Здр Трендо,
Пред некој ден купиваме машина за сушење алишта од Сетек Битола.
Два-три дена подоцна ни ја носат, ја отпакувам и го гледам овој приклучок :)
После нашето укажување наредниот ден, добиваме одговор дека за 50 ден. ние сами можеме (и сами треба!) да си го промениме приклучокот! Не се зезам, рекламацијата не ни ја прифатија и решениј не ни дадоа!
Е сега... дали ние можеме, дали сакаме, дали тоа ќе биде направено сигурно и по стандарди, кој ќе го плати мајсторoт што треба да дојде и да го промени кабелот, дали ќе биде гаранцијата после тоа валидна или дали промената на кабелот од „неофицијално лице“ ќе се користи за изговор при одбивање на гаранцијата при евентуален квар?!
Треба сега да ги викам да си ја земат, и да им кажам дека не можам да ја приклучам во штекерот, па нека ја прошетаат уште еднаш-два пати горе-долу.
Добро, шо му е на овој народ? Дали може еднаш човек на рает да си купи техника во оваа држава, без да добие класа Ш продукт, расипан, со дефекти, и со нормален приклучок?
Драган
П.С. за вие шо ќе речете „добро бе шупак еден стави АДА...“ место за адаптер немам оти е кнап назад (зад врата) и адаптерот ќе ме одбие од ѕидот 3-5цм. А и не сакам адаптер да ставам на нов уред што го купив во МК а не UK!
*******
Подоцна:
Почитуван Г-дин Трендо и редакција на off.net.mk,
Ви пишувам во името на СЕТЕК Се од Техника во врска со статијата објавена на следниов линк.
Како реномирана фирма и една од водечките фирми на пазарот за бела техника со повеќе од 20 годишно искуство, императив на СЕТЕК Се од Техника ни е задоволството на нашите потрошувачи.
За жал, се случуваат и несакани моменти кои се надвор од нашата контрола.
Споменатиот потрошувач, контактирал со нашиот дуќан, каде наишол на негативен одговор кој останува на нашата внатрешна контрола да го испита. За жал,но не и за наше оправдување, не нè контактирал преку ниедна од нашите јавни страни за помош, каде секако ќе излезевме во пресрет.
Секако и објавата на off.net.mk ја сметаме за поучна и корективна мерка.
Споменатиот модел е со UK приклучок за британски пазар, но за потрошувачите кои знаат, дозволена е замена на кабелот во гарантен рок без понишутвање на гаранцијата, додека за потрошувачите кои не можат сами да го променат излегуваме во пресрет и им даваме адаптер (кој може да го издржи напојувањето на уредот) или менуваме кабел на наш трошок. Секако не им препорачуваме да користат евтини, пазарски адаптери.
Би сакале, доколку сте во можност, да нè споите со потрошувачот или да му ги пренесете моите контакти како би можеле да му излеземе во пресрет, да му испратиме наша сервисна служба и да му го замениме кабелот, бидејќи согласно наведеното во текстот нема простор за адаптер.
со почит,
Роберто Педрони