Ако воведниот пораз од Ѓер беше опомена за Вардар, тогаш избраничките на Кастратовиќ и Јан Питлик сигурно научиле нешто од првиот пораз во групата. Во следните три меча остварија три победи и сите три мошне убедливи.
Во седум дена два пати го совладаа големиот конкурент Митјиланд. Пред седум дена во Скопје беше 33-24, а денес во Данска славеа 25-15. За разлика од мечот во Скопје кога уште во првите 30 минути Црвено-црните ја оправдаа фаворитската улога, во Данска го скршија отпор на домаќинките дури во вториот дел. Поминаа четири минути кога Вардар го постигна првиот гол преку Лекиќ.
Првото полувреме заврши 12-11 за Вардар, кој во вториот дел одигра гранитна одбрана и со фантастичен напад направи серија од 5-0 и поведе 20-12 во 48. минута од мечот. Гостинките од Скопје рутински го одржуваа водството, а убава вест се и двата гола на Сара Ристовска која со вториот погодок зголеми на 12-17.
Најдобар поединец на мечот беше Амандин Лејно. Французинката собра 19 одбрани и заслужено беше избрана за играч на мечот. Најефикасна беше Андреа Лекиќ со шест голови и Ања Алтхаус со четири погодоци. Кај домаќинките, Катарина Бугарт и Јохана Алм дадоа по три голови.
Во следното коло Вардар го пречекува стариот должник, Ѓер на 14. ноември во Скопје. Тогаш ракометарките на македонскиот шампион ќе се обидат да му се реваншираат на унгарскиот претставник за воведниот пораз. Во моментов првите две места во групата им припаѓаат на Ѓер и на Вардар кои имаат по 6 бодови. Митјиланд е трет со 4 бодови, а аутсајдерот Хипо е последен без бодови.