Читателски писма за нечии спомени

Те молам објави, би било убаво фотографиите да се вратат онаму каде што припаѓаат. (+апдејт)

Здраво Трендо,

Откако неодамна во неколку наврати твојата сеприсутност( да не речам омнипотентност) конечно беше обзнаена, знаев точно што треба да направам; да седнам и да ти пишам. Сериозно, не гледам поефикасен начин да ја остварам намерата, затоа и ти го праќам ова.

Пред извесно време шетајќи по канта пазар, покрај работ на една ќебе тезга забележав купче црно-бели фотографии, приклештени помеѓу испотеното стапало на продавачот и густата прашина.

"Дечко, колку бараш за сликиве?", прашав.

"Дваес динари, мои се", ми одговори. Звучеше како да сака да ја оправда цената.

И така, ги купив. Ми се виде шубе нечиј летопис да заврши вака, знаеш...

Откако ги разгледав фотографиите, заклучив дека сите, освен една, му припаѓаат на едно исто семејство и опфаќаат долго раздобје.

Во прилог ставив две, таа со луѓето на карпите е од семејството, а другата (со трите девојчиња) е онаа интрудер фотка што не успеав да ја поврзам со остатокот.


На задниот дел од втората (deca.jpg) со печат е втиснато: 27.VIII.1967, Фото Велик Даматов, Демир Капија.

Те молам објави, би било убаво фотографиите да се вратат онаму каде што припаѓаат.

Поздрав,
Георги

-------------------------------

Прилично брзо по објавувањето на писмото ни пиша госпоѓа која се препознала на фотографијата со децата (биле таа и нејзини братучедки). Ги споивме со Георги по меилови па ако има нешто интересно околу оваа приказна, ќе ни пишат.

8 април 2015 - 13:39