Јавно здравје без импакт фактор

Паралелно со владиниот наплив на рационализам, упорно бранетата потреба од објективни вреднувања, научни верификации и слични просветителски идеи, во процедура оди еден закон кој а) се однесува за здравјето на луѓето и б) во кој нема да најдете ни ш од импакт фактор. Зошто ш? Затоа што ш е за шашми.

"Предлог - закон за комплементарна и алтернативна медицина" е насловот на ова круцијално парче регулатива чиј предлагач е Владата ма РМ а пуштен е во Собрание 6 дена пред завршување на 2014-та година.

Прво, бидете подготвени овој закон да го кошта буџетот онолку колку што треба за да биде отворен -  што? Центар за традиционална кинеска медицина! Во Штип, јер тоа со векови му фалеше на овој град на кој само уште ваков центар му фали.

Второ, со предлог законот се легализира начинот на кој со нашето здравје ќе може да биде третирано со некој од следниве методи:

"Моксибустија"  -  термичка стимулација и загревање на акупунктурните точки или меридијаните со помош на див пелин.

 „Медицинско купирање" -  дополнителна техника на акупунктурата што се состои од поставување на различни видови на чаши (вендузи) на соодветни точки и меридијани со што се предизвикува вакум и локална конгестија на ткивото во терапевтски цели.

„Guasha (Гуаша)"  - древна техника на кинеската медицина, каде со соодветен инструмент, по одредени принципи се повлекува по должина на меридијаните, колатералите и акупунктурните точки, при што врз основа на бојата и локацијата на sha (ша) феноменот, односно пурпурната боја на кожата се одредува болеста и сериозноста на патогениот фактор;

 „Ајурведа" - традиционален начин на лекување во Индија, кој дава подеднаква важност на физичкото и менталното здравје, древна хербална медицина која применува ретки и делотворни растенија за изготвување на билни лекарства, кој опфаќа земање на анамнеза, вршење на општ физички преглед, преглед на јазикот, очите, кожата, увото, пулсна дијагностика (Nadji vighjana-Наџи Виџана), како извор на информациите за физичката состојба и состојбата на свеста, испитување на тактилни и слушни функции, информации за животниот простор (Vastu-Васто). Превенцијата и третманот се засноваат на одредена дневна рутина во согласност со prakrti (пракрти), вежби на медитација, техники на дишење (Pranajama-Пранајама), јога asanama (асанама), исхрана, редовни и умерени физички вежби, повремено земање на ајурведа додатоци на исхрана и сезонско чистење на организмот (Panchakarma-Панчакарма) со цел да се воспостави рамнотежа во телото на човекот помеѓу трите базични енергии Vata (Вата) што значи ветер, Pitta (Пита) што значи оган и Kapha (Кафа) што значи земја.

Овој предлог закон, чии чакри ги брани надлежниот министер Никола Тодоров, исто така ги предвидува и овие начини за легитимно лечење на гласачкото тело:

Апитерапија, Арома-терапија, Чи Гонг вежби, Духовна енергетска медицина; Енергетска терапија-Реики; Детекција на штетни зрачења; Јога вежби; Семеен распоред (Фенг Шуи); Тај Чи Чуан вежби; Макробиотика и Традиционална домашна медицина (позната како баба Рада).

Стручњаците од гренаведените области ќе треба само да извадат лиценца за работа при што не се потребни никакви издадени трудови во Web of Science и после поштено да го полнат буџетот со плаќање данок.

И дец ит!

Ако сте изненадени од овој потег, вежбајте пранајама дишење, ако сте изнервирани што ваков закон доаѓа среде жестоките дебати за неопходни проверки на знаењата, ставајте си загреани чаши на плешките, а ако просто не ви се верува - кликнете овде.

Во продолжение, интегралниот текст на предлог законот:


ПРЕДЛАГАЧ: Владата на Република Македонија

ПРЕТСТАВНИЦИ:
Никола Тодоров, министер за здравство,

и

м-р Јовица Андовски, заменик на министерот за здравство

ПОВЕРЕНИЦИ:
Насуф Ипчја, државен секретар во Министерството за здравство
и
Татјана Васиќ Бозаџиева, државен советник во Министерството за здравство

ПРЕДЛОГ - ЗАКОН
за комплементарна и алтернативна медицина

Скопјe, декември 2014 година

ВОВЕД

I. ОЦЕНА НА СОСТОЈБИТЕ ВО ОБЛАСТА ШТО ТРЕБА ДА СЕ УРЕДИ СО ЗАКОНОТ И ПРИЧИНИ ЗА ДОНЕСУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ

Комплементарната и алтернативната медицина опфаќа методи и постапки за дијагностика, лекување и рехабилитација, кои благотворно делуваат или би можеле благотворно да делуваат на човековото здравје или неговата здравствена состојба, а кои согласно медицинската доктрина не се опфатени во здравствените услуги согласно медицината заснована на докази. Комплементарната и алтернативната медицина опфаќа терапии кои се со различна филозофска основа од конвенционалната медицина и коишто спроведуваат поинакви процеси на дијагностика и третман од конвенционалните со цел подобрување и зачувување на физичкото, емотивното и менталното здравје на луѓето, виталноста на телото и духот.

Во литературата е објаснето дека историски, модерната медицина настанала врз основа на претпоставката дека умот и телото се одвоени. Болестите според модерната медицина се „механички" нарушувања и овие нарушувања и симптомите што тие нарушувања ги предизвикуваат се третираат. Комплементарната медицина има за цел да ја третира целата личност, а не само симптомите.

Комплементарната медицина укажува на можноста одредени комплементарни системи и практики да се користат како дополнување и заедно со тераписките процедури на медицината заснована на докази. Пример за комплементарна медицина е користење на ароматерапијата која се користи за да му го олесни закрепнувањето на пациентот по извршена хирушка интервенција. Алтернативната медицина опфаќа третмани кои се користат наместо страндардните третмани базирани на научни докази од истражувачки студии. Пример за алтернативна терапија е користење на специјален диететски режим на исхрана во третманот на канцерот наместо извршување на хирушка интервенција, хемотерапија и радиотерапија.

Примери на системи на алтернативна медицина кои се развиле во западната култура се хомеопатската медицина и натуропатската медицина. Примери на вакви системи кои се развиле во другите култури се традиционалната кинеска медицина и ајурведа.

Оттука, терапии за комплементарна и алтернативна медицина, меѓу повеќето, се акупунктура и традиционална кинеска медицина (ТКМ), фитотерапија (терапија со билки и чаеви), хомеопатија, остеопатија, натуропатија, киропрактика и ајурведа.

Министерството за здравство оцени дека уредување на прашањата поврзани со постоењето и користењето на различните форми на комплементарна и алтернативна медицина (во натамошниот текст: КАМ) преку донесување на посебен закон е потребно од следните причини:
• да се идентификуваат и дефинираат „дисциплините" на КАМ кои ќе бидат дел од здравствениот систем на Република Македонија;
• да се утврдат услови под кои „дисциплините" на КАМ ќе можат да бидат практикувани, односно користени;
• да се утврди видот и степенот на стручната подготовка, односно да се утврдат образовните квалификации кои лицето кое сака да практикува некоја од „дисциплините" на КАМ треба да ги поседува;
• да се создаде механизам што ќе му овозможи на пациентот да биде заштитен од неквалификувани поединци, да му се гарантира максимум безбеден третман, како и да му се овозможи да го оствари правото да избере третман врз основа на точни и целосни информации;
• да се утврди дали лицата кои сакаат да практикува некоја од „дисциплините" на КАМ треба да членуваат во некоја професионална организација или комора и да бидат обврзани на континуирана едукација;
• да се уреди прашањето на надоместување на трошоците направени со користење на некоја од „дисциплините" на КАМ.

Утврдувајќи ја потребата од создавање на законска рамка во која ќе се практикуваат и користат различните форми на КАМ, Министерството за здравство изготви предлог закон за комплементарна и алтернативна медицина. Предлог решенијата се темелат на компаративни анализи за правниот статус и начинот на регулирање на КАМ во Европа и други држави надвор од Европа, богатата литература за сите аспекти на различните форми на КАМ и ситуацијата во Република Македонија со користење на неколку вида на КАМ.

II. ЦЕЛИ, НАЧЕЛА И ОСНОВНИ РЕШЕНИЈА

Со овој закон се уредува областа на комплементарна и алтернативна медицина (во натамошниот текст: КАМ) и се уредуваат видовите на КАМ, лицата кои ќе применуваат КАМ, методите и постапките на КАМ, здруженијата за КАМ и надзорот над примената на КАМ.

Овој закон ја воспоставува рамката за професионално практикување на комплементарната и алтернативната медицина и се однесува на сите кои практикуваат методи и постапки на комплементарната и алтернативната медицина опфатени со овој закон.

III. ОЦЕНА НА ФИНАНСИСКИТЕ ПОСЛЕДИЦИ ОД ПРЕДЛОГОТ
НА ЗАКОН ВРЗ БУЏЕТОТ И ДРУГИТЕ ЈАВНИ ФИНАНСИСКИ СРЕДСТВА

Предлог законот повлекува обврска за обезбедување средства од Буџетот на Република Македонија за формирање на Центарот за традиционална кинеска медицина со седиште во Штип, во рамки на разделот-Министерство за здравство.

IV.ПРОЦЕНА НА ФИНАНСИСКИТЕ СРЕДСТВА ПОТРЕБНИ ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ, НАЧИН НА НИВНО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ, ПОДАТОЦИ ЗА ТОА ДАЛИ СПРОВЕДУВАЊЕТО НА ЗАКОНОТ ПОВЛЕКУВА МАТЕРИЈАЛНИ ОБВРСКИ ЗА ОДДЕЛНИ СУБЈЕКТИ

Законот повлекува обврска за обезбедување на финансиски средства од Буџетот на Република Македонија за формирање на Центарот за традиционална кинеска медицина со седиште во Штип, во рамки на разделот-Министерство за здравство.
ПРЕДЛОГ - ЗАКОН ЗА КОМПЛЕМЕНТАРНА И АЛТЕРНАТИВНА МЕДИЦИНА

I. ОПШТИ ОДРЕДБИ

Предмет на уредување

Член 1
(1) Со овој закон се уредуваат прашањата кои се однесуваат на системот, организацијата и примената на методите и постапките на комплементарната и алтернативната медицина, лицата кои применуваат методи и постапки на комплементарна и алтернативна медицина, установи за комплементарна и алтернативна медицина, Центарот за традиционална кинеска медицина, квалитетот на методите и постапките на комплементарната и алтернативната медицина, Комората за комплементарна и алтернативна медицина, лиценцата за работа, стручниот надзор над работата на практичарите на комплементарна и алтернативна медицина и други работи кои се однесуваат на комплементарна и алтернативна медицина.
(2) Овој закон ја воспоставува рамката за професионално применување на комплементарната и алтернативната медицина и се однесува на сите кои применуваат методи и постапки на комплементарната и алтернативната медицина опфатени со овој закон.

Дефиниција на комплементарна и алтернативна медицина и на методи и постапки на комплементарна и алтернативна медицина

Член 2
Комплементарната и алтернативната медицина (во натамошниот текст: КАМ) во смисла на овој закон, опфаќа различни методи и постапки за дијагностика, лекување и рехабилитација кои согласно важечката медицинска доктрина не се опфатени во здравствените услуги согласно медицината заснована на докази и кои не ги третираат само симптомите што ги предизвикуваат болестите, туку имаат за цел да ја третираат целата личност на човекот и причините за настанување на болестите, се фокусираат на енергијата на неговото тело и нејзиното влијание врз човековото здравје и болеста, исцелителната моќ на приридата и моќта на телото да ги мобилизира сопствените ресурси за да се излечи.

Дефиниции на поими

Член 3
Одделните изрази употребени во овој закон го имаат следното значење:
1. „КАМ систем" е организиран систем кој опфаќа теоретско знаење, образование, стручно усовршување и примена на КАМ методите и постапките;
2. „КАМ метода и постапка" е пристап на КАМ практичарот со цел да го подобри здравјето на корисниците на неговите услуги;
3. „КАМ практичар" е лице кои ги применува КАМ методите и постапките согласно овој закон;
4. „Корисник на КАМ услуги" е лице, болно или здраво, кое ќе побара или на кое му се даваат услуги од КАМ со цел за зачувување и унапредување на здравјето, спречување на болести и други здравствени состојби, лекување или рехабилитација;
5. „Лиценца за работа" е јавна исправа која ја докажува стручната обученост на лицето кое дава услуги од КАМ за давање на такви услуги;
6. „Дозвола за работа" е јавна исправа која докажува дека установата која дава услуги од КАМ ги исполнува условите за давање на такви услуги;
7. „Истражувања во областа на одредена КАМ метода и/или постапка" се истражувања за безбедноста и ефикасноста на КАМ методите и постапките за дијагностика, лечење и рехабилитација;
8. „Традиционална кинеска медицина" е традиционален начин на лекување во Кина, кој опфаќа акупунктура, моксибустија, кинески билки, кинеска масажа (tuina-туина), правилна исхрана (нутриционизам), Qi Gong (Чи Гонг) и дополнителните техники на медицинско купирање и Guasha (Гуаша) и се заснова на концептот на дуализам Jin-Jang (Јинг-Јанг) (пасивен принцип-активен принцип), на принципот на пет елементи (вода, земја, оган, метал и дрво), на енергијата Qi (Чи) која ги придвижува сите процеси во човечкото тело и природата и верувањето дека човекот е здрав кога во неговото тело силите Jin-Jang (Јинг-Јанг) се во рамнотежа, а болеста настанува кога овие сили се во нерамнотежа која доведува до блокирање на течењето на виталната енергија по должина на патеките во телото познати како меридијани и преку користење на акупунктура, хербални лекови и масажа со цел да се врати рамнотежата помеѓу силите Jin-Jang (Јинг-Јанг);
9. „Акупунктура" е древна кинеска метода на лечење каде со поставување на акупунктурни игли на одредени места (аку-точки кои се наоѓаат на меридијаните, кои претставуваат енергетски проток на Qi (Чи) енергијата во организмот и кои ги поврзуваат акупунктурните точки и системот на внатрешни органи) се стимулира протокот на Qi (Чи) енергијата и крвта во организмот.
10. „Моксибустија" е термичка стимулација и загревање на акупунктурните точки или меридијаните со помош на див пелин во облик на стик или купа, кој влијае на каналите на црн дроб, бубрезите и слезината, со што се постигнува стимулирање на нервниот, имунолошкиот и ендокринолошкиот систем.
11. „Медицинско купирање" е дополнителна техника на акупунктурата што се состои од поставување на различни видови на чаши (вендузи) на соодветни точки и меридијани со што се предизвикува вакум и локална конгестија на ткивото во терапевтски цели заради подобрување на циркулацијата на крвта, подобрување на метаболизмот, на имунитетот, намалување на интензитетот на болка, регулирање на работата на мускулите и крвниот притисок;
12. „Guasha (Гуаша)" е древна техника на кинеската медицина, каде со соодветен инструмент, по одредени принципи се повлекува по должина на меридијаните, колатералите и акупунктурните точки, при што врз основа на бојата и локацијата на sha (ша) феноменот, односно пурпурната боја на кожата се одредува болеста и сериозноста на патогениот фактор;
13. „Хомеопатија" е правец во КАМ кој опфаќа КАМ методи и постапки на дијагностицирање и лечење во кои се користат многу мали концентрации на супстанци кои во поголеми концентрации предизвикуваат исти или слични симптоми во организмот како и самата болест, при што со лековите се настојува да се воспостави енергетска рамнотежа – хомеостаза;
14. „Ајурведа" е традиционален начин на лекување во Индија, кој дава подеднаква важност на физичкото и менталното здравје, древна хербална медицина која применува ретки и делотворни растенија за изготвување на билни лекарства, кој опфаќа земање на анамнеза, вршење на општ физички преглед, преглед на јазикот, очите, кожата, увото, пулсна дијагностика (Nadji vighjana-Наџи Виџана), како извор на информациите за физичката состојба и состојбата на свеста, испитување на тактилни и слушни функции, информации за животниот простор (Vastu-Васто). Превенцијата и третманот се засноваат на одредена дневна рутина во согласност со prakrti (пракрти), вежби на медитација, техники на дишење (Pranajama-Пранајама), јога asanama (асанама), исхрана, редовни и умерени физички вежби, повремено земање на ајурведа додатоци на исхрана и сезонско чистење на организмот (Panchakarma-Панчакарма) со цел да се воспостави рамнотежа во телото на човекот помеѓу трите базични енергии Vata (Вата) што значи ветер, Pitta (Пита) што значи оган и Kapha (Кафа) што значи земја.
15. „Киропрактика" е начин за отстранување на акутна или хронична болка во грбот и вратот, кој поаѓа од фактот дека различните дисфункции на ниво на 'рбетниот столб се причина за пореметувањата и со киропрактичарската манипулација (местење на 'рбетните пршлени односно меѓупршленските дискови и други зглобови, тетиви и мускули) се обновува биомеханичката рамнотежа на 'рбетниот столб и се воспоставува нарушената рамнотежа и функција на органските системи.
16. „Квантна медицина и сродни техники" е гранка на КАМ која ги обединува енергетските и модерните, комплементарни и алтернативни гранки на медицината, најсовремените достигнувања на биофизиката и квантната физика со познавањата на енергетските и електромагнетните полиња на човечкиот организам;
17. „Фитотерапија" е метода на превенција и лекување на болести со употреба на лековити билки или нивни делови (цвет, листови, корен и сл.), употреба на состојки (етерични масла, екстракти и други изолати), како и на чаеви, тинктури, масти, капсули и сл.

