За време на германскиот Блицкриг во 1940-та година, Луфтвафе обично напаѓале ноќе, под закрила на темнината. Лондон и другите градови се бранеле со комплетно исклучување на струјата за на непријателот да му се отежне пронаоѓањето на метите.
Во меѓувреме, британската војска интензивно работи на нов и таен радарски систем кој се покажува како успешен и ефикасен проект. Новите британски радари, монтирани на самите авиони, можеле да детектираат германски авиони и пред да стигнат до Англискиот канал, односно ла Манш.
Но, новата технологија морала да остане сокриена од Германците и тука влетуваат морковите.
Легендарниот пилот на РАФ Џон Канингем кој го добива прекарот „Мачје око“ во 1940-та година успева да го собори првиот непријателски авион со помош на новите пресретнувачки радари. Подоцна забележува импресивен скор од уште 20 соборени авиони од кои 19 ги скинал ноќе.
За да остане работата тајна, британското министерство за информации во весниците ја пушта приказната дека успехот на Канингам се должи на тоа што човекот јаде многу моркови. Велат дека германската авијација ја лапнала јадицата па почнала и таа да ги тови своите пилоти со моркови.
И така приказната за супер-моќта на морковот во врска со ноќниот вид почнува да се тркала, си фаќа корен и со децении успева да прикрие дека оние што слабо гледаат ноќе, од јадење моркови можат да добијат евентуално само рогови.