Некој најверојатно го има објавено ин мемориамот на Њујорк Тајмс од пред две години, а останатите го баталиле датумот и почнале да го шират како вест.

Ваквиот ефект на бранови се случува затоа што, како што вели Јошуа Бентон, "социјалните медиуми не се заглавени во времето" и во нив материјалот лесно се рециклира и се појавува како нов. 

Тоа им се случува на многу интернет медиуми, вклучувајќи го и нашиов, на кој во делот "најчитани" одеднаш може да се најде некоја стара содржина која почнала повторно да се тркала наоколу.

Има многу иронија во фактот дека во ерата на риал -тајм вестите, времето всушност го губи своето значење како битна одредница на тоа што е вест.

Во весникарското време беше јасно од кој ден се читаат вести, денеска тоа е замаглено бидејќи не постои директна врска меѓу датумот на една вест и тоа кога некој на неа ќе налета. Веста се сведува на наслов, насловот на топик, топикот на хаштаг и во тој процес времето целосно исчезнува.

На тој начин, сите вести стануваат вести без рок на траење и нивниот живот веќе не зависи од оние што ги напишале и објавиле туку од оние кои -  навреме или неколку години подоцна - ги прочитале.  

24 март 2015 - 18:41