Промотерот Боб Арум веќе на големо почнал преговори околу заокружување на трилогијата на битки меѓу Тајсон Фјури и Деонтеј Вајлдер. Овие двајца тешкаши првпат се судрија во декември 2018 година кога исходот беше нерешен на поени, а Фјури го доби нивниот скорешен дуел на 22 февруари откако го претепа Вајлдер во рингот.
Вајлдер во меѓувреме решил да не го отпушта тренерот Марк Бреланд којшто го фрли пешкирот во 7. рунда и така Деонтеј беше и дефинитивно готов, а Фјури си го поврати шампионскиот појас за титулата светски првак во ВБЦ категорија.
Третата борба би се одиграла на истото место, во МГМ Гранд Гарден Арена во Лас Вегас, на 18. јули годинава.
„Сфативме дека оваа дата 18 јули е прифатлива и за ЕСПН и за Фокс ТВ, затоа што доаѓа во мртво време за спортот што е добро за борбата. Ќе дојде по плејофот во кошарка, бејзбол ќе биде на сред сезона, фудбал нема да има. Од МГМ Гранд исто веруваат дека е идеално време“, изјавил Боб Арум за ЕСПН.
„Претставниците на Вајлдер формално не информираа дека ја активирале клаузулата и го прифаќаат реваншот. Ќе боксуваат летово пред Олимпијадата“, додал Арум за Рингсајд Репортер Лајв.
Олимписките Игри во Токио почнуваат 24 јули, така што борбата Фјури - Вајлдер би била на 18-ти јули.
Сега прашање е колку Тајсон Фјури би бил предизвикан од боксерот кој пред само пар недели делуваше далеку послаб од него и тоа во ситуација кога британската јавност на големо заговара епски дуел меѓу Џошуа Ентони и Фјури, меч што би одредил кој е поголем шампион од нив двајца.
Од друга страна сериозниот финансиски аспект кој во Лас Вегас би го добил Фјури и тоа како би можел да влијае на негова одлука одново да боксува со Деонтеј Вајлдер, на 18. јули. Ентони Џошуа веќе договори борба со неговиот предизвикувач Кубрат Пулев од Бугарија на 20 јуни на ултра-модерниот нов стадион на Тотенхем Хотспур во Лондон. Интересно, промотерот на Џошуа, Еди Херн рекол дека евентуална борба меѓу неговиот клиент и Тајсон Фјури би можело да има ако и двајцата излезат како победници од нивните претстојни дуели.