Без повредениот Филип Кузмановски и отсутниот Лино Червар кој е во Хрватска поради репрезентативни обврски, Металург предводен од помошниот тренер Александар Јовиќ ја оствари првата гостинска победа оваа сезона во ЛШ.
Совладан е тимот на Чеховски Медведи кој по 5 кола во Лигата на шампионите е без бодови, додека Металург има 2 победи, 2 порази и една нерешена средба.
Првото полувреме од средбата кое заврши 15:15 донесе целосно неизвесен ракомет. До 12-та минута се играше гол за гол, а Русите беа тие што ја бркаа негативата. Потоа во 18-та минута го имаа единственото водство на средбата од +2.
Недостижната вредност која се покажа за клучна на натпреварот, Металурзите ја остварија во периодот од 34-та до 44-та минута кога направија серија од 6:0. Потоа само ја одржуваа солидната предност и на крајот славеа со 32:26.
Без дилеми најдобар играч на мечот беше Халил Јагањац. 19 годишниот Хрват кој дојде од ПСЖ стрелаше против „Мечките“ 9 пати, Пешевски постигна 6 гола, а одличен беше и Томовски со 11 интервенции.
Во следното коло кое се игра на 5 ноември, Металург повторно игра со Чеховски Медведи, овој пат пред своја публика..