Некои жени сакаат нешто да ни кажат за неплодноста

За следниот пат кога ќе ви текнат прашања од најглупата категорија „кога ќе раѓаш?”, или бетер, кога ќе чуете дека некој се мачи и баш вие ќе имате нешто да кажете на темата.

Не, не сакаат медицински да ни објаснуваат, за тоа има Википедија. Сакаат да бидат разбрани.

1. Доста ни кажувате „колку имаме среќа” што можеме да се наспиеме, или да излеземе кога сакаме. МНОГУ би сакала да ме разбуди бебе во сред ноќ. Нема ништо „среќно” во неплодност.

2. Мразам кога ќе ми кажат „опушти се и ќе се случи”. Не функционира така. Три години неплодност, еден куп лаборатории, скенирања и инвазивни тестови и една голема, дебела дијагноза. Опуштањето нема да ми создаде повеќе јајце клетки или да ја запре пред-менопаузата.

3. Ако „позитивноста” правеше бебиња, немаше да ми требаат апчиња, две операции, солзи, спонтан и над четири години обидување да забременам.

4. Отварање пред роднини и пријатели е тешко, носи еден куп непоканети совети и луѓе што се трудат да не го спомнат тоа затоа што е претешко или премногу непријатно за дискусија.

5. Поддршката е многу важна. Само да се јавиш и да речеш, „Те мислам, тука сум ако треба нешто,” или „Не знам што да кажам, ама да знаеш дека сум тука.” многу значи.

6. Да решиш дека ќе живееш без деца не е откажување или кукавичлук. Тоа е сосема валиден избор што паровите го прават од емотивни, лични и финансиски причини. Во ред е да се избереш себеси.

7. Ако тебе ти требале само три месеци да зачнеш, не значи дека ја разбираш битката кога се потребни години.

8. Посакувам луѓето да разбираа колку е скапо да се обидуваш да забремениш. Поминав илјадници тестови, чудотворни трикови, апликации, книги и на крај репродуктивен ендокринолог пред да го родам син ми.

9. Доста со „што не си посвоите?” Посвојувањето е скапа работа и дури и да можеш да си го дозволиш, не ти се гарантира дека ќе добиеш дете. Не е едноставно како само да треба да те стават на некој список неколку месеци. Често се случува со години да се надеваш и да не успее на крај и уште полошо да ти биде.”

10. Секој ден што поминува значи дека си еден ден постара, што го прави зачнувањето уште потешко. Се обидувам да не размислувам така, но секој преглед ми викаат дека сега ќе имам „геријатриска бременост” и ме потсетуваат на уште едно нешто што не можам да го контролирам и ми го оддалечува сонот уште повеќе.

11. Неплодноста не е проблем само „на постари”. Јас и мојот сопруг имавме 22 и 26 кога кај него дијагностицираа неплодност. Сега сме успешно бремени со ин витро (и уште 4 замрзнати ембриони), но ако чекавме до после 30, ќе немавме опции. И да не сакаш дете во моментов, не е лошо да отидеш на доктор и да бидеш сигурен дека имаш повеќе опции.

12. Само затоа што сум млада, не значи дека помалку ме боли. Имам 16 години, но кажано ми е дека тешко дека некогаш ќе имам деца. Сите велат „многу си млада, тоа не ни битно сега”, но тоа што знам дека најверојатно никогаш нема да имам мини-јас ме боли повеќе отколку што сум можела да замислам.

13. Многу ја мразам претпоставката дека ако си во хомосексуална врска, „треба да си посвоиш.” Желбата да бидам бремена и да имам дете уште постои. Не престанува затоа што сум во врска со жена. Биолошкиот часовник ми ЛУПА.

14. Би сакала луѓето да разберат дека неплодноста е длабоко личен проблем и дека понекогаш не ти се зборува за тоа. Не ги споделував овие работи ни со најблиските додека конечно не забременив.

15. Луѓето мораат да престанат да прашуваат кога жената планира да има бебе. Една од најтешките работи додека се обидувавме со сопругот беше што моравме да трпиме прашања „Кога ќе раѓате?” или „Сакате деца?” Сакав само да вреснам, „Сакаме, во ред?! Но, моето тело не функционира како што треба. А сега мрш од мојата матка и бркај работа!”

16. Неплодноста не влијае само на тие што се обидуваат да забременат. Додека бев сингл, на 22 дознав дека ќе ми треба лекарска помош да забременам. Најстрашно е да бараш партнер кој нема да се исплаши, туку ќе го прифати заедничкиот предизвик.

17. Немојте со „ако треба да биде, ќе биде.” Од шестгодишна возраст, секој ден замислувам како имам мое бебе, а изгледа „не треба да биде”.

18. Аман, немојте со приказни за чуда. Не помагаат и прават да се чувствуваме уште понеадекватно.

извор

26 ноември 2019 - 00:00