Релито Дакар во 2013-та година по петти пат ќе се вози низ Јужна Америка. Трката ќе стартува од брегот на Пацификот, во близина на главниот град на Перу, Лима и во текот на 12 етапи, караванот два пати ќе ги помине Андите.
Натпреварувачите ќе треба да совладаат висини од околу 5.000 метри, а дополнителни потешкотии ќе им зададат пустинските предели низ Аргентина, за на крајот да завршат во Чиле.
За разлика од досегашните трки кои започнуваа на 1 јануари, Дакар 2013 ќе стартува на 5 јануари за натпреварувачите да можат да ги поминат Божиќните празници со своите семејства.
Релито во 2012-та година предизвика огромен интерес во целиот свет. Како што соопшти организаторот, трите земји домаќини оствариле профит од 271 милиони долари, некои делници биле следени во живо од околу 4,5 милиони луѓе, а официјалната вебстрана имала 4,3 милиони посетители што е за двојно повеќе од минатата година.