Секс во тава (Sex in a pan)

Интересен наслов, но не го смислив јас! :)))

Потребни состојки:

  • 120гр ореви
  • 60гр шеќер
  • 120гр путер
  • 180гр брашно
  • 250гр крем сирење
  • 120гр шеќер во прав
  • 500мл слатка павлака
  • 1 чоколаден пудинг
  • 1 ванила пудинг
  • темно чоколадо

Многу ми е интереен фактот што мајка ми ми се јавува стално кога не ми е тука паметот за разговор, а што е најинтересно, повеќето од разговорите секогаш ни се состојат за храна. Пред три минути ми се јави и муабетот одеше вака:

Мајка ми: Што правиш?

Јас: Еве маки, пишувам рецепт!

М: Мхм, добро. Јас да ти кажам што све имам направено за во недела (роденден на сестра ми).

И набројува, набројува..а мене паметот на рецептов.

Ј: Добро маки, супер, ќе пробаме. Ај се гледаме.

Пред неколку дена ми се јавува додека сум на работа во најголема гужва:

М: Каааај си бе ќерко? (со радост во гласот)

Ј: Мајко, многу работа имам, може да се чуеме покасно? (со телефонот на рамо и мешам три тави паралелно)

М: Ааа добро тогаш, него, најдов еден рецепт ама не знаеш колку е добар, мора да го направиш. Значи оди вака, 300гр брашно.....

Ј: Мамо, работам! Ќе ти се јавам!

М: Добро, добро, само посети ја оваа веб страна (и ми кажува некое име)

Неколку дена подоцна пробав да ја најдам страната и така барајќи налетувам на овој рецепт кој ме привлече по своето име "Sex in a pot". Еј, си велам, морам да го направам!

Го направив, го пробав и мислам дека сега ви е на вас редот за секс во тава :)

Чекори за подготовка:

  1. Вклучете ја рерната на 180 степени.
  2. Земете длабока тава или оној стаклен огноотпорен сад и премачкајте со путер. Тавата да не биде многу широка.
  3. Во еден сад за матење ставете ги путерот (исецкан на коцки), оревите (крупно исецкани), брашното и шеќерот.

  4. Почнете да матите со миксер. Бидејќи путерот е тврд, можете или да го оставите малце на собна температура или да бидете упорни како мене и да направите лом во кујна. Ќе добиете една смеса по структура како песок. Ставете ја во тавата.

  5. Истапкајте ја со раце рамномерно насекаде. Ставете ја да се пече 20 минути, извадете ја и оставете да се олади.

  6. Додека се лади тестото, во друг сад за матење направете шлаг од павлаката и оставете го на страна. Во уште еден сад ставете го крем сирот и шеќерот во прав. Матете додека не се соединат и на крај додадете два големи зафати со супена лажица од шлагот. Матете уште малце.

  7. Овој крем ќе го ставите на изладеното тесто.

  8. Ставете го во фрижидер додека го правите пудингот. За да не се мачите како мене, со обичен пудинг што мора да го вариш и да чекаш да се олади, земете си од оние пудинзи што одма се прават со ладно млеко. Еден ванила, еден чоколаден.

  9. Извадете ја тавата од фрижидер и ставете го чоколадниот пудинг.

  10. Потоа ставете го пудингот од ванила.

  11. И на крај ставете го остатокот од шлагот што го измативте, а врз него ќе изрендате темно чоколадо.

  12. Оставете го во фрижидер неколку саати. Знам, и мене најмногу ме нервира овој дел на чекање! Откако убаво ќе се олади исечете го на еднакви коцки и послужете. Со ова, официјално сте направиле секс во тава! :))

Хинт:

Не сечете големи коцки, може да ви дојде премногу! :)
11 ноември 2016 - 14:03