Почитувани прогресивни сограѓани,
Време е да ја разбереме играта со која нè играат. Да ја промениме тактиката. Да нападнеме по крила, без класичен центарфор, со постојани вметнувања во средината и брзи додавања. Да се здружиме ние реактивните сили и вие прогресивните. Поделбата ја наметнуваат оние на кои им треба да сме стадо овци кој одат онаму каде ѕвони ѕвонецот и господарат преку нивните квислинзи –“инфлуенсери” по дигиталните медиуми. Исти сценарија одново. Со насилни протести, со реторика на поделби и обвинувања и асоцирање кон одреден тип на однесување. Да му се одмили на човек да е во исто друштво со насилниците или фејсбук револуционерите.
Нема завера против Македонија од големите сили. Не им е воопшто битно името, демократијата, почитување на правото, достоинственото живеење на Македонците. Ќе подржат сè што ќе не избрише како варијабла во равенката. Засекогаш. Нивните планови, проблеми, се големи. Ние сме мува што ги нервира. Им треба само да сме послушни, да направиме што ќе ни кажат и за тоа ќе ни овозможат да сме “копиљ у друштво” кој не игра фудбал освен ако фали играч, па “копиљ ти ќе браниш”.
Ако не сакаме да сме овци, треба да им одговориме на сите впрегнати сејачи на магла што е подобро од ова самоубиство и како понатаму.
Двете обвинителства (две обвинитества – кај го има ова?) да престанат да се глупираат со безвезни обиненија за коли и шамари туку да ги најдат парите што Грујо и неговата банда ги украде. Да подигнат издржани обвиненија и судот да го осуди Грујо и сите негови бандити и соучесници за велепредавство. Кражбата од тие размери ја загрози државата, иднината на нашите деца и тоа е велепредавство. Враќањето на барем дел од овие пари ќе има сто пати поголемо влијание врз општеството (на пример би ја затворил дупката во пензискиот фонд, би направил 5 клинички центри …). Тоа е приоритет.
Двете обвинитества (кај го има ова?) да го обвинат Заев, Димитров и нивните соучесници за велепредавство. Не затоа што преговарале, бидејки е јасно дека воопшто и не преговарале, туку затоа што потпишале што им се ставило на маса и прифатиле договор во кој нема ниту еден член во кој втората страна (читај: Македонија) задржала нешто што е нејзино ( Господе, помогни ѝ на онаа земја за која едниот преговарач за цел живот не преговорил ниту еден денар, а другиот ја почнал својата трговска кариера со продавање вреќи пиперки полнети со ќунк за да се скријат скапаните).
Тие лично, врз основа на нивните знаења и убедувања можеле да прифатат и Весела Република Македонија, па како во случајот со Илинденска, јавно да прашуваат кој има против да е весела?
Велепредавство е што го потпишаа овој небулозен, предавнички договор. Без мандат, без право го потпишаат договорот во кој Македонија е втора страна, безимена, географски опишана, како страна која е втора страна во спорот. Во чие име го потпишаа овој не-договор, ако Македонија не е страна во тој договор под кој наслов ставија потпис.
Велепредавство е затоа што свесно потпишаа дека договорот е неотповиклив, а ја лажат целата јавност дека ќе има шанса на референдум да се изјасни. Затоа што го потпишаа, иако знаеа дека немаат уставни ингеренции за тоа. Затоа што ја силуваат и лажат македонската јавност (сега дури заговараат да се намалел цензусот – ич не им е гајле за цензусот. Договорот е неотповиклив, та ние Македонците, претале, скокале, тоа ни е тоа и нема да има начин било кога да се промени).
Издаиците ја завршија работата. Според овој не-договор веќе НЕМА МАКЕДОНЦИ никаде во светот, освен во јадната северна, додека ја има. Во ваков не-договор северно Македонец е подобра опција од “Македонец-граѓанин на северна Македонија”. Барем сите луѓе од овие простори секаде во светот ќе се прекрстат и ќе припаѓаат на нов народ (Гркот никако не би прифатил ваква ситуација). Вака сите Mакедонци кои не се граѓани на северна Македонија не припаѓаат никаде. Затоа и така едноставно може да се избрише членот 49 од северномакедонскиот Устав за грижа за малцинствата бидејки такви малцинства никаде не постојат.
Судот мора да ги осуди за велепредавство затоа што како и нивните претходници делуваат како да се над законот, над уставот, се самопрогласуваат за богови, бестрашни лидери кои не се плашат дека било кој ќе ги казни за сите лаги, измами и бруталното силување на македонскиот народ. Тоа е приоритет.
Почитувани прогресивни сограѓани време е да се здружиме. Да го бојкотираме лажниот референдум. Да не му оставиме можност ни на ВМРО ДПМНЕ да изглуми дека ќе изгуби неколку, таман доволно, пратеници кои ќе гласаат за овој не-договор во парламентот и со тоа ќе го ратификуваат. (договорот предвидува решенија со кој ќе се спроведе дури и ако има неповолен референдум за договорните страни).
Да се здружиме за да направиме простор, за да се пробие бункерот што го играат против нас овие две злосторнички здруженија. Да ја смениме тактиката, па заедно со неочекуван напад по крилата да направиме простор за доблесни, морални луѓе да излезат на површина. Да гласаме (бојкотираме) заради сите нас, заради новото утре на продадената Македонија, како и да се вика. Да гласаме за да му обезбедиме барем малку достоинство на новиот безимен народ кој ќе знае дека барем ги казнил оние кои го силувале и кој знае дека заслужува подобро. Да гласаме (бојкотираме) сите ние како луѓе, поединечно, со чиста мисла и совест. Да гласаме како за нова власт. За Македонија без овие два картела кои само корумпираат, крадат и лажат, па макар ни требале години. Нека сме мува, нека сме комарец. Нема да пропаднеме.
Благодетот кој ни го нудат овие измамници ќе не втасал некаде околу 2030. Дај да се впрегнеме сите ние. Искрено да ги замолиме земјите како Исланд, Ирска, Финска, Естонија, Швајцарија, Словачка, Романија, Чешка да ни помогнат. Не преку ЕУ, ЕУ процедури, прашалници, ароганција и можности за вето, туку директно со секоја земја поединечно, соработка со искрена желба да учиме и да успееме.
Да се промениме, да направиме општество на правда и право со процедури, правила и практики подобри од европските. Малку сме, мали сме, можеме да сме брзи по крило. Да се промениме. Да не прифаќаме никаква корупција, препишувања, врски, незнаење, незароботени плати. Да се промениме за да не сме “копиљ” у маало туку достоинствени луѓе од достоинствена земја, независно како се викаме и ние и нашата земја.
Игор Ѓозински