Има две невистини во целиот случај:
Како прво, изјавата не е „Ако немаат леб, нека јадат колачи“ туку „Ако немаат леб, нека јадат бриош“ (Qu’ils mangent de la brioche).
Второ, со векови тоа масовно ѝ се припишува на Марија Антоанета, последната француска кралица пред Француската револуција. Според легендата, тоа била нејзина реакција кога дознала дека француските селани умираат од глад а обично служи да се опише бахатоста и недостатокот на емпатија кај кралските семејства, аристократијата и поопшто, оние кои се на власт.
Меѓутоа, историчарите немаат најдено ниту еден доказ дека кралицата Антоанета го има кажано тоа или нешто слично кое би ја покажало нејзината бездушност кон сиромашните. Што е, е: сакала таа луксуз и раскош, била обвинувана дека има проневерено кралски накит, но нејзините писма до роднините во Австрија кои ги има праќано за време на страшниот недостаток на леб, укажуваат на нешто спротивно од митот за колачите - дека не ѝ било сеедно за здравјето и животите на селаните.
Вака има пишувано:
„Сосема е јасно дека луѓето кои нас нè третираат толку добро наспроти сопствената несреќа, заслужуваат да се потрудиме повеќе од кога било тие да бидат посреќни. Верувам дека кралот тоа го разбира“.
За време на Француската револуција, Антоанета е осудена на смрт со гилотина заради велепредавство и други дела со кои револуционерите ја имаат натоварено. Во ксенофобното општество ја обвинувале заради нејзиното австриско потекло и за помагање на непријателите во Австрија.
Од каде тогаш она „нека јадат колачи“? Изјавата е извлечена од записите на Жан- Жак Русо кој во шестата книга на своите „Исповеди“ има напишано дека тоа го рекла „големата принцеза.“ Речиси сто години по нејзината смрт, некои книжевници и новинари во Франција толкуваат дека Русо зборувал за Марија Антоанета.
Своите „Исповеди“ Русо ги завршува во 1769 година, време во кое Антоанета навистина била принцеза. Но, имала само 14 години и воопшто не била во Франција туку во Австрија и не можела да има никаква врска со социјалните проблеми во Франција.
Марија Антоанета е погубена во 1793 година, јавно, пред преполниот плоштад на револуцијата. За нејзиниот карактер веројатно попрецизно сведочат нејзините последни зборови:
„Извинете господине, не беше намерно“.
Зборовите биле упатени кон нејзиниот џелат, откако несакајќи го нагазнала својот егзекутор.