Начела на КАМ

Член 4
КАМ се заснова врз начелата на информиран избор на дијагностичко-терапевтска и рехабилитациона метода и/или постапка, комплементарност и координираност, професионални квалификации, квалитетен и сигурен здравствен третман и постигнување на високи стандарди за квалитет, ефикасност и ефективност.

Начело на информиран избор на дијагностичко-терапевтска и рехабилитациона метода и/или постапка

Член 5
Начелото на информиран избор на дијагностичко-терапевтска и рехабилитациона метода и/или постапка се остварува со обезбедување и правење достапни на информациите за безбедноста, квалитетот, ефективноста и можните ризици од примената на дијагностичко-терапевтските и рехабилитационите методи и/или постапки со цел секој поединец да го оствари своето право и слобода да избере метод и/или постапка на КАМ со која ќе биде лекуван или рехабилитиран.

Начело на комплементарност и координираност

Член 6
Начелото на комплементарност и координираност со докторите на медицина се остварува со соработка на КАМ практичарот со сите здравствени работници и здравствени соработници кои се вклучени во грижата за пациентот, заснована на етички и професионални вредности и одговорности.

Начело на професионални квалификации

Член 7
Начелото на професионални квалификации се остварува со утврдување на видот на образование и задолжителната дополнителна едукација како услов што КАМ практичарот треба да го исполни за да добие лиценца за работа за применување на одредена КАМ метода и/ или постапка со цел гарантирање за корисниците на КАМ методи и постапки дека истите се изведуваат со висок степен на одговорност, посветеност и компетентност, врз основа на професионални квалификации на КАМ практичарите, потврдено со сертификати, гарантирање на максимално ниво на безбедност за пациентите и заштита од неквалификувани поединци.
Начело на квалитетен и сигурен третман
Член 8
Начелото на квалитетен и сигурен третман се остварува со комплементарна примена на здравствени методи и постапкии упатување на користење на здравствена услуга согласно медицина заснована на докази секогаш кога тоа е потребно за доброто на пациентот и заради заштита на неговата благосостојба.
.
Начело на квалитет, ефикасност и ефективност

Член 9
Начелото на квалитет, ефикасност и ефективност се остварува со спроведување на научни истражувања во разни области на КАМ методите и постапките кои се прилагодени на специфичноста на секоја КАМ метода и/или постапка, во насока на постигнување на стандарди за квалитет, ефикасност и ефективност.

Видови на КАМ методи и постапки

Член 10
(1) Групите на КАМ методи и постапки кои се применуваат во смисла на овој закон се:
1) „алтернативни здравствени системи" како сеопфатни системи составени од теорија и пракса, кои се развиени независно од медицината базирана на докази, кои превенцијата, дијагностиката и лекувањето ја засноваат на третирање на телото, умот, душата, емоциите и околината во која престојува човекот со цел да ја третираат неговата целокупна личност наместо само поединечна функција или поединечен орган;
2) „методи на интеракција помеѓу умот и телото" како КАМ методи и постапки кои го зајакнуваат менталниот капацитет за да влијае врз функционирањето на телото;
3) „биолошки методи" како КАМ методи и постапки во кои превенцијата и лекувањето на болестите се заснова на користење на состојки со хранлива вредност, медицински растенија и микронутритиви;
4) „манипулативни (рачни, мануелни) и методи засновани на третман на телото" се методи во кои превенцијата и лекувањето на болестите се заснова на поместување на делови од телото, и
5) „енергетски методи" се методи кои даваат ефект преку влијание врз биополето, кое треба да претставува делумно кохерентно биоелектрично поле на организмот, кое ја рефлектира неговата биолошка состојба.
(2) КАМ системите и КАМ методите и постапките од став (1) на овој член се утврдуваат во листа која ја донесува министерот за здравство.
(3) По донесувањето на листата од ставот (2) на овој член Министерството за здравство е должно веднаш да ја објави на веб страницата на Министерството и во „Службен весник на Република Македонија".

Методи и постапки на КАМ за дијагностика, лечење и рехабилитација

Член 11
(1) КАМ методите и постапките од член 10 став (1) од овој закон, можат да се применуваат како методи и постапки на дијагностика и лечење и методи и постапки на рехабилитација.
(2) Методи и постапки на дијагностика и лечење од ставот (1) на овој член, особено се:
1) Традиционална кинеска медицина;
2) Хомеопатија;
3) Традиционална индиска медицина-Ајурведа;
4) Фитотерапија;
5) Квантна медицина и сродни техники;
6) Киропрактика и примената кинезиологија.
(3) Методи и постапки на рехабилитација од ставот (1) на овој член, особено се:
1) Апитерапија;
2) Арома-терапија;
3) Чи Гонг вежби;
4) Духовна енергетска медицина;
5) Енергетска терапија-Реики;
6) Детекција на штетни зрачења;
7) Јога вежби;
8) Семеен распоред (Фенг Шуи);
9) Тај Чи Чуан вежби;
10) Макробиотика;
11) Традиционална домашна медицина.
.

Услови за примена на КАМ методи и постапки

Член 12
(1) Дозволени се само КАМ методите и постапките кои:
1) не штетат на здравјето;
2) не ги одвраќаат корисниците од користење на здравствените услуги согласно на медицината заснована на докази , и
3) се изведуваат во согласност со меѓународно признатите стандарди на КАМ методата и /или постапката.
(2) КАМ методите и постапките можат да ги вршат лица кои имаат лиценца за примена на методите и постапките на КАМ (во натамошниот текст: лиценца за работа), која ја издава Комората на КАМ практичари.
(3) За својата работа лицата кои ги применуваат КАМ методите и постапките се стручно, етички, казнено и материјално одговорни.

Јавен интерес

Член 13
(1) Услугите од КАМ на примена на КАМ методи и постапки се даваат како јавни услуги.
(2) Услугите од КАМ ги даваат физички лица кои ги исполнуваат условите од овој закон и кои поседуваат лиценца за работа.
(3) Услугите од КАМ се даваат во установи регистрирани за давање на услуги од КАМ и во здравствени установи, на кои им е издадена дозвола за работа.

Надомест на трошоци за користење на КАМ услуги

Член 14
Услугите од КАМ и лековите препишани од страна на КАМ практичари, корисниците на овие услуги ги плаќаат со лични средства и немаат право на надоместок на трошоци од страна на Фондот за здравствено осигурување на Македонија.

II. ЛИЦА КОИ ПРИМЕНУВААТ КАМ МЕТОДИ И ПОСТАПКИ

Услови да се биде КАМ практичар

Член 15
(1) Методите и постапките на традиционалната кинеска медицина (во натамошниот текст: ТКМ) ги применува физичко лице кое ги исполнува следните услови:
-има завршено високо образование од областа на медицината, односно фармацијата или има завршено вишо или високо стручно образование со најмалку 180 ЕКТС од областа на медицината;
-има положен стручен испит за здравствени работници согласно прописите од областа на здравствената заштита;
-поседува сертификат за завршен курс/ обука за вршење на методите и постапките на ТКМ .
(2) Методите и постапките на ТКМ, покрај лицето од став (1) на овој член, може да ги применува и физичко лице кое има завршено високо образование од областа на ТКМ на еден од светски реномираните универзитети за ТКМ, односно на универзитетите во Република Македонија или има завршено тригодишни стручни студии по ТКМ од прв циклус на високо образование.
(3) Курсот/обуката од став (1) алинеја 3 на овој член согласно препораките содржани во Упатството за основна обука и безбедност во акупунктурата на Светската здравствена организација, за вршење на акупунктура и сродни техники од страна на лице со високо образование од областа на медицината или фармацијата опфаќа 1500 часови теоретска и клиничка пракса за акупунктура, односно 2500 часови теоретска и клиничка пракса за акупунктура кога се врши од страна на лица со завршено вишо или високо стручно образование со најмалку 180 ЕКТС од областа на медицината.
(4) Како курс/ обука за вршење на методите и постапките на ТКМ од став (1) алинеја 3 на овој член се сметаат и:
-обуки/курсеви од областа на ТКМ спроведени од страна на универзитети од Народна Република Кина;
-втор и трет циклус на високо образование од областа на ТКМ;
-завршени едногодишни специјалистички стручни студии по ТКМ во Република Македонија и/или во странство, и
-завршени двегодишни специјалистички студии по акупунктура во Република Македонија и/или во странство.
(5) Како светски реномирани универзитети за ТКМ од став (2) на овој член особено се сметаат следните универзитети:

1) Beijing University of Chinese Medicine (Универзитет за кинеска медицина во Пекинг);
2) Chengdu University of Traditional Chinese Medicine (Универзитет за традиционална кинеска медицина во Ченгду);
3) China Academy of Traditional Chinese Medicine (Кинеска академија за традиционална кинеска медицина во Ченгду;
4) Guangzhou University of Chinese Medicine (Универзитет за кинеска медицина во Гуангзоу);
5) Heilongjiang University of Chinese Medicine (Универзитет за кинеска медицина во Хеилонѓианг);
6) Nanjing University of Chinese Medicine (Универзитет за кинеска медицина во Нанџинг);
7) Shandong University of Traditional Chinese Medicine (Универзитет за традиционална кинеска медицина во Шандонг), и
8) Shanghai University of Traditional Chinese Medicine (Универзитет за традиционална кинеска медицина во Шангај).
(6) Методите и постапките на хомеопатијата ги применува физичко лице кое ги исполнува следните услови:
-има завршено високо образование од областа на медицината или од областа на фармацијата или од областа на стоматологијата, односно има завршено тригодишни стручни студии за медицинска сестра, односно за медицински техничар како високо стручно образование за медицински сестри, односно медицински техничари;
-има положено стручен испит за здравствени работници согласно прописите од областа на здравствената заштита; и
-поседува сертификат за завршен курс/обука по хомеопатија на една од светски реномираните школи за хомеопатија акредитирани од Европскиот комитет за Хомеопатија (European Committee for Homeopathy (ECH)) и/или од Централниот Совет за Хомеопатија на Европа (Central Council of Homeopathy of Europe ), кој опфаќа најмалку 600 часови теоретска и клиничка пракса согласно насоките издадени од Европскиот комитет за хомеопатија (European Committee for Homeopathy), односно издадени од Централниот Совет за Хомеопатија на Европа (Central Council of Homeopathy of Europe ).
(7) Како курс/обука по хомеопатија од став (6) алинеја 3 на овој член се смета и завршен втор и трет циклус на високо образование од областа на хомеопатијата.
(8) Методите и постапките на хомеопатијата, покрај физичкото лице од став (6) на овој член, ги применува и физичко лице кое ги исполнува следните услови:
-има завршено високо образование од областа на хомеопатијата на еден од светски реномираните високообразовни установи за хомеопатија кои се акредитирани од страна на надлежен орган на државата во која се основани;
-поседува сертификат од високообразовна установа-медицински факултет во Република Македонија акредитиран од страна на Одборот за акредитација и евалуација на високото образование во Република Македонија за спроведување на програма на стручно усовршување на лицата со завршено високо образование од областа на хомеопатијата и за издавање на сертификат за положени испити од оваа програма испити од прв циклус на студии по наставните предмети анатомија, физиологија, патологија, патофизиологија, инфективни болести и интерна медицина и
-има положено стручен испит за здравствени работници согласно прописите од областа на здравствената заштита за наставните предмети анатомија, физиологија, патологија, патофизиологија, инфективни болести и интерна медицина.
(9) Одборот за акредитација и евалуација на високото образование акредитира високообразовна установа -медицински факултет во Република Македонија која е должна да организира и спроведува програма на стручно усовршување на лицата со завршено високо образование од областа на хомеопатијата и да издава сертификат за положени испити од оваа програма. Програмата на стручно усовршување на лицата со завршено високо образование од областа на хомеопатијата опфаќа организирање и спроведување на настава по наставните предмети анатомија, физиологија, патологија, патофизиологија, инфективни болести и интерна медицина со број на часови согласно наставната програма од прв циклус на студии по општа медицина, како и организирање и спроведување на полагање на испити по овие наставни предмети.
(10) Министерот за здравство формира комисија пред која се полага стручен испит по завршена пробна работа по анатомија, физиологија, патологија, патофизиологија, инфективни болести и интерна медицина. Комисијата е составена од пет члена кои се доктори на наука од областа на медицината, односно фармацијата или од областа на стоматологијата, избрани во наставно-научно или научно звање. На членовите на комисијата им се определуваат заменици кои ги исполнуваат истите услови како и членовите на комисијата.
(11) Другите КАМ методи и постапки на дијагностика и лечење ги применува физичко лице кое ги исполнува следните услови:
-има завршено високо образование од областа на медицината или од областа на фармацијата или од областа на стоматологијата, односно има завршено тригодишни стручни студии за медицинска сестра, односно за медицински техничар како високо стручно образование за медицински сестри, односно медицински техничари;
-поседува сертификат за завршена дополнителна обука од областа на КАМ методата и/или постапката која ја применува и/или втор и/или трет циклус на високо образование од областа на КАМ методата и/или постапката која ја применува, и
-има положено стручен испит за здравствени работници согласно прописите од областа на здравствената заштита;.
(12) КАМ методите и постапките на рехабилитација, покрај лицата што ги исполнуваат условите од став 10) на овој член, може да ги применува и физичко лице кое:
-има завршено средно, вишо или високо стручно образование со најмалку 180 ЕКТС од областа на медицината,
-поседува сертификат за завршена дополнителна обука од областа на КАМ методата и/или постапката која ја применува и/или завршен втор и/или трет циклус на високо образование од областа на КАМ методата и/или постапката која ја применува, и
- има положено стручен испит за здравствени работници согласно прописите од областа на здравствената заштита.

Звање КАМ практичар

Член 16
(1) Звањето КАМ практичар може да го користи само лице кое ги исполнува условите од член 15 од овој закон.
(2) Звањето КАМ практичар се пишува по името и презимето на лицето кое е КАМ практичар.
(3) Титулата утврдена од страна на Комората на КАМ практичари за КАМ методата или постапката што ја применува КАМ практичарот, како и титулата утврдена со овој закон, се пишува по звањето КАМ практичар.
(4) Звање КАМ практичар по хомеопатија-доктор на медицина, односно КАМ практичар по хомеопатија-доктор на стоматологија, односно КАМ практичар по хомеопатија-фармацевт го користи КАМ практичарот кој има завршено високо образование од областа на медицината или од областа на фармацијата, односно од областа на стоматологијата, а звањето КАМ практичар-хомеопат го користи КАМ практичарот кој има завршено високо образование од областа на хомеопатијата на еден од светски реномираните високообразовни установи за хомеопатија кои се акредитирани од страна на надлежен орган на државата во која се основани.
(5) Звање КАМ практичар по хомеопатија-медицинска сестра, односно КАМ практичар по хомеопатија-медицински техничар го користи КАМ практичарот кој има завршено тригодишни стручни студии за медицинска сестра, односно за медицински техничар како високо стручно образование за медицински сестри, односно медицински техничари.

Кодекс на професионална етика на КАМ практичарите и стандардите на КАМ методите и постапките

Член 17
(1) КАМ практичарите ги применуваат КАМ методите и постапките согласно Кодексот на професионална етика и стандардите на КАМ методите и постапките.
(2) Стандардите на КАМ методите и постапките се правила за примена на КАМ методите и постапките, кои го утврдуваат професионалниот пристап за примена на секоја поединечна КАМ метода или постапка.
(3) Кодексот на професионална етика и стандардите на КАМ методите и постапките ги утврдува Комората, во согласност со министерот за здравствоф.

