Писма на дихидрирани читатели

Поздрав до целата редакција за иницијативата да ја зголемите свесноста за дихидроген моноксидот.

Проблем со дихидроген моноксидот има и скопската магла.

Иако сите експертски анализи и медиумски извештаи главно ја третираат концентрацијата на ПМ10 и ПМ2.5 честичките, како и нивоата на јаглерод моноксид, сулфур диоксид и азот диоксид во воздухот, сепак во деновите со магла, честичките на дихидроген моноксидот имаат најголема застапеност во воздухот.

Освен Скопје, проблеми со дихидроген моноксидот имаат скоро сите општини во Републиката. Во општините со голем процент на плодни површини и обработливо земјиште, во исклучително неповолна комбинација на атмосферски и инфраструктурни услови, доаѓа до агрегација и акумулација на дихидроген моноксидот во поголеми количини. Како резултат на ова, дихидроген моноксидот во подолги периоди се задржува на површината на обработливото земјиште, како и во населените места, при што предизвикува и животозагрозувачки ситуации.

Светол пример во насока на подигнување на свесноста за дихидроген моноксидот е неодамнешниот дојрански настан.

По објавувањето на извештајот за загаденост на Дојранското езеро, граѓаните на Дојран и околината поддржани и од верската заедница, формираа граѓанска иницијатива и презедоа конкретни чекори за значително намалување на концентрацијата на дихидроген моноксид во Дојранското езеро.

На крајот, само да потсетам дека уште во средината на осумдесетите години на минатиот век имаше сознанија за опасностите и можните ризици од изложеност на дихидроген моноксид. Познат е случајот со еден своевремено популарен лик од една подеднакво популарна југословенска филмска серија, кој јасно укажува на овие ризици во една своја реплика: „Дихидроген моноксид не ваља ни у ципеле, а камоли у стомаку".

Поздрав,
СН

23 јули 2016 - 00:10