Речиси не сум гледал некој натпревар на Ѓоковиќ, до денес. И тоа не цел, туку последните дваесет минути. Чекав пријатели кои доцнеа, а во градот беше поставен видео бим.
Ѓоковиќ губи и самоуверено се насмевнува. Верува. Не се откажува. Се бори. Размислувам дали ќе има смисла да се следи тенис во Србија кога тој ќе се повлече? Што ако ова му е последен натпревар? Што ако каже доста? Се нервира што е втор на Вимблдон. Некому најголем успех му е што воопшто учествувал.
Но, забележав една работа, на која претходно не обрнував внимание. Ги гледав луѓето на кои им е битно да победи, кои навиваа со цело срце. Им значи тој човек, неговата појава, и тоа нема никаква врска со тенисот. За нив тој има станато живот, мотив за нешто нивно.
Кога заврши мечот, десетици луѓе спонтано станаа и почнаа да аплаудираат. Кому? Веројатно на крајот на една тениска ера, која, барем на овие простори, завршува со Новак.
Се разбира, не е крајот. Но тоа чувство кога и во поразот гледаш победа и неговиот самоуверен поглед кој не се предава.
За момент ги затворам очитеи размислувам за милиони луѓе кои дишеле со него додека победувал, додека губел. Тоа беше дел и од нивната внатрешна борба, верба, неоткажување. Веројатно секој би можел да го каже своето лично искуство од сите тие мечеви. Оттука и толку многу љубов. Оттука и ентузијазмот. Оттука и толку голема благодарност. Тие не го гледаа само Ѓоковиќ, тие се гледаа и самите себе. Во своите подеми и падови. Во восхитеноста и маката.
Се сеќавам на Новак кога почнуваше, можеби тогаш најискрено се навиваше за него, како за момче од маало. Не да биде прв, туку да постигне резултат. Оттогаш минаа речиси 20 години. Повторно го гледам. Сега на крајот од кариерата разбирам. Не се откажа, не се предаде, како на тој прв натпревар, така и сега.
Каде нам ни помина тоа време, меѓу првиот и последниот меч?
Меѓу надежта за него воопшто да се слуше, до сите тие титули? Не знам. Ги гледам луѓето кои станаа. Го гледам него кој и натаму би да игра и да се бори. Животот продолжува. Новак не се откажува. Сака, верува и може. И сите тие луѓе кои навиваат за него и на кои им станал дел од животот.
Многу има разбудено во нив. Море од солзи, радости и емоции. И тоа со ништо не може да се избрише. Тоа допрва денес го сфатив, гледајќи помалку на теренот и играта а повеќе на луѓето. И начинот на кој го гледаат. Колку им е битно.
Барем во некој веруваат кој победува и кога губи. Не се сами на светов. Погледот ми се враќа на неговата самоуверена насмевка и сфаќам - не е во прашање тенисот туку животот.
Да не се предаваш. До последниот здив а потоа да пружиш рака.
До нова прилика. Ако воопшто дојде до неа.