Избраничките на Индира Кастратовиќ го избраа потешкиот пат до Фајнал форот во Будимпешта, откако по денешниот пораз од Динамо, сигурно се простија од втората позиција која носи полесен противник во следната рунда.
Почетокот на претпладневиот меч во Русија не навестуваше дебакл за Вардар, затоа што стартуваа со два гола предност. Резултатскиот егал траеше се до половината на првото полувреме, кога Динамо се одлепи на 5 голови предност (15:10). На паузата Вардарки имаа три гола негатива и подносливи 15:12.
Вториот дел започна како и првиот, девојките во црвено-црни дресови реализираа неколку напади и фатија приклучок, но одново влегуваа од грешка во грешка и Динамо во 42. минута се одлепи на 21:15.
Шесте голови предност како да беа најава во она што ќе се случува до крајот. Рускиот состав во еден момент поведе и со девет голови предност, а гостинките од Скопје делуваа прилично загубено на двете половини од теренот.
На крајот пораз од осум голови беше неизбежен, по што ЖРК Вардар за влез на Ф4 ќе мора да се бори со потежок противник.
Најефикасни во поразот на Вардарки беа Јованка Радичевиќ и Андреа Пенезиќ со по седум голови. а Лејно запиша 14 интервенции. Кај Динамо, Кочетова со девет голови ја искина мрежата на Вардар, а Седојкина доминираше со 11 одбрани.
Во следното коло, на 28. февруари, во Скопје гостува Лајпциг, кој во моментов е пред Вардар заедно со Турингер.