III. УСТАНОВИ ЗА КОМПЛЕМЕНТАРНА И АЛТЕРНАТИВНА МЕДИЦИНА

Установи за КАМ

Член 18
(1) КАМ методите и постапките се применуваат во установи за КАМ, основани согласно овој закон и прописите од областа на установите (во натамошниот текст: установа за КАМ).
(2) Установата за КАМ од став (1) на овој член може да применува КАМ методи и постапки врз основа на дозвола за примена на КАМ методи и постапки, што ја издава Министерството за здравство (во натамошниот текст: дозвола за работа).
(3) Дозволата за работа, имињата на КАМ практичарите, нивните лиценци за работа и ценовникот на услугите на установата за КАМ мора да бидат истакнати на јавно и видливо место во просториите на установата за КАМ .
(4) КАМ методите и постапките се применуваат во просториите на установата за КАМ.
(5) По исклучок од став (4) на овој член, на барање на корисникот на КАМ услугата или на лицето што се грижи за корисникот на КАМ услугата, КАМ практичарот може да применува КАМ методи и постапки во домот на корисникот на КАМ услугата.

Основање на установи за КАМ
Член 19

(1) Установата за КАМ може да се основа како јавна и приватна.
(2) Јавна установа може да основа Владата на Република Македонија како државна (национална) установа,
(3) Приватна установа за КАМ може да основаат домашни и странски, правни и физички лица.

Основање и статусни промени на јавни установи за КАМ

Член 20
(1) Јавна установа за КАМ може да се основа и да престане со одлука на Владата на Република Македонија.
(2) Одлука за статусни промени (спојување, припојување, поделба или издвојување) на установите од ставот (1) на овој член, донесува Владата на Република Македонија.
(3) Врз основа на одлуката од ставовите (1) и (2) на овој член се врши упис на јавната установа за КАМ, односно се запишуваат статусните промени во Централниот регистар на Република Македонија.

Услови за основање, почнување со работа, давање КАМ услуги и проширување на дејноста на установата за КАМ

Член 21
(1) Установа за КАМ може да основа домашно и странско физичко лице со лиценца за работа како КАМ практичар, издадена согласно овој закон.
(2) Установата за КАМ може да се основа, да почне со работа, да дава услуги и да ја прошири дејноста, ако се исполнети следниве услови:
-да има во работен однос на неопределено време определен број КАМ практичари согласно подзаконскиот пропис од став (7) од овој член кои ја применуваат соодветната КАМ метода и постапка, и
- да има простор кој исполнува минимум технички и санитарни услови и опрема соодветна за примена на определен вид КАМ методата и/или постапката.
(3) КАМ практичарите од ставот (2) алинеја 1 на овој член мора да поседува соодветна лиценца за работа, во зависност од видот на КАМ методата и постапката која се применува во установата за КАМ.
(4) Доколку КАМ методата или постапката се изведува во здравствена установа, здравствената установа треба да има дозвола за работа издадена согласно овој закон и да ги исполнува условите од став (2) на овој член.
(5) Доколку КАМ методата или постапката се изведува во здравствена установа во мрежата на здравствени установи, истите се вршат надвор од работното време во кое се врши основната дејност на установата за потребите на осигурените лица.
(6) По исклучок од став (5) на овој член, во здравствена установа во мрежата на здравствени установи КАМ методата и постапката може да се применува и во текот на работното време на здравствената установа доколку во здравствената установа е вработен најмалку еден КАМ практичар и има соодветен простор и опрема за примена на КАМ методата и/или постапката.
(7) Потребниот простор, опрема и стручен кадар за основање, почнување со работа и давање на КАМ услуги во установите за КАМ ги утврдува министерот за здравство со подзаконски пропис.
(8) По донесувањето на подзаконскиот пропис од ставот (7) на овој член Министерството за здравство е должно веднаш да го објави во „Службен весник на Република Македонија".
Содржина на елаборатот за основање на приватна установа за КАМ

Член 22
(1) Основачот на приватната установа за КАМ во елаборатот за основање на установата го определува видот и обемот на услугата од КАМ, просторот, опремата, стручниот кадар со листа на КАМ практичари кои ќе бидат вработени со податоци за нивното образование и дополнителна обука за соодветната КАМ метода и/или постапка, заштита при работа на вработените; заштита на корисниците на КАМ услугите и приложува квалитетна финансиска гаранција од ликвидна банка или хипотека на недвижен имот, прифатлива за Министерството за здравство, за континуирано и без прекин вршење на КАМ услугите најмалку за период од шест месеци и за надоместување на штетата што може да биде предизвикана на корисниците на услугите, ако установата престане со работа.
(2) Приватната установа за КАМ е должна најмалку шест месеци пред престанокот со работа да го извести Министерството за здравство и корисниците на КАМ услугите.
(3) Известувањето од ставот (2) на овој член Министерството за здравство го објавува на својата веб страница.

Постапка за основање

Член 23
(1) Основачот на приватната установа за КАМ донесува акт за основање на приватната установа за КАМ.
(2) Актот за основање на установа за КАМ содржи особено:
1) име и презиме, односно називот на основачот;
2) назив и седиште на установата;
3) средствата кои основачот ги обезбедил за основање и почеток со работа на установата и начинот на обезбедувањето на средствата за работа;
4) трајните извори, начинот и условите за стекнување средства за работа на установата;
5) правата и обврските на основачот во поглед на вршењето на работите на установата за КАМ;
6) меѓусебните права и обврските на установата за КАМ и основачот;
7) правата, должностите и одговорностите на установата за КАМ во правниот промет;
8) одговорноста на основачот за долговите на установата;
9) лицето кое ќе ги врши работите на претставување и застапување на установата и неговите овластувања во правниот промет;
10) рокот за донесување на статутот и за именување на директор;
11) начинот на располагање со вишокот на приходите над расходите и начинот на покривање на кусокот средства за работа на установата;
12) лицето вршител на должноста директор кое е овластено според насоките на основачот да ги извршува подготовките за почеток на работата на установата за КАМ до конституирање на установата за КАМ.
(3) Ако установата за КАМ ја основаат двајца или повеќе основачи тие склучуваат договор за заедничко основање на установа со кој ги уредуваат меѓусебните односи како соосновачи на установата, а особено нивните права и обврски, како и правото на располагање со уделите во установата.
(4) На договорот од ставот (3) на овој член се применуваат одредбите од Законот за облигационите односи што се однесуваат на договорот за ортаклак.

Член 24
(1) Постапката за основање на приватна установа за КАМ започнува со поднесување на барање до Министерството за здравство за добивање дозвола.
(2) Кон барањето од ставот (1) на овој член се приложува:
1) актот за основање на установата за КАМ;
2) елаборат за основање на установата за КАМ.
3) документ за обезбедување на простории кои се соодветни за давање на КАМ услуги;
4) список на опрема и средства кои се соодветни за давање на КАМ услуги;
5) листа со податоци за КАМ практичарите кои ќе засноваат работен однос;
6) доказ за обезбедена квалитетна финансиска и друга гаранција во случај установата да престане со работа пред истекот на времето за кое е основана, и
7) договор за заедничко основање, ако установата ја основаат двајца или повеќе соосновачи.
(3) Барањето од ставот (1) на овој член се поднесува на два идентични обрасци со доказите во прилог на барањето.

Акт за почеток со работа

Член 25
Министерството за здравство во рок од 45 дена од денот на приемот на барањето од член 24 став (1) од овој закон, донесува решение за почеток со работа на установата за КАМ, а може да го продолжи овој рок за најмногу уште 30 дена, за што го известува основачот.

Установа во основање

Член 26
(1) По добивање на решението од членот 25 од овој закон, за периодот во кој се вршат подготвителните работи за основање и конституирање на установата за КАМ, установата за КАМ има статус на установа во основање и може да изврши привремен упис во регистарот на установи за КАМ.
(2) Установата за КАМ во основање од ставот (1) на овој член има ограничен правен субјективитет и може да презема права и обврски во правниот промет што се однесуваат само на основање на установата.

Дозвола за работа

Член 27
(1) Основачот по исполнување на условите од член 21 од овој закон поднесува барање до Министерството за здравство, за извршување увид за исполнетоста на условите за почеток со работа на установата за КАМ.
(2) Министерството за здравство врши увид и го оценува исполнувањето на условите од член 21 од овој закон за основање на установата за КАМ во рок од 30 дена од денот на приемот на барањето од став (1) на овој член, а може да го продолжи овој рок за најмногу уште 30 дена за што го известува основачот..
(3) Ако Министерството за здравство утврди дека се исполнети условите од член 21 од овој закон, издава дозвола за работа во вид на решение во рок од 45 дена од денот на приемот на барањето од ставот (1) на овој член, а може да го продолжи овој рок за најмногу уште 30 дена за што го известува основачот.
(3) Против решението на Министерството за здравство со кое се одбива барањето за издавање на дозвола за примена на КАМ методи и постапки може да се изјави жалба во рок од осум дена од денот на приемот на решението до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.
(4) Против решението на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен може да се поднесе тужба до Управен суд.
(5) Постапката пред Управниот суд е итна.

Член 28
(1) Доколку Министерството за здравство не донесе решение за почеток со работа на установата за КАМ од член 25 од овој закон, односно не издаде дозвола за работа од член 27 став (2) од овој закон, односно не донесе решение за одбивање на барањето во рокот од член 25 од овој закон, односно во рокот од член 27 став (2) од овој закон, подносителот на барањето има право во рок од три работни дена да поднесе барање до писарницата на министерот за здравство и министерот за здравство да донесе решение. Доколку министерот за здравство нема писарница, барањето се поднесува во писарницата на Министерството за здравство.
(2) Формата и содржината на барањето од став (1) на овој член ги пропишува министерот за здравство.
(3) Кон барањето од ставот (1) на овој член подносителот на барањето поднесува и копија од барањето од членот 24 став (1) од овој закон, односно од членот 27 став (1) од овој закон.
(4) Министерот за здравство е должен во рок од пет работни дена од денот на поднесувањето на барањето од ставот (1) на овој член да донесе решение со кое барањето од ставот (1) на овој член е уважено или одбиено. (5) Доколку министерот за здравство не донесе решение во рокот од ставот (4) на овој член, подносителот на барањето може да го извести Државниот управен инспекторат во рок од пет работни дена.
(6) Државниот управен инспекторат е должен во рок од десет дена од денот на приемот на известувањето од ставот (5) на овој член да изврши надзор во Министерството за здравство дали е спроведена постапката согласно закон и во рок од три работни дена од денот на извршениот надзор да го информира подносителот на барањето за преземените мерки.
(7) Инспекторот од Државниот управен инспекторат по извршениот надзор согласно закон донесува решение со кое го задолжува министерот за здравство во рок од десет дена да одлучи по поднесеното барање, односно да го одобри или одбие барањето и да го извести инспекторот за донесениот акт. Кон известувањето се доставува копија од актот со кој одлучил по поднесеното барање.
(8) Доколку министерот за здравство не одлучи во рокот од ставот (7) на овој член, инспекторот ќе поднесе барање за поведување прекршочна постапка против инспекторот и ќе определи дополнителен рок од пет работни дена во кој министерот за здравство ќе одлучи по поднесеното барање за што во истиот рок ќе го извести инспекторот за донесениот акт. Кон известувањето се доставува копија од актот со кој одлучил по поднесеното барање. Инспекторот во рок од три работни дена го информира подносителот на барањето за преземените мерки.
(9) Доколку министерот за здравство не одлучи и во дополнителниот рок од ставот (8) на овој член, инспекторот во рок од три работни дена ќе поднесе пријава до надлежниот јавен обвинител и во тој рок ќе го информира подносителот на барањето за преземените мерки.
(10) Доколку инспекторот не постапи по известувањето од ставот (5) на овој член, подносителот на барањето во рок од пет работни дена има право да поднесе приговор до писарницата на директорот на Државниот управен инспекторат. Доколку директорот нема писарница, барањето се поднесува во писарницата на седиштето на Државниот управен инспекторат.
(11) Директорот на Државниот управен инспекторат е должен во рок од три работни дена да го разгледа приговорот од ставот (10) на овој член и доколку утврди дека инспекторот не постапил по известувањето од подносителот на барањето согласно со ставот (6) на овој член и/или не поднесе пријава согласно со ставот (9) на овој член, директорот на Државниот управен инспекторат ќе поднесе барање за поведување прекршочна постапка против инспекторот и ќе определи дополнителен рок од пет работни дена во кој инспекторот ќе изврши надзор во Министерството за здравство дали е спроведена постапката согласно закон и во рок од три работни дена од денот на извршениот надзор да го информира подносителот на барањето за преземените мерки.
(12) Доколку инспекторот не постапи и во дополнителниот рок од ставот (11) на овој член, директорот на Државниот управен инспекторат ќе поднесе пријава до надлежниот јавен обвинител против инспекторот и во рок од три работни дена ќе го информира подносителот на барањето за преземените мерки.
(13) Во случајот од ставот (11) на овој член директорот на Државниот управен инспекторат веднаш, а најдоцна во рок од еден работен ден, ќе овласти друг инспектор да го спроведе надзорот веднаш.
(14) Во случаите од ставот (13) на овој член директорот на Државниот управен инспекторат во рок од три работни дена ќе го информира подносителот на барањето за преземените мерки.
(15) Доколку директорот на Државниот управен инспекторат не постапи согласно со ставот (11) на овој член, подносителот на барањето може да поднесе пријава до надлежниот јавен обвинител во рок од осум работни дена.
(16) Доколку министерот за здравство не одлучи во рокот од ставот (8) на овој член, подносителот на барањето може да поведе управен спор пред надлежниот суд.
(17) Постапката пред Управниот суд е итна.
Содржина на дозволата за работа на установата за комплементарна и алтернативна медицина

Член 29
(1) Дозволата за работа на установата за КАМ ги содржи следниве податоци:
- назив и седиште на установата,
- податоци за основачот (име и презиме, односно назив на основачот; единствен матичен број на граѓанинот, односно единствен матичен број на субјектот и адреса, односно седиште).
- вид на установа за КАМ,
- податоци за КАМ практичарите (лично име и презиме, адреса на постојаното или привременото живеалиште), и
- листа на КАМ методи и постапки кои, според условите што се исполнети, може да ги врши установата за КАМ.
(2) Во случај на промена на податоците од ставот (2) на овој член, установата за КАМ до Министерството за здравство во рок не подолг од 15 дена од денот кога настанала промената, доставува барање да се изврши промена на дозволата за работа кон кое приложува документација со која се докажува промената. Министерството за здравство врз основа на документацијата со која се докажува промената врши промена на дозволата за работа во рок од 15 дена од денот на приемот на барањето.

Трошоците за постапката за донесување на решението за почеток со работа на установата за КАМ и за издавање на дозвола за работа

Член 30
(1) Трошоците за постапката за донесување на решението за почеток со работа на установата за КАМ од член 25 од овој закон и за издавање на дозвола за работа од член 27 став (2) од овој закон се на товар на основачот на установата за КАМ.
(2) Висината на трошоците од ставот (1) на овој член врз основа на реално направени материјални трошоци за водење на постапката, ја определува министерот за здравство со посебен акт.

Запишување на установата за КАМ во регистарот на установи за КАМ

Член 31
(1) По правосилноста на решението за издавање на дозвола за работа од членот 27 став (2) од овој закон, се врши избор и конституирање на органот на управување и работоводен орган и донесување на статут.
(2) Врз основа на правосилно решението за издавање на дозвола за работа од членот 27 став (2) од овој закон, Министерството за здравство во регистарот на установи за КАМ по службена должност ја запишува установата за КАМ и нејзиниот орган на управување и работоводниот орган.
(3) Правосилното решението за издавање на дозвола за работа од членот 27 став (2) од овој закон, одлуката за избор на органи на установата и статутот на установата се доставуваат до Централен регистар на Република Македонија заради упис на установата за КАМ.
(4) Својството на правно лице установата за КАМ го стекнува по објавувањето на веб страницата на Централниот регистар на Република Македонија дека е извршено запишување во Централниот регистар на Република Македонија.
(5) До стекнувањето на својството на правно лице согласно со ставот (4) на овој член за обврските на установата одговора основачот.
(6) По објавувањето на запишувањето во Централниот регистар на Република Македонија, установата може да отпочне со работа.

