Со голема слика и насмеан, Die Aktuelle ја спружи на насловна легендата со наслов „Михаел Шумахер, првото интервју“.
Го направиле со најновата и најмодерна алатка на интернет наречена „Чет ГПТ“, која е мега актуелна и со помош на која деца препишуваат во школо.
Под насловот пишува „Звучи измамливо реално“, а во написот стои дека цитатите се произведени со помош на вештачка интелигенција.
Семејството на Шумахер за Ројтерс потврди дека планираат да го тужат магазинот кој очигледно се обидел на необичен начин да си ја зголеми продажбата.
Седумкратниот шампион во Ф1 се соочи со тешки повреди на главата откако падна на скијање во декември 2013-та и од тогаш не е појавен во јавност.
Потоа беше ставен во индуцирана кома и вратен дома во септември 2014-та. Семејството веќе деветта година како се грижи за неговата приватност и не дозволува ниту еден медиум да им припари дома.
Во документарецот на Нетфликс објавен во 2021 година, сопругата на Шумахер, Корина, рече:
„Живееме заедно дома. Му даваме терапија. Правиме сè што можеме за да го подобриме Мајкл и да се увериме дека му е удобно, едноставно да го натераме да го чувствува нашето семејство, нашата врска.
Се обидуваме да продолжиме како семејство, онака како што му се допаѓа на Мајкл и сè уште го прави тоа. Продолжуваме со нашите животи.
Приватното е приватно, како што секогаш велеше. За мене е многу важно тој да продолжи да ужива во приватниот живот колку што е можно повеќе. Мајкл секогаш нè штитеше, а сега ние го штитиме Мајкл“.