Фино што има луѓе што знаат да медитираат, ама некои од нас се тотални дудуци и за јога и за медитација, а викаат дека така се намалувало стрес и се подобрувало квалитет на животот. Среќа па, некој и на нас мислел и решил решението да го побара во практични ствари, а притоа за човештвото да сфати, да го спакува во анимирано видео со пријатен глас.
Поентата е дека, сите имаме едно мало бебе во себе.
И ако размислите, како што ќе каже и чичкото на видеото, бебето доаѓаат луѓе да го видат, му носат шарени работки, му зборат, му гугаат, му се пикаат во фаца, му даваат и нешто да проба и такви некои фини работи, после кои бебето почнува да се дере.
И секој разумен родител знае дека е време за спиење и дека светот ќе биде многу подобро место за живеење после еден саат.
Кога, уствари, сте го легнале вашето внатрешно бебе на дремнување последен пат? И како планирате да не се жалите дека сте пред ментален колапс кога, стручно кажано, цело време претерано го стимулирате мозокот?
Притоа, не е само до „дремнувањето”, што е особено пријатна вест за оние меѓу нас што се ежат од самата помисла на попладневна дремка.
Од бебешките препораки има и:
- Помалку луѓе; помалку обврски (Ниче вика: секој што нема две третини од денот за себе е роб);
- Одмор;
- Внимателно со медиуми.