Регистар на установи за комплементарна и алтернативна медицина

Член 32
(1) Регистарот на установи за КАМ е јавен и ги содржи особено податоците за називот и седиштето на установата и име и презиме, односно назив на основачот.
(2) Регистарот на установи за КАМ го води и објавува Министерството за здравство на веб страницата на Министерството за здравство.
(3) Формата, содржината и начинот на водењето на регистарот од ставот (1) на овој член го утврдува министерот за здравство со подзаконски пропис.
(4) По донесувањето на подзаконскиот пропис од ставот (3) на овој член Министерството за здравство е должно веднаш да го објави на веб страницата на Министерството и во „Службен весник на Република Македонија".

Акти на установата за КАМ

Член 33
(1) Установата за КАМ има статут.
(2) Со статутот особено се уредува: организацијата и начинот на вршење на дејноста, називот, седиштето, управувањето, работоводењето, контролата, правата и обврските на корисниците на јавната услуга и други прашања од значење за извршување на дејноста и работењето на установата согласно закон и актот за основање.
(3) Донесувањето на статутот на приватната установа за КАМ, како и неговото изменување го врши основачот.
(4) Донесувањето на статутот на јавната установа за КАМ, како и неговото изменување, го врши органот на управување на јавната установа во согласност со закон.
(5) На статутот на јавната установа за КАМ согласност дава Министерството за здравство.

Член 34
(1) Установата за КАМ донесува и други акти со кои се уредуваат прашања од значење за работата на установата во согласност со закон и статутот.
(2) Актите од ставот (1) на овој член во рамките на своите овластувања ги донесуваат органот на управување и директорот.
(3) Статутот и другите акти на установата се објавуваат во електронска и/или печатена форма, на начин со кој се овозможува нивна достапност.
Престанок со работа и одземање на дозволата за работа на установата за КАМ
Член 35
(1) Министерството за здравство донесува решение за престанок со работа на установата за КАМ, ако:
- основачот, односно неговиот правен, односно законски наследник донесе акт за престанување на установата,
- престанале условите за давање на услугата за која установата била основана,
- установата се припои или спои со друга установа или се подели или се издвојат една или повеќе установи во кој случај новонастанатите установи, односно установите кон кои се припојуваат ги преземаат сите права и обврски на установите кои престануваат со работа,
- не започне со вршење на дејноста во рок од шест месеци од запишувањето во регистарот на установи за КАМ или ако ја прекине работата за период подолг од една година, и/или
- се исполнети други услови за престанок на установата за КАМ утврдени со закон или актот за основање.
(2) Министерството за здравство донесува решение за одземање на дозволата за работа на установата за КАМ, ако:
- во определениот рок, што не може да биде пократок од 45 ниту подолг од 60 дена од доставување на записникот од извршениот надзор согласно овој закон, а во зависност од времето потребно да се отстранат недостатоците, не ги отстрани недостатоците утврдени со надзорот согласно овој закон,
- не го извести Министерството за здравство за промените на податоците кои се запишани во регистарот на установи за КАМ во рок од 15 дена од нивното настанување,
- со правосилна одлука се утврди ништовност на уписот на установата за КАМ во Централниот регистар на Република Македонија,
- е изречена санкција за забрана за вршење на дејноста заради неисполнување на условите за давање на услуги за КАМ,
- дава услуги спротивно на дозволата за работа, и
- не ги спроведува одредбите од овој закон и актите донесени врз основа на овој закон.
(3) Со денот на донесувањето на решението од ставот (2) на овој член установата за КАМ престанува со работа.
(4) Последиците што произлегуваат од решението за одземање на дозволата за работа се на товар на основачот.
(5) Врз основа на решенијата од ставовите (1) и (2) на овој член, установата за КАМ се брише од Централниот регистар на Република Македонија и од регистарот на установи за КАМ.
(6) Во случај на донесување на решение за одземање на дозволата за работа на установата за КАМ од став (2) на овој член и бришење на установата од Централниот регистар на Република Македонија и од регистарот на установи за КАМ, ново барање на регистрација може да се поднесе по престанување на причините од став (2) на овој член, а најдоцна по истекот на една година од денот на донесувањето на решение за одземање на дозволата за работа на установата за КАМ од став (2) на овој член,

Статусни промени

Член 36
(1) Основачот може да одлучи установата за КАМ да се припои кон друга установа, две или повеќе установи за КАМ да се спојат во една установа за КАМ или установа за КАМ да се подели на две или повеќе установи за КАМ.
(2) Основачот може да одлучи дел од установата за КАМ (организациона единица) да се припои кон друга установа за КАМ или да се организира како самостојна установа за КАМ.
(3) Начинот на донесувањето на одлуката од ставовите (1) и (2) на овој член се уредува со закон и статутот на установата.
(4) Статусните измени од ставовите (1) и (2) на овој член се запишуваат во регистрите од членовите 29 и 31 од овој закон.

Примена на прописите од областа на општата управна постапка

Член 37
Во постапките за основање, статусни промени (спојување, припојување, поделба или издвојување) и издавање на дозвола за работа за установа за КАМ се применуваат прописите од областа на општата управна постапка, ако со овој закон поинаку не е уредено.
Видови на установи за КАМ

Член 38
(1) Установите за КАМ се основаат како ординации за КАМ и центри .
(2) Ординација за КАМ е установа за КАМ во која се даваат услуги од КАМ исе применуваат КАМ методи и постапки на барање на корисници на КАМ услуги.
(3) Центар е установа за КАМ во која се даваат услуги од КАМ исе применуваат КАМ методи и постапки на барање на корисници на КАМ услуги, се организираат обуки за стручно усовршување наменети за непрекината надградба на знаењата, способностите и вештините на КАМ практичарите и се вршат истражувања за безбедноста и ефикасноста на КАМ методите и постапките за дијагностика, лечење и рехабилитација од член 11 од овој закон.
(4) Центарот организира обуки и врши истражувања од став (3) од овој закон ако во работен однос има најмалку три доктори на наука од областа на медицината, односно од областа на фармацијата или од областа на соодветна КАМ метода и/или постапка, од кои најмалку еден наставник на медицински, односно факултет по фармација или факултет за соодветната КАМ метода и/или постапка.
(5) Центарот може да организира обуки и врши истражувања од став (3) од овој закон и ако наставниците од ставот (4) на овој член се во работен однос истовремено во центарот и во високообразовна установа, согласно прописите од областа на работните односи и договорот за вработување.

Раководење и управување со приватни установи за КАМ

Член 39
(1) Раководењето и управувањето со приватна установа за КАМ се уредува со актот за основање, односно статутот на установата за КАМ.
(2) Директорот на приватната установа за КАМ се избира под услови и на начин утврден со статутот на приватната установа за КАМ.

Раководење и управување со јавни установи за КАМ

Член 40
(1) Органи на јавните установи за КАМ се управен одбор како орган на управување и директор како работоводен орган.
(2) Основачот може со актот за основање на установата за КАМ да предвиди да не се формира орган на управување и управувањето да го врши директор за чиј избор се распишува јавен конкурс.
(3) За претседател и член на орган на управување, односно директор на јавната установа за КАМ не може да биде избрано лице на кое со правосилна одлука му е изречена казна затвор заради кражба, измама, злоупотреба на довербата, фалсификат, лажна изјава дадена под заклетва, освен ако му биде избришана осудата, како и лице на кое со судска пресуда му е изречена санкција забрана за вршење професија, дејност или должност.
(4) Основачот со директорот од ставот (2) на овој член склучува менаџерски договор.

Управен одбор

Член 41
(1) Со јавната установа за КАМ управува управен одбор.
(2) Управниот одбор на јавната установа за КАМ го сочинуваат пет члена, од кои двајца претставници од редот на стручните и компетентни лица во установата за КАМ и тројца претставници на основачот, со мандат од четири години кои ги избира и разрешува основачот на јавната установа за КАМ.
(3) Управниот одбор го донесува статутот на установата, донесува одлука за статусни промени (поделба, издвојување, спојување и припојување), го усвојува извештајот за работа, ја донесува програмата за работа и финансискиот план, ја утврдува завршната сметка, донесува општи акти и го следи нивното извршување и врши и други работи утврдени со закон, актот за основање и статутот на установата за КАМ.
(4) Одлуката за статусните промени (поделба, издвојување, спојување и припојување) управниот одбор ја донесува по претходна согласност на основачот.
(5) Начинот на изборот на членовите на управниот одбор и начинот на одлучувањето се уредуваат со статутот на јавната установа за КАМ.

Критериуми за именување член на управен одбор

Член 42
(1) За член на управен одбор на јавна установа за КАМ може да биде именувано лице кое има најмалку високо образование и има најмалку пет години работно искуство во областа на здравството, економијата или правото.
(2) Член на управен одбор на јавна установа за КАМ не може да има лично, преку трето лице или по која било основа, интереси во јавната установа за КАМ кои можат да имаат какво било влијание на неговата независност и непристрасност во управувањето со установата за КАМ. Секој член на управниот одбор е должен да го предупреди основачот на постоењето на ваков интерес кај него лично и/или кај другите членови на управниот одбор.
(3) За член на управен одбор на јавната установа за КАМ не може да биде именувано лице кое, покрај во случајот од став (2) на овој член, е:
- вработено или поседува акции или удели во правни лица кои вршат производство или промет со лекови и/или опрема за примена на КАМ методи и постапки,
- блиско лице на друг член на органите на јавната установа за КАМ, односно лица во брачна или вонбрачна заедница со друг член на органите на јавната установа за КАМ, роднини по крв во права линија и во странична линија до четврти степен, посвоителот и посвоеникот, роднините по сватовство до втор степен како и секое физичко или правно лице со кое другиот член на органите на јавната установа за КАМ има приватен интерес, и
-во други случаи утврдени со прописите од областа на спречувањето на судирот на интереси.

Разрешување и престанок на мандат на член на управен одбор

Член 43
(1) Член на управен одбор на јавната установа за КАМ може да се разреши пред истекот на времето за кое е избран, ако:
1) престанал основот врз кој е избран;
2) отсуствува од седниците на управниот одбор неоправдано најмалку два пати годишно;
3) дополнително се утврди дека спротивно на член 42 став (2) од овој закон има лично, преку трето лице или по која било основа, интереси кои можат да имаат какво било влијание на неговата независност и непристрасност;
4) дополнително се утврди дека спротивно на член 42 став (3) од овој закон е блиско лице на член на управен одбор , како и во други случаи утврдени со прописите од областа на спречувањето на судирот на интереси;
5) несовесно или неефикасно ги извршува обврските во управниот одбор и
6) работи спротивно на одредбите од овој закон.
(2) Постоењето на причините од став (1) на овој член за разрешување пред истекот на времето за кое е избран членот на управен одбор на јавната установа за КАМ ги утврдува основачот на јавната установа за КАМ или орган овластен од негова страна.
(3) На член на управен одбор на јавна установа за КАМ му престанува мандатот пред истекот на времето за кое е избран:
1) на негово барање и
2) ако настане трајна или привремена неспособност за непречено вршење на функцијата или во случај на смрт.

Директор на јавна установа за КАМ

Член 44
(1) Работоводниот орган на јавната установа за КАМ (во натамошниот текст: директор) го организира и раководи работниот процес, го води работењето на јавната установа за КАМ, самостојно донесува одлуки во рамките на своите надлежности, ја претставува и застапува јавната установа за КАМ спрема трети лица и е одговорен за законитоста на работењето на јавната установа за КАМ и за обврските што се преземаат во правниот промет.
(2) Директорот ги предлага основите на програмата за работа и планот за развој и презема мерки за нивно спроведување, ги извршува одлуките на органот на управување, ја предлага организацијата на установата, ги избира и разрешува раководните работници, одлучува за распоредување на работниците на определени работи и задачи, поднесува извештај за резултатите од работењето на установата и врши други работи утврдени со закон и статутот на установата.

Член 45
(1) За директор на јавна установа за КАМ може да биде избрано лице кое ги исполнува следните услови:
1) е државјанин на Република Македонија;
2) во моментот на изборот, со правосилна судска пресуда не му е изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност;
3) има завршено високо образование од областа на медицината или фармацијата или завршен втор и/или трет циклус на високо образование од областа на одредена КАМ метода и/или постапка;
4) има најмалку пет години работно искуство;
5) понуди најквалитетна програма за работа на јавната установа за КАМ;
6) поседува еден од следниве меѓународно признати сертификати или уверенија за активно познавање на англискиот јазик не постар од пет години:
-ТОЕФЛ ИБТ најмалку 74 бода,
-ИЕЛТС (IELTS) - најмалку 6 бода,
-ИЛЕЦ (ILEC) (Cambridge English: Legal) - најмалку Б2 (B2) ниво,
-ФЦЕ (FCE) (Cambridge English: First) - положен,
-БУЛАТС (BULATS) - најмалку 60 бода или
-АПТИС (АPTIS) - најмалку ниво Б2 (B2) и
7) има положено психолошки тест и тест за интегритет.
(2) Мандатот на директорот трае четири години, со право уште еднаш да биде избран за директор.
(3) Правата и обврските меѓу директорот и работодавачот се уредуваат со менаџерски договор кој особено содржи показатели на успешност кои директорот треба да ги оствари.
(3) Со менаџерскиот договор од став (2) на овој член особено се уредува:
1) правата и обврските на основачот и директорот;
2) времето за кое се склучува менаџерскиот договор;
4) прашањата за кои основачот ќе одлучува како орган на управување;
5) платата на директорот за вршењето на менаџерската функција;
6) обврските на директорот за обезбедување континуитет во вршењето на јавната услуга (континуирано вршење на јавните услуги);
7) условите за извршување на сите обврски од договорот без оглед на можното настапување и влијание на кои било непредвидливи околности и ситуации;
8) условите под кои основачот може еднострано да ги измени договорените услови по склучувањето на договорот поради остварување и заштита на јавниот интерес;
9) условите под кои основачот може еднострано да го раскине договорот пред истекот на рокот за кој е склучен договорот и
10) други посебни услови и обврски кои директорот е должен да ги прифати заради управувањето и вршењето на дејноста на установата.

Именување и разрешување на директор

Член 46
(1) Директор на јавна установа за КАМ се избира врз основа на јавен конкурс распишан од управниот одбор на јавната установа за КАМ.
(2) Директорот на јавна установа за КАМ го избира, односно разрешува министерот за здравство.

Јавен конкурс за избор на директор

Член 47
(1) Управниот одбор на јавната установа за КАМ три месеци пред истекот на мандатот на постојниот директор донесува одлука за распишување на јавен конкурс кој се објавува во три дневни весници кои се издаваат на целата територија на Република Македонија од кои еден од весниците што се издаваат на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик.
(2) Во објавениот јавен конкурс се утврдуваат условите кои треба да ги исполнува кандидатот за директор, потребната документација и времетраењето на конкурсот.
(3) Министерот за здравство во рок од 30 дена од денот на завршувањето на рокот за доставување на потребната документација, донесува решение за избор на директор.
(4) Кандидатите кои не се избрани на конкурсот во рок од осум дена од денот на приемот на известувањето имаат право да поведат управен спор.

Вршител на должноста - директор

Член 48
(1) Ако на јавниот конкурс од член 47 од овој закон не се јави никој или ако министерот за здравство не избере директор од пријавените кандидати, се распишува нов конкурс.
(2) Во случаите од ставот (1) на овој член министерот за здравство во рок од пет дена по истекот на рокот за избор на директор, без јавен конкурс ќе именува вршител на должноста - директор, кој ги исполнува условите од член 45 сгав (1) од овој закон.
(3) Вршителот на должноста ги има сите права и должности на директор.
(4) Вршителот на должноста може да ја врши должноста до именување на директор, а најдолго шест месеца од денот на неговото именување.

Извештај за работата на директорот

Член 49
(1) Директорот е должен на шест месеци да доставува извештај за работата до министерот за здравство.
(2) Во извештајот од ставот (1) на овој член директорот е должен особено да достави податоци за извршениот вид и обем на здравствени услуги и за финансиското работење на јавната установа за КАМ.
(3) Ако од извештајот за работа се утврдат недостатоци и/или загуби во финансиското работење директорот е должен истите да ги отстрани во наредните шест месеци.
(4) Ако и по истекот на наредните шест месеци директорот не ги отстрани утврдените недостатоци и во тој период повторно има недостатоци и/или загуби во финансиското работење, министерот за здравство ќе го разреши директорот и ќе именува вршител на должноста директор до избор на директор по распишан конкурс, но не подолго од шест месеци.

