Реакција на Трансфузиологија

Крводарителска полемика

Почитуван дарителу на крв,

Ви благодариме на Вашите досегашни дарувања и на хуманоста која сте ја покажале до сега.

Во Р. Македонија трендот на дарување крв е во континуиран пораст, а многумина од дарителите не се вработени и не даруваат крв заради два слободни дена. Тука спаѓаат и дарители вработени во приватни фирми каде е дискутабилно дали користат право на два слободни дена, но сепак доаѓаат и даруваат крв.

Во делот на крводарителството, во последните две години се реализираа два проекта, од кои еден е за електронска евиденција на сите крводарители кои имаат дарувано крв 10 и повеќе пати, што директно се регистрира во електронската здравствена картичка и дарителот ги добива сите права кои му следуваат според Закон. Доколку некој смета дека некое право му е ускратено, може да се обрати до Фондот за здравствено осигурување, како надлежна институција за вакви појави.

Вториот прoект е воведување единствена база на податоци во посебен софтвер со која секој дарител и дарување ќе биде евидентирано без разлика каде и кога дарувал крв било кој дарител. Документацијата за дарителите се чува според Закон за безбедност во снабдување со крв, така да не е точно дека било кој одлучува и отстранува евиденции по сопствено убедување и желба.

Книшките за дарители се личен документ на дарителите, но освен нив за добивање на право на награда, признание и сл. постои и евиденција во Црвен Крст и во службите за трансфузина медицина. Ако некој правел фалсификат, која би била одговорноста на трансфузиските служби и уште повеќе на останатите дарители на крв да не даруваат? Секој одговара за своите постапки, вклучувајќи и вакви девијнтни појави.

Храната за дарители е благодарен оброк кој има за цел да го освежи дарителот. Земањето преголемо количество храна после дарување крв доведува до ризик од колапси, бидејќи крвта која е во циркулацијата се повлeкува во абдоменот за да се преработи внесената храна, што доведува до намален крвен притисок и несакани реакции кај дарителите.

Поканите за дарување крв (по телефон или писмено по пошта) не значат натпревар за дарители, туку еден од пристапите за информирање на дарителите,а нивнa е одлуката дали ќе даруваат, кога ќе даруваат и каде ќе даруваат.

Состојбите со недостаток на крв и крвни компоненти се присутни во секоја земја, a Р. Македонија се вбројува во една од ретките земји во кои се постигнува задоволување на потребните количини крв и крвни компоненти за пациентите во јавните и приватните здравствени установи. Повремени недостатоци не можат да се прифатат како правило дека за сите пациенти и дека секогаш нема доволни количини крв.

Ве покануваме Вас, како дарител, но и било кој друг заинтересиран граѓанин да го посетите Институтот за трансфузиона медицина во Скопје и да се запознаете со состојбата на лице место, да видите како тече дистрибуцијата на крв и крвни компоненти кон пациентите, да ја видите евиденцијата (која според Вас недостасува) и да разговараме на темата дарување крв. Убедени сме дека едно вакво искуство ќе ги смени Вашите видици кон дарувањето крв и Вашата намера веќе да не дарувате.

И секако, во иднина очекуваме кога веќе сакате да пишувате на тема дарување крв, да поразговарате со надлежни лица од оваа институција.

rztskopje@gmail.com

 

22 март 2017 - 21:12