Бугаринот Пулев решен да боксува за светска титула

Кубрат Пулев изјави дека нема намера да отстапи од борба со Ентони Џошуа за златниот појас и ИБФ титула. „Нека каже ако се плаши или нека се повлече или нека ја врати титулата“.

Светскиот шампион во тешка категорија Џошуа требаше да се судри со Бугаринот Кубрат Пулев на 20 јуни, меѓутоа нивната борба е откажана.

Во меѓувреме се појавија гласини дека Пулев наводно добил пари да отстапи од мечот со Британецот, за овој да се судри во дуел на титаните со Тајсон Фјури со цел да ги обедини сите четири појаси во тешка категорија.

„Не можам да разберам зошто постојано се одложуваат датумите наместо фиксно да се закаже еден и да се работи на тоа. Што е доста, доста е. Едвај чекам да победам во оваа борба.

Гледам колку луѓето ми се плашат и се обидуваат да се сретнат со некој друг отколку со мене. Така се однесува прав шампион“, вели Кубрат Пулев за  badlefthook.com., решен да стане светски првак.

Бугарскиот боксер и Џошуа требаше да боксуваат уште во 2017-та но тогаш борбата се откажа поради повреда на Пулев а подоцна поради поразот на Ентони од Енди Руиз во јуни 2019-та, Пулев пак мораше да чека за да го предизвика.

Џошуа во моментов ги држи појасите во IBF, WBA и WBO и изрази желба да се судри со сонародникот Тајсон Фјури кој е светски првак и го држи највредниот WBC појас откако го уништи Деонтеј Вајлдер.

Во меѓвуреме Вајлдер и Фјури требаше да се борат по трет пат, но преговорите прекинаа поради коронавирусот.

По се изгледа, пишува БиБиСи дека двајцата Британци, Џошуа и Фјури ќе почекаат за меѓусебна борба зошто ниту Вајлдер ниту Пулев не би прифатиле опција за пари да се откажат од овие борби.

„Еднаш се откажав кога не требаше за Џошуа да може по втор пат да боксува со Руиз Џр. Се беше против правилата на IBF но направив компромис. Година помина од тогаш и секогаш наоѓаа причина да одложат за да не се тепа со мене. Има две опции: или бори се или остави ја титулата“, вели Пулев чиј менаџер изјавил дека за евентуално место за борба се разгледувал и амфитеатар во Хрватска.

Пулев во кариерата доживеа само еден пораз и тоа во 2014-та кога го предизвика Владимир Кличко за ИБФ титулата во тешка категорија. Боксуваа во Хамбург и Пулев изгуби со нокаут во петта рунда.

До денес Курбат Пулев има 28 победи од 29 меча а Џошуа 23 победи од 24.

20 мај 2020 - 15:33