IV. ЦЕНТАР ЗА ТРАДИЦИОНАЛНА КИНЕСКА МЕДИЦИНА

Основање на Центар за традиционална кинеска медицина

Член 50
(1) За вршење на работите што се однесуваат на традиционална кинеска медицина се основа Центар за традиционална кинеска медицина (во натамошниот текст: Центар за ТКМ), како јавна установа за КАМ во која се даваат услуги од областа на традиционалната кинеска медицина исе применуваат методи и постапки од областа на традиционалната кинеска медицина на барање на корисници на КАМ услуги,се организираат обуки за стручно усовршување наменети за непрекината надградба на знаењата, способностите и вештините на ТКМ практичарите и се вршат истражувања за безбедноста и ефикасноста на ТКМ методите и постапките .
(2) Центарот за ТКМ има својство на правно лице.
(3) Во Центарот за ТКМ се вршат особено следните работи:
 применување на ТКМ методи и постапки на барање на корисници на КАМ услуги;
 развој на систем на континуирана едукација наменет за непрекината надградба на знаењата, способностите и вештините на ТКМ практичарите;
 организирање обуки за стручно усовршување наменети за непрекината надградба на знаењата, способностите и вештините за ТКМ методи и постапки по меѓународни стандарди во соработка со образовни установи од Република Македонија и од странство, како и со наставен кадар од Република Македонија и од странство и издавање сертификати за посетените обуки,
 организација на стручно-научни собири (семинари, работилници, школи и сл);
 воспоставување на соработка со други установи за КАМ во Република Македонија и во странство;
 вклучување во меѓународниот систем на континуирана едукација на ТКМ практичарите;
 соработка со меѓународни проекти во областа на ТКМ;
 спроведување на истражувања за безбедноста и ефикасноста на методите и постапките на ТКМ со цел да се утврди нивниот ефект врз здравјето на луѓето и дали се корисни во сузбивање на симптомите на болестите.
(4) Во Центарот за ТКМ работат лица кои ги исполнуваат условите од член 15 од овој закон за добивање на лиценца за работа како ТКМ практичар, како и лица кои поседуваат лиценца за работа како ТКМ практичар издадена согласно овој закон.
(5) Во Центарот за ТКМ заради организирање на обуки за стручно усовршување наменети за непрекината надградба на знаењата, способностите и вештините на ТКМ практичарите и заради вршење на истражувања за безбедноста и ефикасноста на ТКМ методите и постапките во работен однос има најмалку тројца доктори на наука од областа на медицината, односно од областа на фармацијата или од областа на ТКМ,од кои најмалку еден наставник на медицински, односно факултет по фармација или факултет за ТКМ метода и/или постапка.
(6) Центарот за ТКМ може да организира обуки за стручно усовршување наменети за непрекината надградба на знаењата, способностите и вештините на ТКМ практичарите и да врши истражувања за безбедноста и ефикасноста на ТКМ методите и постапкитеи ако наставниците од ставот (5) на овој член се во работен однос истовремено во центарот и во високообразовна установа, согласно со прописите од областа на работните односи и договорот за вработување.

Управување и раководење со Центарот за ТКМ

Член 51
(1) Со Центарот за ТКМ управува управен одбор.
(2) Управниот одбор го сочинуваат пет члена, од кои двајца претставници од редот на стручните и компетентни лица во Центарот за ТКМ и тројца претставници на основачот, со мандат од четири години.
(3) Членовите на Управниот одбор ги именува и разрешува Владата на Република Македонија.

Член 52
(1) Управниот одбор на Центарот за ТКМ:
- го донесува Статутот на Центарот,
- ја усвојува годишна програма за работа на Центарот,
-предлага годишен финансиски план и доставува завршна сметка до Министерството за здравство,
- објавува јавен конкурс за именување на директор,
- одлучува по приговорите и жалбите на вработените во Центарот и
- врши и други работи утврдени со статутот.
(2) Согласност на статутот на Центарот за ТКМ дава Министерството за здравство.

Член 53
(1) Со Центарот за ТКМ раководи директор кој го избира и разрешува министерот за здравство, за време од 4 години.
(2) За својата работа и за работата на Центарот за ТКМ, директорот на Центарот за ТКМ одговара пред министерот за здравство.
(3) Директорот на Центарот за ТКМ е должен на шест месеца да доставува извештај за работата до министерот за здравство.
(4) Во извештајот од ставот (3) на овој член директорот е должен особено да достави податоци за извршениот вид и обем на ТКМ услугите и за финансиското работење на Центарот.
(5) Ако од извештајот за работа се утврдат недостатоци и/или загуби во финансиското работење директорот е должен истите да ги отстрани во наредните шест месеци.
(6 ) Ако и по истекот на наредните шест месеци директорот не ги отстрани утврдените недостатоци и во тој период повторно има недостатоци и/или загуби во финансиското работење, министерот за здравство ќе го разреши директорот и ќе именува вршител на должноста директор до именување на директор по распишан конкурс, но не подолго од шест месеци.

Член 54
Директорот на Центарот за ТКМ:
- ја организира и раководи со работата на Центарот за ТКМ,
- одговара за законитоста на работата на Центарот за ТКМ,
- го застапува Центарот за ТКМ пред трети лица,
- ја предлага годишната програма за работа на Центарот за ТКМ,
- ги извршува одлуките на Управниот одбор на Центарот за ТКМ,
- одлучува за правата од работен однос на вработените во Центарот за ТКМ и
- врши други работи утврдени со закон и со статутот на Центарот за ТКМ.

Член 55
(1) Директорот на Центарот за ТКМ се избира врз основа на јавен конкурс објавен во три дневни весници кои се издаваат на целата територија на Република Македонија од кои еден од весниците што се издаваат на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик.
(2) За директор на Центарот за ТКМ може да биде избрано лице кое ги исполнува следните услови:
1) е државјанин на Република Македонија;
2) во моментот на именувањето со правосилна судска пресуда не му е изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност;
3) има завршено високо образование од областа на медицината односно фармацијата или има завршено високо образование од областа на ТКМ на еден од светски реномираните универзитети за ТКМ или на универзитетите во Република Македонија;
4) има најмалку пет години работно искуство во областа на медицината,фармацијата или во областа на ТКМ;
5) има лиценца за работа како КАМ практичар;
6) поседува еден од следните меѓународно признати сертификати или уверенија за активно познавање на англискиот јазик не постар од пет години:
 ТОЕФЕЛ ИБТ најмалку 74 бода;
 ИЕЛТС (IELTS) - најмалку 6 бода;
 ИЛЕЦ (ILEC) (Cambridge English: Legal) - најмалку Б2 (B2) ниво;
 ФЦЕ (FCE) (Cambridge English: First) - положен;
 БУЛАТС (BULATS) - најмалку 60 бода или
 АПТИС (АPTIS) - најмалку ниво Б2 (B2),
7) има положено психолошки тест и тест за интегритет.
(3) Mандатот на директорот Центарот за ТКМ престанува:
1) со истекот на мандатот;
2) по негово барање;
3) ако му престане договорот за вработување или договорот за продолжување на вработувањето, поради возраст согласно прописите од областа на работните односи;
4) во случај на смрт и
5) во случај на разрешување.
(4) Директорот на Центарот за ТКМ може да биде разрешен пред истекот на мандатот во случај ако:
- со својата несовесна и неправилна работа предизвика нарушување во вршењето на работите на Центарот за ТКМ и причини штета утврдена во постапка согласно закон,
- не работи и не постапува според закон и актите на Центарот за ТКМ, или
-со правосилна судска пресуда за сторено кривично дело изречена му е ефективна казна затвор во траење од над шест месеца;
-му е изречена прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност,
-не е во можност да ги извршува задачите подолго од шест месеци поради болест или други оправдани причини, и
-му е ограничена или одземена деловната способност.

Финансирање на работата на Центарот за ТКМ

Член 56
(1) Средствата за работа на Центарот за ТКМ се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија, сопствени приходи од надоместоци, донации и други извори, согласно закон.
(2) Доколку со работата на Центарот за ТКМ се остварат поголеми приходи од расходи, истите ќе се употребат за осовременување, унапредување на работата и опремување на Центарот за ТКМ, како и за обучување иусовршување на вработените.

V. ПРИМЕНА НА КАМ МЕТОДИ И ПОСТАПКИ

Документација

Член 57
(1) КАМ практичарот води документација за неговата работа.
(2) Документацијата од став (1) на овој член опфаќа:
1) изјава за согласност на корисникот на услугата за примена на КАМ метода или постапка, согласно член 33 од овој закон;
2) податоци за корисникот на услугата (име и презиме, датум на раѓање, пол, адреса на живеење или престојувалиште);
3) податоци за применетата КАМ метода и постапка:
-причина за посета на КАМ практичарот;
-информации за методите и постапките применети на корисникот на услугата од страна на КАМ практичарот;
-користење на КАМ производи и лекови доколку се применети во согласност со стандардите за соодветната КАМ метода или постапка.

Изјава за согласност за примена на КАМ методата или постапката

Член 58
(1) КАМ практичарот има обврска пред да започне со примената на КАМ методата и/или постапката да добие писмена изјава со која корисникот на КАМ услугата дава согласност за примена на одредена КАМ метода и/или постапка (во натамошниот текст: писмена изјава за согласност).
(2) Изјавата за согласност од став (1) на овој член содржи информација дека корисникот на КАМ услугата е запознаен со видот на КАМ методата или постапката, начинот на кој таа КАМ метода или постапка се применува и фактот дека потенцијално одбивање на примена на здравствена услуга согласно медицина заснована на докази може штетно да влијае на неговото здравје.
(3) Кога корисникот на услугата е малолетно лице или лице со одземена или ограничена деловна способност, КАМ практичарот е должен да прибави писмена изјава за согласност од неговиот родител или старател.
(4) Формата и содржината на писмената изјава за согласност од овој член ја утврдува министерот за здравство со подзаконски пропис.
(5) По донесувањето на подзаконскиот пропис од ставот (4) на овој член Министерството за здравство е должно веднаш да го објави на веб страницата на Министерството и во „Службен весник на Република Македонија"..

Прибирање на податоци

Член 59
(1) Заради вршење на надзор, контрола и евалуација на примената на КАМ методите и постапките за потребите на Министерството за здравство или за истражувачки цели, Комората на КАМ практичарите прибира податоци за секоја поединечна КАМ метода и постапка, кои се релевантни за евалуација на ефективноста на применетите КАМ методи и постапки од страна на КАМ практичарите.
(2) Комората на КАМ практичарите прибира:
-општи податоци за називот и адресата на установата за КАМ, името и титулата на КАМ практичарот што ќе биде утврдена од страна на Комората врз основа на КАМ методата или постапката што ја применува КАМ практичарот:
-податоци за корисникот на КАМ услугата: година на раѓање и пол;
-податоци за причините за користење на КАМ методата и постапката, и
-податоци за применетите КАМ методи и постапки и ефективноста од нивната примена.
(3) Установите за КАМ еднаш месечно до Комората на КАМ практичарите ги доставуваат податоците од став (2) на овој член.
(4) Комората им овозможува пристап до податоците од став (2) на овој член на надлежните органи за вршење на надзор, контрола и евалуација на примената на КАМ методите и постапките, како и на надлежните органи и овластени лица за вршење на научно-истражување на КАМ методите и постапките, врз основа на писмено барање кое содржи образложение на причината поради која се бараат податоците.

Заштита на лични податоци

Член 60
(1) Податоците прибрани од страна на КАМ практичарите во текот на примената на КАМ методите и постапките можат да се употребуваат исклучиво како вкупен статистички показател.
(2) Пристап до податоците од став (1) на овој член имаат само овластените лица вработени во установата за КАМ и лицата овластени за увид во податоците согласно одредбите од овој закон со кои се уредува надзорот над примената на овој закон.
(3) За поединечните податоци, мерките за заштита на податоците и одговорноста на лицата кои имаат пристап во единствената база на податоци, се применуваат прописите за заштита на личните податоци.

Третман од страна на КАМ практичар

Член 61
(1) Пред почетокот на третманот, КАМ практичарот се запознава со здравствените проблеми на корисникот на КАМ услугата.
(2) Корисникот на КАМ услугата може да има еден или повеќе третмани од страна на КАМ практичарот. Траењето на третманот го вклучува периодот на еден поединечен третман кога се применува КАМ методата и/или постапката и периодите помеѓу поединечните третмани вклучувајќи го и последниот поединечен третман. Како последен третман се смета поединечниот третман кога завршуваат услугите на КАМ практичарот или на барање на корисникот на КАМ услугата или на барање на КАМ практичарот.
(3) Сите третмани од став (2) на овој член се евидентираат во документацијата што се води за корисникот на КАМ услугата.
(4) КАМ практичарот е должен да ги прекине третманите доколку:
-нема подобрување на здравствената состојба на корисникот на КАМ услугата по истекот на 4 месеци од денот кога е извршен првиот третман;
-здравствената состојба поради која корисникот на КАМ услугата се обратил на установата за КАМ се влошила, или
-се појавиле нови симптоми.

Упатување на здравствена услуга согласно медицина заснована на докази

Член 62
(1) Кога КАМ практичарот се сомнева дека корисникот на КАМ услугата има симптоми на сериозна болест или дека неговата хронична болест е влошена, тој е должен веднаш да го упати корисникот на КАМ услугата да побара здравствена услуга согласно медицина заснована на докази и го запишува дадениот совет во документацијата што се води за корисникот на КАМ услугата.
(2) КАМ практичарот не смее да го обесхрабрува и да го советува корисникот на КАМ услугата да не бара и да не користи здравствена услуга согласно медицина заснована на докази.

Мислење на избраниот лекар или докторот на медицина специјалист или супспецијалист за КАМ методите и постапките

Член 63
(1) На барање на корисникот на КАМ услугата, избраниот лекар или докторот на медицина специјалист или супспецијалист, во консултација со КАМ практичарот дава мислење за соодветноста на КАМ методите и постапките со дијагнозата или здравствената состојба на корисникот на КАМ услугата.
(2) Избраниот лекар или докторот на медицина специјалист или супспецијалист мислењето од став (1) на овој член го дава во форма на писмено мислење.

Права на корисниците на КАМ услугите

Член 64
(1) Корисникот на КАМ услугите има право:
1) на квалитетна и безбедна примена на КАМ методи и постапки;
2) на приватност во текот на секој поединечен КАМ третман;
3) да изврши увид во документацијата што КАМ практичарот ја води за корисникот на КАМ услугата и да направи копија од таа документација;
4) да побара копија од документацијата што КАМ практичарот ја води за корисникот на КАМ услугата да биде доставена до друг КАМ практичар или до избраниот лекар на корисникот на КАМ услугата или доктор на медицина специјалист или супспецијалист;
5) да поднесе поплака во согласност со членот 65 од овој закон.
(2) Правата од ставот (1) на овој член во име на малолетните лица или лица со одземена или ограничена деловна способност, ги остваруваат нивните родители или старатели.

