Здраво на сите.
Пред некој ден присуствував на иницијален состанок или попознат како kick-off meeting за започнување со Програма за реформи во социјалните и политиките за вработување помеѓу Министерството за труд и социјална политика и Европската комисија. Да, веќе заморно звучи, а во реалноста уште позаморно, побанално и со еден тон глупости ќе се "смислува" и "спроведува" нешто што значи само продолжување на договорите за работа и хонорарите на разните домашни и странски експерти во Делегацијата на ЕУ во Македонија, како и параванот дека Владата се грижи за добросостојбата на граѓаните, која бај д веј, значи и социјална правда.
И така, се изнаредија разни ликови кои презентираа и укажуваа на тоа колку овој процес е значаен и што треба да содржи и што е до сега сторено, па што од сега натаму треба да се направи.....арно ама, еден лик, барем за мене, се истакна. Го најавија како Александар Кржаловски од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).
Штом зеде збор на говорницата, на која требаше нешто да презентира, а не го стори тоа, Кржаловски настапи со следниве зборови: "Претпоставувам дека сум повикан тука да говорам како прв извршен директор на МЦМС и.....".
Веднаш знаев дека неговата "презентација" ќе биде различна.
Пред да пренесам што беше тоа што ми го дигна притисокот и почнав да си барам во чантата ќесе за повраќање, мало инфо за МЦМС:
- Членот 1 од важечкиот Статут на МЦМС гласи: "МЦМС e граѓанска организација која се залага за промени и решавање на општествените предизвици, за придобивки на маргинализираните групи и на групите во понеповолна општествена положба.";
- МЦМС во октомври склучил договор за партнерство со СИПУ од Шведска со кој МЦМС ќе функционира како ресурсен центар за Македонија, во рамките на ЕУ проектот ТАКСО (Техничка поддршка за граѓанските организации). Договорот се однесува на следните три години и ќе трае до август 2017 година. Вкупниот буџет изнесува 195.000 евра. Главната цел на ТАКСО е да ги зголеми и подобри капацитетите и активностите на граѓанските организации како и да ја зајакне нивната улогата во партиципативната демократија.
И така првиот извршен директор си започна да си раскажува приказни за дедо му, бидејќи така Норвежаните го научиле дека после ручекот никој не слуша презентации и говори, туку слушателите обрнуваат внимание на приказни, дека дедо му со основно образование бил вистински претприемач, а пак претприемништвото е најважниот фактор за зголемувањето на вработеноста и намалување на сиромаштијата.
Па раскажуваше славопојки за тоа дека економскиот раст на Кина се должел на 11-часовното работно време и дека тоа треба да ни биде пример за развој на претприемништвото. Па, како тоа дека тука претприемништвото не се развивало бидејќи сме го обременувале со некакви човекови права, со барање за еднакви можности, со рамноправност на половите, па со безбедност и здравје при работа. Ова последново мошне "шармантно и духовито" го обработи со пренесување на разговор со некој наш претприемач (газда Кржаловски, газда се вика тоа!) како тоа многу го чинеле задолжителните лекарски прегледи на годишно ниво и дека од тоа нема никаков ќар.
Па и еден Миле Бошков, Претседател на Бизнис конфедерацијата на Македонија зборуваше (до душа пред Кржаловски, а доколку зборуваше по него, може и тој ќе си беше претприемнички искрен) за тоа дека законите мора да се почитуваат од сите страни и дека при вработувањата мора да се почитуваат рамноправноста и да се подобрат еднаквите можности за сите.
Кржаловски имаше своевиден климакс во делот за бројката на вработувања и висината на платите во Дрекслмајер. Имено, Дрекслмајер, откако започнал со работа, вработил 4000 лица благодарение на стратегијата за привлекување на странски инвестиции на Владата, која е инспирирана од кинескиот успех........погодувате нели?! – Ефтина работна сила. Па продолжи Кржаловски да ја изразува својата воодушевеност од стратегиите на Владата, за да поентира со равенката – па добро вие сакате поголема вработеност? – Епа ако да, наместо да платите 100 работници со 1500 евра плата, ќе платите 4000 работници со 150 евра плата. Ете така се развива претрпиемничкиот дух и се зголемува економскиот раст.
Еееее Кржаловски, Кржаловски, па нели ти кажаа Норвежаните дека и вработените луѓе доколку имаат ниски плати се сметаат за сиромашни и дека во нормални земји (социјални земји кои знаат што е тоа СОЛИДАРНОСТ) истите тие луѓе финансиски се поддржуваат со најразлични видови на бенефиции?! Нели ти кажаа дека истите тие луѓе влегуваат во категоријата "понеповолна општествена положба". Прочитај си го статутот на организацијата чиј прв извршен директор си, уште еднаш и уште еднаш и уште еднаш, сè додека не излезат приказните на дедо ти од твојот самобендисан профил.
На крајот од сесијата сакав надвор на кафе-паузата да го прашам дали тој би сакал со свој личен пример да го развие претприемништвото и да ја зголеми вработеноста со тоа што тој ќе зема плата од 150 евра, а со остатокот од неговата сегашна плата да вработи онолку луѓе колку што ќе може за 150 евра, па и онака ќе му остане процентот од ТАКСО-то, потсетувам вкупниот буџет е 195.000 евра, но си отиде уште пред да заврши последниот говорник, кој беше веднаш после него, веројатно да направи уште еден претприемнички потфат.
Се распишав многу, но се надевам не ми се изгуби поентата – за кого всушност работат и одработуваат некои граѓански организации во Македонија? Еве, ако не работат и одработуваат, кого тие претставуваат? Граѓаните? За чиј развој тие земаат пари за проекти? За граѓаните?
В.С.
една обична бирократка