Потребни состојки:
- 2 1/2 кутии орео колачиња
- 150 г путер
- 400 г крем сирење
- 150 мл кондензирано млеко
- 2 ќесички ванилин шеќер
- 1 лажица какао
Заврши летото, време е да ја започнеме новата сезона на готвење. Верувам дека имавте прекрасно лето и го поминавте одморот најдобро што можете.
Мојот одмор се состоеше од два различни дела. Првиот беше од три дена, кои патем ги земав за Галичка свадба, за да им помогнам на родителите во хотелот во Галичник, а вториот беше пет дена во Охрид, поточно во Љубаниште, заедно со сестра ми и внук ми. Овие пет дена си поминав најпрекрасно. При самото доаѓање, уморни од патот од 4 и пол саати, небаре до Платамона патувавме, но разбирливо бидејќи сепак бевме со дете, а и правењето на патот до Охрид имаше удел во истото, се сместивме, се средивме и испивме и изедовме сè што имавме купено за 4 дена. Па кој го прави тоа бе?! Како и да е, превозбудени, сабајлето нормално решивме да тргнеме на плажа. Почнавме да ги пакуваме сите реквизити што ни беа потребни, како на пример две гуми за внук ми (НАДУВАНИ), мало столче за на плажа за него, чадор, 8 гумено-стиропорни коцки што се склапаат како сложувалка (ги има по игротеки), ранецот на внук ми, мојата торба со пешкири и, се разбира, мускулите на внук ми. Сите овие работи ги носев јас, ЈАС ги носев секое сабајле, а сликата како тоа изгледаше е незаборавна. Притоа, сестра ми се правдаше дека го носи детето во раце, а детето си одеше само, а она единствено што имаше во рацете беше телефонот, со што успеа сето ова да го евидентира во едно кратко видевце и да ми се смее!
Кога ѝ објаснував на сестра ми колку е блиску плажата, моите зборови беа „Значи плажата ти е пред нос“. Кога сестра ми ме гледаше онака натоварена, ми враќаше со исто „Значи стварно ни е пред нос“. Леле колку не беше! Ама, ај добро, сè за внукот!
Од време на време нè фаќаше мала криза за благо, ама тогаш немав нешто голема желба да се кашкам во кујна, па затоа денес мислам дека дојде правото време за овој перверзно добар чизкејк!
Чекори за подготовка:
- Отворете ги пакетчињата орео и секое колаче ќе го одвоите од кремот, ќе го исчистите и ќе ги ставите во посебни садови. Самиот бисквит во рачен блендер, а кремот во сад, каде што ќе ги додадете другите работи.
- Растопете го путерот.
- Трошките од бисквитот ставете го во некој сад, додадете го путерот и промешајте ја убаво смесата. Одберете сад во кој ќе го правите чизкејкот и распределете ја целата смеса подеднакво.
- Во садот каде што го ставивте кремот од колачите, ставете го крем сирот и матете со средна брзина. Полека додадете го кондензираното млеко и двете ќесички ванилин шеќер. Матете добри 10 минути додека не добиете добра густина. Смесата префрлете ја врз подлогата во садот.
- Вака подготвено го ставате во фрижидер 3-4 саати, а најдобро е да се јаде утредента. Јас не издржав, ниту пак тие на кои им послужив. Ја пресеков после еден саат и ја пробавме. Пре-до-бра! Уживајте!