Претставка за работата на установата за КАМ и КАМ практичарите

Член 65
(1) Корисникот на КАМ услугите има право лично, преку неговиот законскиот застапник, неговиот родител или старател да поднесе писмена претставка за работата на установата за КАМ и КАМ практичарите до установата за КАМ во рок од 15 дена од денот кога била извршена последната КАМ услуга во случај доколку КАМ практичарот постапил спротивно на стандардите за КАМ, на стандардите на професионална етика на КАМ практичарите или на одредбите од овој закон.
(2) Установата за КАМ е должна да достави одговор на претставката во писмена форма во рок од 15 дена од денот на приемот на претставката од став (1) на овој член.
(3) Корисникот на КАМ услугите има право лично, преку неговиот законскиот застапник, неговиот родител илистарател да поднесе писмена претставка за работата на установата за КАМ и КАМ практичарите до Комората на КАМ практичари, во рок од 30 дена од денот на приемот на одговорот од став (2) на овој член за случаите од став (1) на овој член.
(4) Право да поднесе писмена претставка за работата на установата за КАМ и КАМ практичарите до Комората на КАМ практичари има корисникот на КАМ услугите и доколку установата за КАМ не одговори на претставката на корисникот на КАМ во рок од 15 дена од денот на нејзиниот прием за случаите од став (1) на овој член.
(5) Комората на КАМ практичари е должна во рок од 30 дена да ги испита наводите во претставката и да го извести корисникот на КАМ услугите или неговиот законски застапник, родителот или старателот .
(6) Комората на КАМ практичари спроведува испитувањето на претставките од ставовите (1) и (4) на овој член кое подразбира прибирање на податоци и известувања за фактите и околностите кои се причина за поднесената претставка од корисникот на КАМ услугата, како и прибирање на податоци за преземените мерки од страна на установата за КАМ и/или КАМ практичарот за надминување на причините за поднесување на претставката од ставовите (1) и (4) на овој член
(6) За испитување на претставките од ставовите (1) и (4) на овој член на корисниците на КАМ услугите, Комората на КАМ практичари формира комисија во рок од три дена од денот на приемот на претставката, составена од два претставника од Комората на КАМ практичари и еден претставник определен од Министерството за здравство, за што изготвува извештај.
(7) Извештајот од ставот (6) на овој член Комисијата го изготвува и го доставува до Комората на КАМ практичари во рок од 15 дена од денот на формирањето на комисијата, а Комората на КАМ практичари најдоцна во рок од три дена од приемот на извештајот го доставува до Министерството за здравство.
(8) Начинот за спроведување на испитувањето на претставките од ставовите (1) и (4) на овој член го утврдува министерот за здравство, на предлог на Комората на КАМ практичари, со подзаконски пропис.
(9) По донесувањето на подзаконскиот пропис од ставот (8) на овој член Министерството за здравство е должно веднаш да го објави во „Службен весник на Република Македонија"

Одговорност на КАМ практичарот

Член 66
(1) КАМ практичарот ги применува КАМ методите и постапките со должно внимание, темелно и навремено и нема да наметнува преземање на активност која би предизвикала да се влоши здравствената состојба поради која корисникот на КАМ услугата се обратил на установата за КАМ и/или да се појават нови симптоми или да пропушта активност која би предизвикала да се подобри здравствената состојба поради која корисникот на КАМ услугата се обратил на установата за КАМ.
(2) Во случај на повреда на обврската од членот 62 од овој закон, КАМ практичарот е одговорен за последиците што ќе настапат во случај да биде пропуштено користењето на здравствена услуга согласно медицина заснована на докази.
(3) КАМ практичарот не е одговорен за влошување на здравствената состојба на корисникот на КАМ услугите или за последиците што ќе настапат во случај да биде пропуштено користењето на здравствена услуга согласно медицина заснована на докази од став (2) на овој член, кога корисникот на КАМ услугите:
1) не му дал на КАМ практичарот точни информации за својата здравствена состојба,
2) не ги почитувал инструкциите на КАМ практичарот, и
3) не соработувал со КАМ практичарот во заштитата и подобрувањето на својата здравствена состојба.
(4) КАМ практичарот е професионално одговорен и за активностите на другите лица на кои тој им е претпоставен, а кои се во работен однос или се работно ангажирани во установата за КАМ .

Осигурување од одговорност за штета

Член 67
(1) Установата за КАМ е должна пред да започне со работа да се осигура од одговорност за штета што може да му биде сторена на корисникот на КАМ услугата во текот или како резултат на примената на КАМ методите и постапките.
(2) Вработените КАМ практичари се осигуруваат од страна на нивниот работодавач.
(3) Годишната осигурана сума за секоја одделна КАМ метода или постапка не може да биде пониска од 7.000 евра во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Македонија на денот на склучувањето на договорот за осигурување за установите за КАМ кои применуваат КАМ методи и постапки за дијагностицирање и лекување, односно пониска од 5.000 евра во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Македонија на денот на склучувањето на договорот за осигурување за установите за КАМ кои применуваат КАМ методи и постапки за рехабилитација.
(4) Установата за КАМ е должна уредно да го продолжува осигурувањето од одговорност, а примерок од договорот за осигурување, односно за продолжување на осигурувањето да достави до Министерството за здравство во рок од седум дена од денот на склучувањето на договорот за осигурување.

Рекламирање

Член 68
(1) Установата за КАМ која ги рекламира своите КАМ методи и постапки, може да објави податоци за установата за КАМ и контакт податоци, како и информации за КАМ методите и постапките што ги применува на својата веб страница, во средствата за јавно информирање и на друг начин со користење на други медиуми преку кои се информира јавноста, при што нив не смее да ги рекламира на начин што ќе ги доведе во заблуда потенцијалните корисници на КАМ услугите (во натамошниот текст: заведувачко рекламирање).
(2) Заведувачко рекламирање е секое рекламирање кое содржи предимензионирање и други слични елементи поврзани со ефективноста на КАМ методите и постапките и кое на било каков начин, вклучувајќи ја и неговата презентација, ги доведува во заблуда или е веројатно дека ќе ги доведе во заблуда потенцијалните корисници на КАМ услугите и кое заради својата измамничка природа најверојатно ќе влијае врз нивното економско однесување, односно ќе го злоупотреби или искористи неискуството или неинформираноста на корисникот на КАМ методите и постапките со цел остварување на добивка или кое од овие причини го повредува или најверојатно ќе го повреди конкурентот.
(3) Заведувачко рекламирање на КАМ услугите езабрането.
(4) При одлучувањето дали рекламирањето е заведувачко, се земаат предвид сите негови карактеристики, а особено сите информации содржани во рекламата во врска со:
-својствата на КАМ услугите или производите, составот на производот, начинот и датумот на производството, начинот и времето на вршење на услугите, достапност на производите или услугите, количината на производите, спецификацијата, прилагоденост на производите и услугите за користење за одредени цели, географското или комерцијалното потекло на производите или услугите, резултатите кои што можат да се очекуваат од користењето на производите или услугите, резултатите или другите наоди од тестовите или проверките извршени врз производите или услугите;
-цената, начинот на пресметување на цената, односно условите за продажба на КАМ производите или вршење на КАМ услугите и
-правата на огласувачот, неговиот идентитет и имотот со кој располага, неговите квалификации, сопственост врз индустриски, комерцијални права или правата од интелектуална сопственост или награди и признанија кои ги добил.

Барање за прекин или забрана на заведувачко рекламирање

Член 69
(1) Установите за КАМ, Комората на КАМ практичари и корисниците на КАМ услугите имаат право да бараат од надлежниот инспекциски орган да наложи да се прекине заведувачкото рекламирање доколку поседуваат докази за неточноста на фактичките тврдења во рекламата.
(2) Ако рекламата сé уште не е објавена, а е извесно нејзиното објавување, установите за КАМ, Комората на КАМ практичари и корисниците на КАМ услугите кои имаат интерес, имаат право од надлежниот инспекциски орган да бараат да го забрани објавувањето на заведувачкото рекламирање.
(3) На барање на потрошувачот, надлежниот инспекциски орган може со решение да го прекине заведувачкото рекламирање, да и наложи на установата за КАМ да го објави решението за прекинување, односно забрана на заведувачкото рекламирање или да се изврши исправка на рекламата на сметка на огласувачот, доколку во определен рок огласувачот не достави доказ за точноста на фактичките тврдења наведени во рекламата.

VI. КВАЛИТЕТ НА КАМ ПРОИЗВОДИ И ОПРЕМА

Член 70
(1) При примената на КАМ методите и постапките, установата за КАМ и КАМ практичарот користи квалитетни и безбедни КАМ производи кои ги исполнуваат условите утврдени со стандардите за квалитет на тие КАМ производи, утврдените технички барања и прописи за соодветниот КАМ производ и барањата што се утврдени за заштита на животната средина и здравјето на луѓето.
(2) Безбеден КАМ производ е секој КАМ производ кој во нормални или според разумно предвидливи услови на користење, вклучувајќи го и рокот на употребата, не претставува било каков ризик или ризикот е минимален и е соодветен на користа од употребата на производот и кој ги исполнува условите со кои се обезбедува висок степен на заштита на безбедноста и здравјето на луѓето, и тоа земајќи ги предвид:
-својствата на производот, вклучувајќи го неговиот состав, пакувањето, упатството за составување, употребување и одржување;
-дејството врз други производи каде што е логично дека ќе се користи заедно со други производи;
-презентацијата на производот, неговите ознаки, етикетирањето, упатствата за користење, фрлање и било какви други ознаки или информации дадени за производот и
-категориите на потрошувачи, особено децата и старите лица кои се изложени на ризик при користење на производот.
(3) Опремата која КАМ практичарот ја користи при примена на КАМ методите и постапките е во согласност со прописите од областа на безбедноста на таа опрема.
(4) КАМ производите и опремата за поткожна и перорална апликација и за инхалација ги анализира Агенцијата за лекови и нивната содржина е напишана на пакувањето.
(5) Установата за КАМ и КАМ практичарот се должни, во рамките на своето редовно работење да даваат информации за ризиците од КАМ методите и постапките и КАМ производите што се користат во текот на нормален или разумно предвидлив период на употреба, каде што таквите ризици не се очигледни и да преземат мерки на претпазливост од тие ризици и да соработуваат при спроведувањето на дејствијата преземени за избегнување на таквите ризици.
(6) Производителите и дистрибутерите во случаи кога знаат или претпоставуваат, врз основа на информации кои ги имаат, дека КАМ производите што се пласирани на пазарот се ризични за потрошувачите и не се во согласност со општите барања за безбедност, се должни веднаш да ги информираат надлежните органи за преземање дејствија заради заштита на потрошувачите од тие ризици.
(7) Покрај известувањето на надлежните органи, во смисла на ставот (2) на овој член, производителите и дистрибутерите на КАМ прозиводите можат и да ги повлечат производите од пазарот заради избегнување на ризиците.

VII. КОМОРА НА КАМ ПРАКТИЧАРИ

Цели на Комората на КАМ практичари

Член 71
(1) Со цел да ги заштитат своите професионални и етички интереси, КАМ практичарите се здружуваат во Комора на КАМ практичари која се грижи за нивното професионално и етичко постапување, како и за нивната репутација (во натамошниот текст: Комората).
(2) Комората од став (1) на овој член е независна и самостојна, со својство на правно лице.
(3) Својството на правно лице Комората го стекнува со денот на уписот во регистарот на други правни лица, што го води Централниот регистар на Република Македонија.
(4) Комората е непрофитна организација. Доколку во работењето Комората оствари добивка по кој било основ од овој закон, таа мора да биде употребена исклучиво за поддржување и остварување на целите и задачите заради кои е основана.
(5) Комората за своите обврски одговара со целиот свој имот
(6) Комората има име и може да употребува и скратена ознака на името доколку тоа е запишано во Централниот регистар на Република Македонија.

Членство и членарина

Член 72
(1) Во Комората се зачленуваат КАМ практичари, запишани во Регистарот на КАМ практичари.
(2) Зачленувањето и истапувањето од Комората е слободно и на доброволна основа.
(3) Членовите на Комората плаќаат членарина.

Јавност

Член 73
(1) Работата на Комората е јавна.
(2) Јавноста на работата на Комората се обезбедува особено преку:
- постојано информирање на членството за работата на Комората,
-објавување на одлуките на органите на Комората на начин утврден со статутот на
Комората,
- издавање на брошури, списанија и слично и
- други начини уредени со статутот на Комората.

Обврски на Комората

Член 74
(1) Комората особено ги врши следните работи:
1) следење и евалуација на примената и развојот на КАМ методите и постапките;
2) донесување на кодексот на професионална етика на КАМ практичарите, следење на професионалното однесување на КАМ практичарите и преземање мерки во случај на повреда на кодексот;
3) донесување на стандардите за поединечните КАМ методи и постапки;
4) издавање, обновување и одземање на лиценците за работа на КАМ практичарите и водење на регистарот на КАМ практичари;
5) планирање, организирање, спроведување и следење на контитуираното стручно усовршување на КАМ практичарите и оценка на нивната професионална компетентност;
6) изготвување на листа на препорачани цени на индивидуалните КАМ методи и постапки;
7) учество во изготвување на прописи од областа на КАМ методите и постапките;
8) вршење стручен надзор над работата на КАМ практичарите и установите за КАМ;
9) изготвување на предлог листа на титули, КАМ системи, методи и постапки;
10) признавање, регистрирање и контрола над примената на различните КАМ системи, методи и постапки;
11) дава професионална, правна и друга помош и поддршка на КАМ практичарите;
12) ги штити интересите и правата на КАМ практичарите;
13) промовира соработка помеѓу членовите на Комората, и
14) врши други работи согласно закон и статутот на Комората.
(2) Кодексот на професионална етика на КАМ практичарите, стандардите за поединечните КАМ методи и постапки, листата на препорачани цени на индивидуалните КАМ методи и постапки и предлог листата на титули, КАМ системи, методи и постапки од став (1) точките 2), 3), 6) и 9) на овој член, Комората ги донесува во согласност со министерот за здравство.

Јавни овластувања на Комората

Член 75
(1) Работите од член 74 точките 4) и 8) од овој закон Комората ги врши како јавни овластувања согласно овој закон.
(2) Секое јавно овластување се доделува на Комората за период од пет години.
(3) Министерот за здравство јавното овластување го доделува со решение.
(4) Жалбите против одлуките на Комората донесени врз основа на јавното овластување од став (1) на овој член се доставуваат до Министерството за здравство во рок од осум дена од денот на приемот на одлуката на Комората.

Одземање на јавно овластување

Член 76
(1) Министерот за здравство со решение го одзема јавното овластување на Комората по службена должност, ако утврди неправилно, незаконско и ненавремено извршување на задачите во рамките на јавното овластување.
(2) Министерот за здравство може со решение да утврди престанок на вршењето на јавното овластување на барање на Комората, во кое ќе се утврди и рокот за престанокот на вршењето на јавното овластување.
(3) Против решението за одземање, односно престанок на вршењето на јавното овластување на Комората не е дозволена жалба, а незадоволната страна може да поведе управен спор пред Управен суд.
(4) Решението за одземање, односно за престанок на вршењето на јавното овластување е конечно и се објавува во „Службен весник на Република Македонија".
(5) Со денот на одземањето, односно со денот на престанувањето на вршењето на јавното овластување, управните задачи на носител на јавно овластување ги презема Министерството за здравство.
(6) Комората е должна, во рок од 15 дена од денот на конечноста на решението за одземање, односно решението за престанување на вршењето на јавното овластување, на Министерството за здравство да му ја предаде целокупната документација и евиденциите во електронска форма и во писмена форма кои ги има и ги води во врска со извршувањето на јавното овластување.

Надзор над Комората за работите што ги врши како јавно овластување

Член 77
(1) Надзор над законитоста на работата на Комората во вршењето на јавното овластување го врши Министерството за здравство и Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
(2) По вршењето на надзорот од ставот (1) на овој член Министерството за здравство, односно Државниот санитарен и здравствен инспекторат ја известува Комората во која е извршен надзорот за констатираните недостатоци и неправилности и определува рок за нивно отстранување и доколку истите не бидат отстранети министерот за здравство ќе го одземе јавното овластување.
(3) Ревизија на материјално-финансиското работење на Комората врши Министерството за здравство и Државниот завод за ревизија.
(4) Комората е должна да овозможи вршење на надзор согласно овој член.

Статут на Комората

Член 78
(1) Комората со дво-третинско мнозинство од сите членови на Комората донесува статут со кој ја уредува организацијата и работата на Комората (во натамошниот текст: статутот).
(2) Статутот содржи одредби кои се однесуваат на:
- назив на Комората во кој на почетокот или на крајот е содржан зборот "комора", освен ако тој збор не е на друг начин содржан во називот на комората;
-седиштето на Комората,
- целите и задачите на Комората,
- органите на Комората, постапката за нивен избор, односно именување и причините и начинот на нивното отповикување, нивниот состав, надлежностите и начинот на одлучување,
- лицата кои ја застапуваат Комората во правниот промет,
- правата, обврските и одговорностите на членовите на Комората и нивите претставници во органите на Комората,
- начинот на обезбедување на финансиски средства потребни за извршување на задачите на Комората,
- начинот и постапката на определување на членарината и критериумите за нејзино определување,
- задачите на комората кои се финансираат од членарината, - постапката за изменување на статутот на комората, - другите општи акти и постапката за нивното донесување,
- начинот и обврските на членот при пристапувањето и истапувањето од комората и други работи утврдени со овој закон и со статутот.
(3) Министерството за здравство дава согласност на делот од статутот со кој се уредуваат работите кои Комората ги врши како јавни овластувања.
(4) Статутот од став (1) на овој член се објавува во „Службен весник на Република Македонија".

