Што треба да знаете пред да ставите филери на усни?

Никогаш не било полесно да се направи козметичка процедура како денес и тоа од повеќе аспекти: цените паднаа во споредба со тоа какви беа пред десетина години, професионалците ја измазнија својата умешност, а луѓето наоколу веќе не се фаќаат за глава за козметички корекции. Филери на усни веќе не се резервирани за некои таму на телевизија и не мора да значи дека пациентот ќе стане Џенис Дикинсон.

Тоа што сега е полесно, не значи дека човек треба ко блесав да се истрча на првиот козметичар што на влез има напишано „СТАВАМЕ ФИЛЕРИ”. Има сериозни чекори што треба да ги преземете пред да дојдете до главниот, и тие често ги има на списоци на „што требаше прво да направам” кај луѓе што баш така се истрчале.

Истражувајте за докторот

Ова ви е веројатно најважно и апсолутно мора да се направи пред да се одлучите да ставате филери. Многу лесно првото искуство може да ви биде катастрофа - докторот може да стави премногу, може да стави на места каде што не треба и на крај да завршите со карикатура. Читајте коментари, форуми, критики, гледајте слики, не верувајте на СÈ што ќе прочитате (сепак сме сите различни). Добар професионалец ќе знае дека насмевката треба да ви остане балансирана, и дека треба да изгледате автентично.

Пробајте со малку, секогаш може да се достави повеќе

Прво пробајте дали ќе се бендисате со малку. Сигурно не сакате да завршите со огромно устиште што после ќе ви смета.

Морате убаво да размислите: колку големо?

Пред да закажете, убаво размислете колку сакате да ви се променат усните. Често се случува луѓето да кажат дека џабе дале пари, атоа што усните не им се смениле посебно, или им се смениле драматично. Ако сакате забележлива разлика, кажете му на докторот.

Спремете се пред да отидете да се боцкате

Неделата пред да одите, не треба да пиете аспирин, анти-воспалителни лекови, рибино масло, мултивитамини или витамин Е. Сите овие ја разредуваат крвта и може да имате многу модрици после процедурата. Затоа е добро и да се избегнува алкохол и кофеин 24 часа пред и по закажаното, затоа што така полесно ќе се намали и отокот.

Внимателно изберете го типот на филерот

Пред 10 години единствениот филер беше со колаген. Сега има еден куп варијации; најчесто се бира хијалуронска киселина. Проверете убаво дали сакате мек, природен изглед, или да предизвикате луѓето да прашаат „еј, филери?”, затоа што има посебен тип и процедура за двата ефекти.

Многу брзо е готово и резултатите се речиси инстантни

Процедурата обично трае до еден час, и тоа најголем дел од тој час трае разговорот и консултациите со докторот, за да се добие идеја што сакате.

Избегнете го анестетикот, ако трпите болка

Знае да биде болно, и докторите мачкаат анестетик. Сепак, препораката е - ако можете да издржите - нека не ви ставаат, затоа што анестетикот природно ви ги отекува усните, а тоа отежнува да го видите вистинскиот ефект на филерот кога ќе заврши процедурата. А за да ги доживеете ефектите како што треба - направете селфи. Така најточно ќе го доживеете новиот изглед.

Информирајте се за ризиците

Веројатно сте ја чуле фразата: „а бе, се боцкаат на пауза од работа”, па ви се чини дека не постои никаков ризик. Сепак, постои можност за алергиска реакција и инфекција. Сè ќе си прашате на доктор.

Не штедете - не треба да биде евтино

Без разлика што не се трајно решение и најчесто траат шест месеци до година, филерите не се беспари. Веројатно ќе треба да одвоите од 100 евра нагоре.

Има назад

Ако згрешите, претерате, или не се бендисате, добрата вест е што има назад. Ако имате филери со хијалуронска киселина, брзо и безбедно можете да се вратите на старо со разолжување на филерот со нешто што се вика hyaluronidase - ензим кој ја забрзува деградацијата на хијалуронската киселина брзо и безбедно.

И за крај:

:)

8 јуни 2018 - 12:08