Неславна екскурзија за Металург во Данска, пораз од 8 гола разлика

Четврти меч - четврти пораз за момците на Данило Брестовац во Лигата на шампионите. Силкеборг - Металург 33-25 (16-14). Шанса за први бодови ќе се бара во следното коло против Чеховски медведи.

Ако нешто може да се извлече како добра страна од овогодинешното учество на Металург во Лигата на шампионите, тоа е фактот дека младите ракометари на тимот од Автокоманда ќе стекнат богато искуство од играњето во Лига на шампиони. Особено оние младите.

Во четвртото коло од групната фаза, Металург го доживеа и четвртиот пораз, овојпат од апсолутниот фаворит и лидерот во групат Ц, дански Бјерингбро Силкеборг.

Иако почетокот на мечот оддаваше впечаток дека младите „Металурзи“ ќе му парираат на домаќинот, сепак Данците не дозволија изненадување.

Силкеборг водеше со гол-два, Металург ја одржуваше таа достижна негатива, а во еден момент и поведе со 10-12 пша 11-13 со серија од 1-5 благодарение на неверојатниот Халил Јагањац.


Тоа како да ги испровоцира домаќините да го засилат ритамот и да си го вратат водството кое на паузата изнесуваше 16-14.

Вториот дел ја испорача слабата точка на Металург, несигурноста и падот на концентрацијата па следуваа „црни минути“ и серија на Силкеборг за водство 19-15. Иако нападот на македонскиот вицепрвак не беше на потребно ниво, одбраната на моменти делуваше пристојно.

Томовски бранеше колку можеше, но колегите не поентираа во нападот цели 11 минути што е апсолутен негативен рекорд на Металург откако игра Лига на шампиони.

Првопласираниот во групата Силкеборг додаде гас и со серија од 4-0 замина на 24-17 во последната фаза од мечот. Тоа како да го изнервира тренерот на Металург Данило Брестовац кој доби црвен картон а капак на се беше и промашениот пенал на Мартин Серафимов.

На крајот конечни 33-25 и заслужена победа на Силкеборг а драгоцено искуство за младиот состав на Металург. Најефикасен кај Скопјани беше Халил Јагањац со дури 10 погодоци а Јохан Хансен постигна шест гола за данскиот колектив.

Следна шанса да ги освои првите бодови во Лигата на шампионите Металург ќе ја има на 13 октомври против Чеховски Медведи на гости.