Основање на Комората

Член 79
(1) Комората се основа на основачко собрание на кое се донесува одлука за основање, статут и се избираат органите на Комората.
(2) До одржувањето на основачкото собрание и усвојувањето на статутот и изборот на органите на Комората, обврските кои согласно овој закон Комората ги врши како јавни овластувања ги врши Министерството за здравство.
(3) На основачкото собрание од став (1) на овој закон може да присуствува секое лице кое ќе достави докази дека ги исполнува условите за издавање на лиценца за работа, а кое ќе се пријави да учествува на основачкото собрание во рокот за пријавување објавен во јавниот оглас со кој се закажува одржување на основачко собраниена Комората.
(4) За да се одржи основачко собрание на Комората потребно е да се пријават за учество најмалку 45 лица кои ги исполнуваат условите за издавање на лиценца за работа.
(5) Статутот на Комората се донесува и органите на Комората се избираат со дво-третинско мнозинство од вкупниот број на лица пријавени да учествуваат на основачкото собрание.

Упис на Комората во регистар

Член 80
(1) Комората е должна во рок од 30 дена од донесувањето на одлука за основање да
поднесе пријава за упис во Централниот регистар на Република Македонија.
(2) Со пријавата за упис во Централниот регистар на Република Македонија се поднесува:
- одлука за основање,
- статут,
- записник од основачкото собрание на Комората,
- одлуки за избор на членовите на органот на управување, односно на надзорниот одбор, ако тие не се назначени со статутот и
- име на овластеното лице за застапување на Комората.
(3) Лицето овластено за застапување на Комората одговара за веродостојноста, вистинитоста и точноста на податоците содржани во пријавата и за прилозите што со овој закон е определено дека се приложуваат кон пријавата за упис на основањето на Комората во Централниот регистар на Република Македонија.

Запишување на промени на податоци

Член 81
(1) При промена на податоците кои се запишуваат во Централниот регистар на Република Македонија, Комората е должна во рок од 30 дена од денот на извршените промени да поднесе пријава во Централниот регистар на Република Македонија за запишување на промените.
(2) Пријавата за извршените промени ја поднесува лицето овластено за застапување на Комората.

Органи на Комората

Член 82
(1) Комората ги има следните органи:
-собрание;
-извршен одбор;
-надзорен одбор;
-претседател;
-КАМ експертски комисии.
(2) Во согласност со статутот на Комората, може да се формираат и други извршни и стручни тела.

Собрание на Комората

Член 83
(1) Собранието на Комората е највисок орган на Комората.
(2) Собранието на Комората може согласно статутот да го сочинуваат сите негови членови или избраните претставници на членовите.
(3) Ако Собранието на Комората го сочинуваат избрани претставници на членовите, со статутот на Комората се утврдува начинот на нивниот избор и траењето на нивниот мандат во собранието.
(4) Секој член на Комората има право да учествува на изборите на претставниците на членовите на Собранието.

Задачи на Собранието на Комората

Член 84
(1) Собранието на Комората ги извршува особено следниве задачи:
1) донесува статут на Комората и други општи акти на Комората, освен доколку не е поинаку уредено со овој закон или со статутот;
2) донесува кодекс на професионална етика на КАМ практичарите и стандардите за примена на КАМ методите и постапките;
3) донесува годишната програма за работа и финансискиот план и извештаите за нивно спроведување;
3) одлучува за висината на членарината;
4) одлучува за именувањето и отповикувањето на претседателот на Комората и на членовите на управниот одбор на Комората;
5) одлучува за именувањето и отповикувањето на членовите на КАМ експертската комисија;
6) донесува листа на препорачани цени за поединечните КАМ методи и постапки, и
7) донесува други одлуки за кои е овластен со статутот.
(2) Со програма за работа и финансискиот план од ставот (1) точка 2) на овој член се определуваат задачите и висината на финансиските средства на Комората и целта на нивното користење.
(3) Собранието може полноправно да работи доколку се присутни мнозинството од вкупниот број членови на Собранието.
(4) Собранието одлучува за прашања од својата надлежност со мнозинство гласови од
присутните членови на Собранието, доколку со статутот на комората поинаку не е определено.
(5) Начинот на свикување и одлучување на Собранието се уредува во статутот на Комората.
.
Извршен одбор

Член 85
(1) Извршниот одбор на Комората ги извршува особено следниве задачи:
1) предлага на Собранието донесување на програма за работа и финансиски план;
2) разгледува и донесува предлози на материјалите за седниците на Собранието на комората;
3) ја спроведува програмата за работа и финансискиот план и другите одлуки на Собранието и за тоа го известува собранието и
4) разгледува предлози на членовите за дејствување на Комората.
(2) Извршниот одбор е составен од претставници на членовите на Комората и најмалку два претставника на Министерството за здравство, а членовите на извршниот одбор се избираат за период од најмногу четири години и може да бидат повторно избрани најмногу уште еднаш.
(3) Бројот на членовите на извршниот одбор се определува со статутот.

Надзорен одбор

Член 86
(1) Надзорниот одбор се состои од најмалку три члена.
(2) Членовите на надзорниот одбор се избираат за време од четири години и можат да бидат повторно избрани најмногу уште еднаш.
(3) Претседателот на надзорниот одбор се избира од редот на членовите на надзорниот одбор.
(4) Претседателот на надзорниот одбор ги свикува и ги води седниците на надзорниот одбор.
(5) Надзорниот одбор врши надзор врз законитоста, материјално-финансиското работење, имотот и правилноста на работата на Комората и за својата работа го известува Собранието на Комората во временски период утврден со статутот на Комората.
(6) Бројот на членови на надзорниот одбор и начинот на нивниот избор, како и начинот на вршење на надзорот се уредува со статутот на Комората.

Претседател на Комората и членови на одборите

Член 87
(1) За претседател на Комората, член на извршниот одбор и надзорниот одбор може да се избере лице кое ги исполнува условите утврдени со статутот.
(2) Претседателот на Комората се избира за период од четири години и може да биде повторно избран најмногу уште еднаш.
(3) За претседател на Комората може да се избере само лице кое е КАМ практичар, вработен во установа за КАМ.
(4) Претседателот на Комората ја застапува и претставува Комората во правниот промет.
(5) Претседателот на Комората е член на извршниот одбор, кој ги закажува и води седниците на извршниот одбор.

Извршен директор и стручна служба на комората

Член 88
(1) Комората има извршен директор кој ја застапува во имотните и други правни работи, раководи и ја организира работата на стручната служба и врши и други работи согласно актите на Комората.
(2) Стручните, административно - техничките, помошните и другите работи за потребите на Комората ги врши стручната служба на Комората.
Суд на честа

Член 89
(1) Комората може да формира суд на честа како независен орган.
(2) Надлежноста, составот, организацијата, финансирањето, начинот на избор, како и разрешувањето на членовите на Судот на честа се утврдуваат со акт на Комората кој го донесува Собранието на Комората.
(1) Судот на честа се грижи за развивање, остварување и зајакнување на професионалните етички норми, добрите деловни обичаи и деловниот морал.
(2) Судот на честа одлучува за повреда на професионалните етички норми и добрите деловни обичаи, за неизвршување на обврските на членовите на Комората, како и за други повреди на актите на Комората за што може да се изречат мерки согласно статутот на Комората.

КАМ експертски комисии

Член 90
(1) КАМ експертска комисија е највисоко професионално тело на Комората, која е одговорна за следење, евалуација и развој на КАМ и дава мислење за професионалните и етичките прашања од областа на КАМ методите и постапките до Собранието на Комората.

Стручни здруженија

Член 91
(1) КАМ практичарите кои применуваат одделни КАМ методи и постапки можат да се здружуваат во стручни здруженија, особено заради следење на достигнувањата и унапредувањата во одделни гранки на КАМ методи и постапки.
(2) Стручните здруженија од став (1) на овој член организираат различни форми на стручно усовршување на КАМ практичарите, учествуваат во изработувањето стручни упатства за работа по одделни КАМ методи и постапки и предлагаат мерки за унапредување на стручната работа на КАМ практичарите.

Облици на организирање и работење

Член 92
(1) Комората ја сочинуваат професионални одделенија како основен облик на професионално поврзување и организирање на членовите на Комората, за унапредување на одредени КАМ методи и постапки.
(2) Во Комората се основаат особено следните одделенија:
1) Одделение на КАМ практичари по ТКМ;
2) Одделение на КАМ практичари по хомеопатија;
3) Одделение на КАМ практичари по ајурведа;
(3) По потреба, покрај одделенијата од ставот (1) на овој член во Комората можат да се формираат и други одделенија со одлука на Извршниот одбор, на предлог на Собранието на Комората.
(4) Со одделението раководи раководител на одделението, а во случај на негово отсуство или спреченост негов заменик.
(5) Одделенијата на првата седница избираат раководители и заменици на раководители од редот на своите членови.
(6) Раководителот и заменикот ги подготвуваат, свикуваат и водат седниците на одделението и ги застапуваат интересите на одделението пред Комората.
(7) Раководителот на одделението со писмено овластување од претседателот на Комората може да ја застапува Комората за прашања од нејзиниот делокруг.

Други форми на организирање и работење

Член 93
Во рамките на Комората може да се организираат и да дејствуваат секции, одбори и други форми на организирање и работење, заради ефикасно остварување на специфични интереси во одредено подрачје на поединечна КАМ метода и/или постапка, во согласност со статутот на Комората.

Соработка со комори на други држави, меѓународни организации,
како и со органи и други институции на Република Македонија

Член 94
Во рамките на своите активности утврдени со овој закон и статут, Комората може да соработува со комори на други држави, меѓународни организации, како и со органи и други институции на Република Македонија.

Финансиски средства за работа

Член 95
(1) Комората се финансира од:
- членарина,
- наплата од извршени услуги,
- донации и
- други извори.
(2) Комората самостојно ги утврдува основицата за пресметка, висината и начинот на
плаќање на членарината и другите придонеси.
(3) Висината на наплатата за извршените услуги на Комората во вршење јавни овластувања ја утврдува извршниот одбор на Комората, во согласност со Министерството за здравство.
(4) Собранието на Комората може да дозволи ослободување од плаќање на членарината под одредени услови и критериуми утврдени со статутот на Комората.
(5) Контролата врз наплатата на членарината ја врши надзорниот одбор на Комората.

VIII. ЛИЦЕНЦИ ЗА РАБОТА

Рок на важење на лиценцата за работа и услови за издавање на прва лиценца за работа

Член 96
(1) Лиценцата за работа на КАМ практичарот се издава за период од седум години.
(2) Лиценцата за работа на КАМ практичарот од став (1) на овој член се издава по конечноста на одлуката за издавање, односно за обновување на лиценцата за работа на КАМ практичарот.
(3) Лицето кое сака да биде КАМ практичар треба да ги исполни условите утврдени со член 15 од овој закон, како и следните услови:
1) активно познавање на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, и
2) да не е осудуван за кривично дело со казна затвор во траење подолго од шест месеци и
3) против лицето не е изречена мерка на безбедност забрана на вршење на професија, дејност или должност.
(4) Кон барањето за издавање на лиценца за работа, лицето кое бара издавање на лиценца ги приложува следните докази:
1) доказ за исполнетост на условите од член 15 од овој закон ;
2) уверение за активно познавање на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, издадена од надлежна институција.
.
Обновување на лиценца за работа

Член 97
(1) Заради непрекината надградба на знаењата, способностите и вештините од одредена КАМ метода и/или постапка, КАМ практичарите е должен да го усоврши своето знаење во областа на КАМ методата и постапката за која е издадена лиценцата за работа преку континуирана едукација која ќе се организира и спроведува преку различни форми на обука и имаа обврска да следат обуки и други облици на стручно усовршување, а особено оние кои се однесуваат на тековните достигнувања во областа на КАМ методата и/или постапката за која е издадена лиценцата за работа, истражувања за безбедноста и ефикасноста на КАМ методата и/или постапката за која е издадена лиценцата за работа, како и унапредувањето на комуникациските и социјалните вештини на КАМ практичарот.
(2) Обуките на КАМ практичарите од став (1) на овој член се состојат од специјализирани или интердисциплинарни обуки, како и обуки за стекнување на практични вештини.
(3) Посетувањето на обуката од став (1) на овој член во текот на периодот на важење на лиценцата за работа е услов за КАМ практичарот да ја обнови лиценцата за работа.
(4) Два месеци пред истекот на важноста на лиценцата за работа, КАМ практичарот е должен до Комората да ги достави сите докази за завршена обука од став (1) на овој член во текот на периодот на важење на лиценцата за работа.
(5) КАМ практичарот е должен во текот на периодот на важење на лиценцата за работа да заврши обука во вкупно времетраење од најмалку пет месеци.

Одземање на лиценца за работа

Член 98
(1) Комората може да ја одземе лиценцата за работа привремено или трајно .
(2) Лиценцата за работа се одзема трајно во следните случаи:
1) поради сериозна повреда на професионалните стандарди кога со своите активности КАМ практичарот или со пропуштање да преземе активности неповратно или сериозно го нарушил здравјето на корисникот на КАМ услугите или предизвикал негова смрт;
2) доколку КАМ практичарот е осуден за кривично дело сторено со умисла за кое се гони по службена должност во врска со примената на КАМ методата и/или постапката;
3) доколку КАМ практичарот не достави докази потребни за издавање и/или за обновување на лиценцата за работа или доставил лажни информации или фалсификувани документи потребни за издавање и/или за обновување на лиценцата за работа, и
4) доколку КАМ практичарот повеќе од два пати стори повреда на членот 62 од овој закон .
(3) Лиценцата за работа се одзема привремено во следните случаи:
1) доколку КАМ практичарот со своите активности го загрозил и/или го загрозува здравјето или животот на корисниците на КАМ услугите, и
2) доколку против КАМ практичарот е изречена мерка на безбедност забрана на вршење на професија, дејност или должност во врска со примената на КАМ методата и постапката за која е издадена лиценцата за работа.
(4) Привременото одземање на лиценцата за работа трае се додека постојат причините за нејзино одземање или за периодот наведен во одлуката за привремено одземање на лиценцата за работа.
(5) Привременото одземање на лиценцата за работа може да трае најмногу пет години.
(6) По престанување на постоење на причините за привремено одземање на лиценцата за работа, КАМ практичарот може да поднесе барање за издавање на лиценца за работа.

Регистар

Член 99
(1) Комората е должна да го евидентира КАМ практичарот во регистарот на КАМ практичари (во натамошниот текст: Регистарот).
(2) Регистарот ги содржи особено следните податоци:
1) име и презиме;
2) датум и место на раѓање;
3) адреса на живеалиштето или престојувалиштето;
4) државјанство;
5) вид и степен на стручна подготовка;
6) податоци за лиценцата на КАМ практичарот;
7) податоци за КАМ методите и постапките што ги применува КАМ практичарот;
8) дополнително образование;
9) назив и седиште на установата за КАМ во која работи или е основач КАМ практичарот, и
10) мерки изречени против КАМ практичарот поради било каква повреда или прекршување на кодексот на професионална етика на КАМ практичарите.
(3) КАМ практичарот ја пријавува до Комората секоја промена на податоците во Регистарот во рок од 30 дена од денот на настанувањето на промената.
(4) КАМ практичарот ќе биде избришан од Регистарот во следните случаи:
1) на негово барање;
2)доколку биде донесена конечна одлука за трајно одземање на лиценцата за работа;
3) доколку настапи трајна работна неспособност за работа, и
4) во случај на смрт.
(5) Во случајот од став (4) точка 1) на овој член, КАМ практичарот доставува барање до Комората, а во случаите од став (4) точките 2), 3) и 4) на овој член, бришењето од Регистарот Комората го врши по службена должност.
(6) Комората ги запишува во Регистарот датумот и причините за бришење од регистарот.

Прибирање на податоци за регистарот и јавен пристап до регистарот

Член 100
(1) Податоците од членот 99 став (2) од овој закон се преземаат од барањето за издавање на лиценца за работа. Податоците содржани во официјални регистри или евиденции, како и податоците со кои располагаат надлежни органи, Комората ги прибавува по службена должност.
(2) Секој има право на увид во податоците во Регистарот за лиценцата за работа на КАМ практичарот, за КАМ методите и постапките кои КАМ практичарот ги применува и седиштето на установата за КАМ.

