Четиритактни писма на читатели

Ниеден истакнат граѓанин не сака да стигне на дестинацијата и палтото да му мириса на двотактол.

Почитуван градоначалник Шилегов,

Бидејќи прочитав низ медиумите дека приоритет ќе ви биде загадениот воздух и сообраќајниот хаос, би сакал да Ви предложам едно решение кое ги опфаќа и двете дејности истовремено. Имено долго време се дискутира за овозможување на употреба на скутери и мотори со мала кубикажа со положена Б категорија за возачка. Досега ограничувањето е за 50 кубни центиметри и сe фаворизираат микро скутери кои се двотактни. Тие прават големо загадување бидејќи согоруваат и бензин и масло. Понатаму се премногу бучни и претставуваат огромно акустично загадување за градот скопје.

Ограничувањето по кубикажа е многу несоодветно бидејќи моќноста на едно возило се мери во киловати, а не во кубни центиметри. Затоа многу подобро и помодерно е да се префлри ограничувањето од 50 кубни центиметри, на соодветен број киловати. Во случајов 11 киловати.

Бенефитите од ова ќе се многукратни. Конкретно ќе се овозможи со Б категорија да се возат 4 тактни скутери и мотори кои се со мала моќност. Истите се многукратно поекономични од двотактните. Четиритактните се многукратно поеколошки со многу повисоки еколошки стандарди. Четиритактните се многу понерасипливи и поиздржливи. Многу поголем број на граѓани ќе се одлучат за патување со мотор или скутер кој е четиритактен кој не загадува, и не мириса. Ниеден истакнат граѓанин не сака да стигне на дестинацијата и палтото да му мириса на двотактол. Истовремено ќе се опфатат и електрични скутери и мотори со мала моќност. Кои исто така се многу модерни и еколошки.

Полагањето за А категорија за да се вози скутер со мала моќност до 11 киловати нема никаква логика. Од типот на Piaggio Liberty, Honda PCX, Yamaha X-Max. Големите производители веќе не ни произведуваат двотактни мотори со 50 кубни центиметри.

Со само еден лесен потег ќе се зголеми ефикасноста на возилата во градот. Ќе се намали загадувањето од согорување масла во воздухот. Ќе се намали загаденоста на воздухот заради намалената употреба на автомобили. Ќе се намали сообраќајниот хаос заради зголемениот број на моторцикли. Ќе има поголем број на паркинг места бидејќи голем број на граѓани ќе патуваат со мотор.

Искрено ваш.
Дејан

Ова е веќе испратено на:
infoekologija@skopje.gov.mk
gragjani@skopje.gov.mk
mediumi@skopje.gov.mk
gradonacalnik@skopje.gov.mk
kabinet@skopje.gov.mk

27 октомври 2017 - 09:05