Хиерархија на грозјето

Благодарејќи на посветеноста на десетина домашни винарии, последниве години, малку од малку, македонското непце почнува да се разгалува, иако доминантен останува критериумот „не е лошо, се пие,“ особено ако виното е домашно и си го утнал со помош на пијано злосторничко здружување (кумот и другарите). Во Франција, со векови се тераат тие битки.  

Во 1395 година, Филип Смелиот од Бургундија ја протерал сортата грозје гаме (Gamay) од своите земји, опишувајќи ја како „злобно и нелојално“ растение. За Филип, единствената прифатлива сорта била ноарјен (Noiriens), денес позната како пино ноар (Pinot Noir).

Селаните ја сакале сортата гаме бидејќи рано зреела и давала голем принос, но Филип сакал мали количини вино со висок квалитет, за што пино ноар е многу посоодветна сорта. Така останало до денес: гаме е непожелна во Бургундија и се користи само за најевтините вина, додека пино ноар ужива огромен углед ширум светот.

Една од основните лекции за виното е дека некои сорти грозје се подобри од другите.

Љубителите на вино често имаат своја омилена, но и најмалку омилена сорта. Во овој поглед, Филип Смелиот бил далеку пред своето време. Повеќето конзументи на вино почнале да обрнуваат внимание на сортите грозје дури многу подоцна.

За тоа, Американците можат да му заблагодарат на Френк Шунмејкер. Во 1940-тите години, тој дошол до идеја калифорниските вина да се означуваат според сортата, наместо да им се даваат лажни француски имиња, како на пример „Hearty Burgundy“ или „Mountain Chablis“. 

Било потребно време, но денес ова е вообичаениот начин на класифицирање на вината. Според Шунмејкер, постои хиерархија на сорти, при што на врвот, се разбира, се големите француски сорти.

Во својата книга „Американски вина“ (American Wines), напишал:

„Во светот постојат само околу 30 или 40 врвни сорти грозје, а само десетина од нив се способни да дадат одлично вино. Никогаш не е направено навистина извонредно вино од сорта со послаб квалитет.“

Накратко, некои сорти се добри, други - не ги бива.

Во 1980-тите и 1990-тите години, француската влада ги поттикнувала лозарите во регионот Лангедок да се ослободуваат од сортите карињан (Carignan) и сенсо (Cinsault) и да ги заменат со сорти како сира (Syrah) или каберне совињон (Cabernet Sauvignon).

Логиката е јасна. Сира се продава добро, додека традиционалните сорти, слично на Гаме, даваат голем род но со просечен квалитет.

Оние што одгледуваат растенија во домашни услови добро ја познаваат оваа појава. На пример, при одгледување домати, некои сорти даваат огромни количини плодови, но со многу слаб вкус.

Винскиот критичар Хенри Џефрис (Гардијан, Спектатор, BBC...) тврди дека и сорти како „сенсо“, ако правилно се ракуваат, можат да создадат вистинска магија.

„Тоа не значи дека сите сорти грозје имаат ист вкус, ниту пак дека некои од нив, генерално гледано, не се поинтересни од другите. Постои добра причина зошто сортата ризлинг е толку високо ценета. Но, местото каде што расте грозјето и намерите на лозарот се исто толку важни. А тоа е уште пред воопшто да стигнеме до самиот процес на производство на вино“, пишува тој.

Авантуристичкиот дух понекогаш завршува во ќорсокак. Како на пример „“пинотаж“ (Pinotage), создаден со вкрстување на сортите Пино и Сенсо, со цел да се спојат префинетоста на првата и високиот принос на втората.

„Наместо тоа, вообичаено е да се добие вино со ароми на ацетон или изгорен диск од кочница“, вели познавачот.  

Сепак, признава и дека нашол Пинотаж (од винаријата „Spioenkop“) без никаков траг од кочење.

Џефрис пишува дека идејата за „чистота“ на сортите грозје е донекаде мит. И покрај декретите на Филип, во Бургундија се одгледувале многу повеќе сорти од само Пино Ноар и Шардоне. Така е и денес кога можат да се најдат огромни хектари засадени со сортата Аликанте Буше (Alicante Bouschet).

„Ако мислите дека сортите како Гаме или Сенсо се добри само за правење евтино, неквалитетно вино, тогаш време е повторно да им дадете шанса“, порачува винскиот критичар. 

15 октомври 2026 - 13:55