Подзаконски прописи

Член 101
(1) Формата и содржината на барањето за издавање и на барањето за обновување на лиценца за работа ги утврдува министерот за здравство, на предлог на Комората.
(2) По донесувањето на подзаконскиот пропис од ставот (1) на овој член Министерството за здравство е должно веднаш да го објави во „Службен весник на Република Македонија"

IX. СТРУЧЕН НАДЗОР НАД РАБОТАТА НА КАМ ПРАКТИЧАРИТЕ И УСТАНОВИТЕ ЗА КАМ

Член 102
(1) Комората врши надзор над работата на КАМ практичарите и установите за КАМ со цел да утврди дали работата е извршена согласно стандардите за КАМ методата и постапката, кодексот на професионална етика на КАМ практичарите и овој закон, врз основа на годишна програма за вршење надзор, донесена во согласност со Министерството за здравство.
(2) Комората го врши надзорот од став (1) на овој член и врз основа на барање на корисник на КАМ услуга, установа за КАМ, министерот за здравство и врз основа на друго образложено барање.
(3) Начинот на вршење на надзорот од став (1) на овој член го утврдува со подзаконски пропис министерот за здравство, на предлог на Комората.
(4) По донесувањето на подзаконскиот пропис од ставот (3) на овој член Министерството за здравство е должно веднаш да го објави во „Службен весник на Република Македонија"

Извештај по спроведен надзор

Член 103
(1) Комората од спроведениот надзор изготвува извештај во кој предлага мерки и рокови за отстранување на утврдените недостатоци во рок не подолг од 15 дена од денот кога надзорот бил извршен. Извештајот се доставува до КАМ практичарот и/или установата за КАМ, како и до подосителот на барање за вршење на надзор кога надзорот е извршен по барање.
(2) Доколку со надзорот се утврдат недостатоците од членот 35 став (2) алинеја 4, 5 и 6 и членот 98 ставови 2 и 3 од овој закон и недостатоци кои предизвикале да се влоши здравствената состојба поради која корисникот на КАМ услугите побарал примена на КАМ метода и/или постапка, Комората може да ги изрече следните мерки:
1) да побара дополнителна обука за КАМ практичарот;
2)да побара отстранување на организациските и другите недостатоци кои предизвикале несоодветен квалитет во примената на КАМ методата и постапката;
3) одземање на лиценцата за работа на КАМ практичарот, и
4) да предложи одземање на дозволата за работа на установата за КАМ.
(3) КАМ практичарот и установата за КАМ се должни да овозможат непречено вршење на надзорот.

X.НАДЗОР НАД СПРОВЕДУВАЊЕ НА ОДРЕДБИТЕ ОД ЗАКОНОТ

Надзор над спроведување на одредбите од законот

Член 104
(1) Надзор над спроведување на одредбите од овој закон врши Министерството за здравство.
(2) Доколку Министерството за здравство при вршењето на надзорот од став (1) на овој член утврди дека установата за КАМ дава КАМ услуги без дозвола за работа од член 27 од овој закон, ќе донесе одлука за времена забрана за вршење на дејноста која трае до издавање на дозвола за работа од член 27 од овој закон.

XI.ПРЕКРШОЧНИ ОДРЕДБИ

Прекршок за КАМ практичарот

Член 105
(1 Глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на КАМ практичарот ако:
1) користи звање на КАМ практичар спротивно на член 16 од овој закон;
2) не води документација или документацијата ја води спротивно на членот 57 од овој закон;
3) не му ги дава потребните информации на корисникот на КАМ услугите или не го советува во согласност со член 58 од овој закон;
4) не го упатува корисникот на КАМ услугата да користи здравствена услуга согласно медицина заснована на докази во согласност со членот 62 од овој закон;
5) ги ограничува или оневоможува остварување на правата на корисниците на КАМ услугите од член 64 од овој закон;
6) не ја пријави до Комората промената на податоците внесени во регистарот согласно со членот 99 од овој закон, и
7) оневозможува или не овозможува непречено вршење на надзор согласно со членот 102 од овој закон.

Прекршок за лице кое не е КАМ практичар

Член 106
Глоба во износ од 2.500 до 3.500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на лице кое применува КАМ методи и постапки без да поседува лиценца за работа во согласност со член 96 од овој закон.

Прекршок за установата за КАМ

Член 107
(1) Глоба во износ од 3.500 до 5.500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на установата за КАМ ако:
1) применува КАМ методи и постапки без да вработи КАМ практичар (член 21 од овој закон);
2) применува КАМ методи и постапки во несоодветни простории и без соодветна опрема (член 21 од овој закон);
3) ги нема поставено на јавно и видливо место лиценците на КАМ практичарите и ценовникот за КАМ услугите (член 18 од овој закон);
4) применува КАМ методи и постапки без дозвола за работа издадена во согласност со член 27 од овој закон;
5) КАМ практичар вработен во установата за КАМ не води документација за корисникот на КАМ услугата во согласност со член 57 од овој закон;
6) КАМ практичар вработен во установата за КАМ не го упати корисникот на КАМ услугата да користи здравствена услуга согласно со член 62 од овој закон или го обесхрабрува или го советува да не користи здравствена услуга;
7) ги рекламира КАМ методите и постапките спротивно на член 68 од овој закон, и
8) не овозможува непречено вршење на надзорот од член 102 од овој закон или го оневоможува неговото вршење.
(2) Глоба во износ од 1.500 до 2.500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршоците од став (1) на овој член и на одговорното лице на установата за КАМ.

Прекршок за Комората

Член 108
(1) Глоба во износ од 4.000 до 20.000 евра во денарска противвредност ќе и се изрече за прекршок на Комората ако:
1) не го евидентира КАМ практичарот во регистарот согласно член 99 од овој закон по издавањето на лиценцата за работа;
2) не му овозможи на лицето кое тоа го барало увид во регистарот согласно член 100 од овој закон;
3) не ги врши јавните овластувања согласно овој закон.
(2) Глоба во износ од 1.500 до 2.500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршоците од став (1) на овој член и на одговорното лице на Комората.

XII. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Усогласување со одредбите од овој закон

Член 109
Правните и физичките лица кои применувале КАМ методи и постапки до денот на влегувањето во сила на овој закон, ќе поднесат барање за издавање на лиценца за работа и/или дозвола за работа согласно овој закон до Министерството за здравство во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Преоден период за исполнување на услови

Член 110
(1) Физичко лице, кое на денот на влегувањето во сила на овој закон применува КАМ методи и постапки, но не ги исполнува условите за образованието и стручното усовршување на лицето, пропишани за издавање на лиценца за работа на КАМ практичар утврдени со член 15 од овој закон, може да продолжи да ги применува КАМ методите и постапките доколку ги исполни условите утврдени со член 15 од овој закон во рок од седум години од денот на влегување во сила на овој закон.
(2) Физичкото лице од став (1) на овој член кое поседува сертификат за завршен курс/обука за хомеопатија согласно член 15 став (6) алинеја 3 од овој закон или член 15 став (7) од овој закон, како и лицето кое има намера да ги исполни условите од член 15 став (6) од овој закон, покрај исполнување на условот од став (1) на овој член, е должно да се запише во учебната 2015/2016 година на високообразовна установа заради завршување на прв циклус на студии од областа на медицината, стоматологијата, односно фармацијата или завршување на тригодишни стручни студии за медицинска сестра, односно за медицински техничар како високо стручно образование за медицински сестри, односно медицински техничари.
(3) Комората издава времена лиценца за работа за преодниот период даден за исполнување на условот и го запишува во посебна евиденција за издадени времени лиценци за работа на физичкото лице од ставот (1) на овој член , а на физичкото лице од ставот (2) на овој член доколку го исполни и условот од став (2) на овој член .
(4) Во преодниот период од став (1) на овој член лицето од став (1) на овој член нема право да го користи звањето КАМ практичар и има обврска да ја истакне на видно место времена лиценца за работа за преодниот период од став (3) на овој член.
(5) Физичкото лице од став (1) на овој член, кое по истекот на рокот од став (1) на овој член нема да ги исполни условите за образованието и стручното усовршување на лицето, пропишани за издавање на лиценца за работа на КАМ практичар утврдени со член 15 од овој закон, односно физичкото лице кое нема да го исполни условот од ставот (2) на овој член, престанува да ги применува КАМ методите и постапките наредниот ден од последниот ден од рокот од став (1), односно наредниот ден од последниот ден од постапката на запишување во учебната 2015/2016 година на високообразовна установа согласно став (2) на овој член.
(6) Тој што ќе продолжи да ги применува КАМ методите и постапките спротивно на став (5) на овој член, кривично ќе одговара за надрилекарство. што ќе се казни со затвор од три месеци до една година и со парична казна.

Програма на стручно усовршување на лицата со завршено високо образование од областа на хомеопатијата

Член 111
(1) Високообразовната установа -медицински факултет во Република Македонија е должна да поднесе барање до Одборот за акредитација и евалуација на високото образование за акредитирање на програмата на стручно усовршување на лицата со завршено високо образование од областа на хомеопатијата најдоцна во рок од еден месец од влегување во сила на овој закон.
(2) Одборот за акредитација и евалуација на високото образование е должен да го разгледа барањето на високообразовната установа -медицински факултет од став (1) на овој член и да ја спроведе постапката за акредитација во согласност со прописите од областа на високото образование.
(3) Високообразовната установа -медицински факултет во Република Македонија и Одборот за акредитација и евалуација на високото образование се должни да ги преземат активностите од ставовите (1) и (2) на овој член за да се создадат услови за запишување на програмата за стручно усовршување од член 15 став (8) од овој закон во учебната 2015/2016 година на високообразовната установа-медицински факултет.

Формирање на Комората

Член 112
(1) Основачкото собрание на Комората го свикува Министерството за здравство во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.
(2) Лицата кои се пријавуваат за учество на основачкото собрание на Комората до Министерството за здравство ги доставуваат доказите дека ги исполнуваат условите за издавање на лиценца за работа, а Министерството за здравство оценува дали лицето ги исполнува условите за издавање на лиценца за работа .

Формирање на Центар за традиционална кинеска медицина

Член 113
(1) Владата на Република Македонија ќе го основа Центарот за ТКМ со одлука во рок од три месеца од денот на влегување во сила на овој закон.
(2) Како вработени во Центарот за ТКМ се преземаат лицата кои се упатени на обука или втор циклус студии високо образование од областа на ТКМ во универзитетите во Народна Република Кина во рамки на соработката на Владата на Република Македонија и Народна Република Кина.

Подзаконски прописи

Член 114
(1) Комората во рок од три месеци од денот на одржувањето на основачкото собрание ги донесува и објавува кодексот на професионална етика на КАМ практичарите и стандардите за примена на КАМ методите и постапките и другите подзаконски прописи согласно овој закон.
(2) Министерството за здравство во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон ги донесува подзаконските прописи согласно овој закон.

Влегување во сила

Член 115
Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија".

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ
НА ПРЕДЛОГ - ЗАКОНОТ ЗА КОМПЛЕМЕНТАРНА И АЛТЕРНАТИВНА МЕДИЦИНА

I. ОБЈАСНУВАЊЕ НА СОДРЖИНАТА НА ОДРЕДБИТЕ НА ПРЕДЛОГ ЗАКОНОТ

Во глава I. Општи одредби се уредени предметот на уредување; дефиниција на комплементарна и алтернативна медицина; дефиниции на поими; видови на КАМ методи и постапки; методи и постапки на дијагностика, лечење и рехабилитација; регистрирање и признавање на КАМ системи, методи и постапки; услови за примена на КАМ методи и постапки; јавен интерес; надомест на трошоци за користење на КАМ услуги и начела на КАМ.
Во глава II. Лица кои применуваат КАМ методи и постапки се уредени критериумите да се биде КАМ практичар; користење на звањето КАМ практичар; кодекс на професионална етика на КАМ практичарите и стандардите на КАМ методите и постапките.
Во глава III. Установи за КАМ се уредени условите и постапката за основање на установа за КАМ; издавање на дозвола за работа на установата за КАМ; запишување на установата за КАМ во регистарот; престанок со работа на установата за КАМ и одземање на дозвола за работа и видови на установи за КАМ.
Во глава IV.Центар за традиционална и комплементарна медицина, е уредено основањето на Центарот за ТКМ; неговата надлежност и извори на финансирање; услови што треба да ги исполнуваат вработените во Центарот за ТКМ и условите за именување, разрешување и престанок на мандат на директорот и заменик директорот на Центарот за ТКМ.
Во глава V. Примена на КАМ методи и постапки, е уредено водењето на документација за корисникот на КАМ услугата; задолжителното потпишување на изјава со согласност за примена на одредена КАМ методи и постапка; прибирање на податоци за примената на КАМ методите и постапките за потреби на вршење надзор, контрола и евалуација; заштита на лични податоци; третман од страна на КАМ практичарот; задолжително упатување на медицински третман; мислење на избраниот лекар и/или докторот специјалист илу супспецијалист за примената на КАМ методот или постапката; права на корисникот на КАМ услугата и право на корисниците на КАМ методите и постапките да поднесуваат поплаки; како и одговорност на КАМ практичарот; осигурувањето од одговорност за штета и рекламирањето на КАМ методите и постапките.
Во глава VI.Квалитет на КАМ методите и постапките, се уредено стандардите кои треба да ги исполнуваат КАМ опремата и производите.
Во глава VII.Комора за КАМ, е уредено формирањето на Комората; обврските на Комората; јавните овластувања на Комората; одземање на јавните овластувања; надзор над Комората за работите што ги врши како јавни овластувања; статут на Комората; органи на Комората; финансиски средства за работа на Комората и формирање на стручни здруженија.
Во глава VIII. Лиценци за работа, се уредуваат условите за издавање на првата лиценца за работа; условите за обновување на лиценцата за работа, како и за одземање на лиценцата за работа; востановување на регистар на КАМ практичари; прибирањето на податоци за регистарот и право на јавен пристап до регистарот.
Во глава IX.Стручен надзор над работата на КАМ практичарите, е уредена постапката на вршење на стручен надзор над работата на КАМ практичарите.
Во глава X.Надзор над спроведувањето на одредбите од законот, е утврден надлежен орган за вршење на надзор над спроведувањето на одредбите од законот.
Во глава XI.Прекршочни одредби, се утврдени прекршоци за КАМ практичарот; за лице кое не е КАМ практичар; за установата за КАМ и за Комората.
Во глава XII.Преодни и завршни одредби, е уредено усогласувањето со одредбите од законот; преоден период за исполнување на условите од законот за примена на КАМ методите и постапките; рок за формирање на Комората; рок за формирање на Центарот за ТКМ, рок за донесување на подзаконските прописи и влегувањето во сила на законот.

II. МЕЃУСЕБНА ПОВРЗАНОСТ НА РЕШЕНИЈАТА СОДРЖАНИ ВО ПРЕДЛОЖЕНИТЕ ОДРЕДБИ

Предложените одредби се меѓусебно поврзани.

III. ПОСЛЕДИЦИ ШТО ЌЕ ПРОИЗЛЕЗАТ ОД ПРЕДЛОЖЕНИТЕ РЕШЕНИЈА

Министерството за здравство оцени дека уредување на прашањата поврзани со постоењето и користењето на различните форми на комплементарна и алтернативна медицина (во натамошниот текст: КАМ) преку донесување на посебен закон е потребно од следните причини:
• да се идентификуваат и дефинираат „дисциплините" на КАМ кои ќе бидат дел од здравствениот систем на Република Македонија;
• да се утврдат услови под кои „дисциплините" на КАМ ќе можат да бидат практикувани, односно користени;
• да се утврди видот и степенот на стручната подготовка, односно да се утврдат образовните квалификации кои лицето кое сака да практикува некоја од „дисциплините" на КАМ треба да ги поседува;
• да се создаде механизам што ќе му овозможи на пациентот да биде заштитен од неквалификувани поединци, да му се гарантира максимум безбеден третман, како и да му се овозможи да го оствари правото да избере третман врз основа на точни и целосни информации;
• да се утврди дали лицата кои сакаат да практикува некоја од „дисциплините" на КАМ треба да членуваат во некоја професионална организација или комора и да бидат обврзани на континуирана едукација;
• да се уреди прашањето на надоместување на трошоците направени со користење на некоја од „дисциплините" на КАМ.

Утврдувајќи ја потребата од создавање на законска рамка во која ќе се практикуваат и користат различните форми на КАМ, Министерството за здравство изготви предлог закон за комплементарна и алтернативна медицина. Предлог решенијата се темелат на компаративни анализи за правниот статус и начинот на регулирање на КАМ во Европа и други држави надвор од Европа, богатата литература за сите аспекти на различните форми на КАМ и ситуацијата во Република Македонија со користење на неколку вида на КАМ.

 

 

9 јануари 2015 - 15:06