„Не губете време“ е една од оние современи мантри, според која минутите и часовите се ресурс кој треба да се троши со усул. Но освен овој генерален совет многу побитно е да се детектира кои се најголемите „трошаџии на време“ во нашите животи, за ако веќе се штеди, да се штеди на крупно.
Има разлика помеѓу лоши навики (киснење на Фејсбук) и систематско трошење време, заради погрешен став или заради предрасуди.
Еве неколку од нив, кои можат да ви заштедат не само време, туку и нерви и самопочит.
КОГА СЕ ВОЗДРЖУВАШ ДА ПОБАРАШ ПОМОШ
Соочен со комплициран проблем, на пример на работа, може со саати да седиш и да мозгаш, само за да не испаднеш глуп пред колегите ако покажеш дека нешто не знаеш. Но всушност многу поглуп е оној што не прашува и не бара помош, затоа што така троши многу скапоцено време, фрустрирајќи се и кочејќи ја работата. Колку и да се чувствувате непријатно кога прашувате, тоа е сепак најбрзиот начин да добиете одговор. Како електричен апарат кој подобро работи ако го вклучиш во - струја. Под „барање помош“ се подразбира и вмрежување и наоѓање сопствен неформален ментор, кој би имал желба да го сподели своето знаење. Понекогаш помага и краток мејл со молба за помош, иако треба да знаеш и како да го срочиш за да му олесниш на оној кој би требало да ти олесни тебе. Таквата шема би требало да вклучи:
* Две-три реченици искрено почитување кон оној кому му се обраќаш (а тоа го правиш затоа што има големо искуство во областа, затоа што имаш доверба во него итн.)
* Една реченица која поставува фокусирано, прецизно прашање
Благодарност (однапред)
Вака не само што проблемот може да се реши побрзо, туку и човек не изгледа како вообразен, туку како некој што сака и може да излезе од мочуриштето на своите предубедувања и својата мрза.
ОБИДИТЕ ДА ОПРАВИШ ВРСКА ШТО НЕ ФУНКЦИОНИРА
Врските со други луѓе од каков и да е вид бараат напор и оддржување. Но оние кои не одат баш-баш се уште поголеми трошачи на време. Понекогаш ваквата рационализација е тешко да се направи, и да се пресече врз основа на некаков емоционален и практичен есап, но искрен одговор на неколку прашања би можеле да нè освестат:
- Дали имаме помалку заедничко со партнерот од тоа што си замислуваме?
- Дали сме во врска само за да не бидеме сами?
- Дали ја „тегнеме“ врската само од страв дека ќе загубиме контакт со него/неа?
Доколку сите одговори се „да“ тогаш работата е јасна. Да, и од лоши врски се учи и тие не се целосно губење време, во смисла на животно искуство, но пролонгирањето на незадоволството кое дефокусира од други, важни работи, е цената која не мора да ја платиме.
ПРЕМНОГУ МИСЛЕЊЕ ЗА СОПСТВЕНИТЕ НЕУСПЕСИ И ГРЕШКИ
Едно е да учиш од грешките, друго е да се опседнуваш со нив. Тоа е (докажано) и најлесниот начин грешката да се повтори, бидејќи ако однапред се прогласиш за „лузер“ тогаш не гледаш причина зошто нешто да смениш во своето однесување. Програмите за самопомош сугерираат и нешто што личи на обред на самопростување, после кој при секое присетување на она што си го направил треба да си кажеш „ок си, простено ти е“. Звучи глупо, ама може да е добар начин човек да продолжи понатаму од местото каде нешто зезнал.
СЕКИРАЊЕ ЗА ДРУГИ ЛУЃЕ
Пријатели, фамилија, сакани луѓе, да се секираш за нив е дел од љубовта и од „пакетот“ на блискоста. Но има и такви кои трошат многу време и енергија на емпатизирање со непознати луѓе, и размислување за нивните мотиви и однесувања. Љубомората и зависта кон туѓите животи (кои не се секогаш толку идеални колку што изгледаат), а притоа запоставувањето на нашите, исто така залудно го вртат бројчаникот. Да не зборуваме за занимавањето со другите на ниво на рекла-казала, колку да се пополни времето, кое всушност така најмногу се губи.
Toa.