Непреводливи книги на читатели

Не верувам дека би пишал, но ме заинтересира и мотивира една објава што ја имавте пред скоро, за италијанскиот збор UMARELL (Да се смисли наш збор за ова | Off).  Патувајќи и дружејќи се со луѓе од најразлични култури низ годините, почнав да се интересирам и да собирам ,,untranslatable words", или зборови кои не можат директно да се преведат со еден збор на други јазици. 

Здраво Трендо,

Ти пишува еден твој редовен читател од Битола, редовен уште од времето на он.нет. Но сега, за промена, во улога на некој којшто напишал нешто.

Прво, да се претставам: Васко Јошевски, работам како професор по англиски во средно училиште во Битола, преведувам одвреме-навреме, и повеќе од десет години работам и хонорарно како автор и обучувач на проекти за млади во рамките на програмата ,,Еразмус+" низ Европа, најмногу во Португалија и Шпанија. 

Не верувам дека би пишал, но ме заинтересира и мотивира една објава што ја имавте пред скоро, за италијанскиот збор UMARELL (Да се смисли наш збор за ова | Off). 

Патувајќи и дружејќи се со луѓе од најразлични култури низ годините, почнав да се интересирам и да собирам ,,untranslatable words", или зборови кои не можат директно да се преведат со еден збор на други јазици. 

Како umarell

Или како guiri, збор со кој Шпанците, меѓу нив, ги нарекуваат туристите од северот на Европа или САД со типичен изглед: пребела кожа, секогаш направени жар од сонцето (што ќе рече еден наш исламски великодостојник, нивните изгорени рамена кои вриштат од црвенило ги прогласуем за умрени), носат сандали со чорапи на нозете... 

Или финскиот збор kalsarikännit за седење дома по гаќи и пијуцкање, без никаква желба да излегуваш таа вечер. 

Или пак, јапонскиот kawaakari, кој ја опишува онаа пријатна, смирувачка глетка во приквечерината кога последната светлина од денот се рефлектира од површината на некоја мирна река.

На почетокот, ваквите зборови ми беа интересни заради нивните необични значења, но подоцна, сè повеќе ме фасцинираше тоа што овие зборови откриваат како луѓето во различни култури и делови од светот го чувствуваат и зборуваат за животот. Почнав на овие зборови да гледам како на мали скриени културни богатства, и како такви, треба да се повеќе познати и ,,прославени". Така ми се појави и желбата зборчињата што сум ги собирал за мое уживање, да ги споделам и објавам во книга. А тука негде ми беше и желбата да се создава нешто, а не само да консумираме.

Така и бидна, 83 најинтересни зборови од јазици и култури ширум светот за искуства, концепти, кратки, но вредни моменти или емоции кои можеби ги препознаваме и ние, но немаме наш збор за нив, ги скоцкав и објавив во едно мало книџе насловено Untranslatable Journey. Journey - Патување, затоа што го носи читателот низ различни култури и јазици, меѓутоа затоа што дава можност и за едно мало лично патување низ личните искуства и емоции на читателот: под објаснувањето за секој од зборовите, има едно мало печатче кое читателот може да го штиклира ако некогаш го има доживеано, видено, почуствувано или направено тоа што зборот го опишува.   

По интернетот може да се најдат многу примери и листи на вакви зборови за кои нема превод. Меѓутоа, работејќи на книгава и истражувајќи, открив дека, многупати, значењата на тие зборови кои се споделуваат на интернет не се баш секогаш вистинити. 

Од нашите зборови, ги имам додадено мезе, немукает, мерак.

Реков, ти пишувам за ова чисто лабаво, како нешто интересно поврзано со вашиот текст за umarell што го имавте баш тие денови кога ја објавив мојата книга на Амазон, а не како некој обид за реклама.

Vasko Joshevski: UNTRANSLATABLE JOURNEY

Амазон дава можност да се ѕирнат неколку страни од книгата (ако линкот е отворен на компјутер). 

Инаку, за крај, кога сме кај превод, не ми е познато дали професионално/факултетски си некако поврзан со Филолошки, меѓутоа во содржините што ги објавувате се гледа дека кога се преведувало нешто, секогаш е преведено, што велиме, со многу чувство за превод. 

Не се сеќавам баш најдобро, но останато ми е во меморија дека еднаш, додека студирав -- ова во 2006-7 год. :) -- некоја од ,,наставничките", Елена Ончевска или Румена Бужаровска, ни имаше најавено дека на час ќе дојде Трендо, но не дојде.   

 

Поздрав и секое добро,

 

Васко

28 април 2025 - 10:39