Европската ракометна федерација го прогласи дуелот Вардар - Будуќност Подгорица за дерби на колото, затоа што ќе играат две од трите најдобри екипи во Европа од минатата година. Натпреварот ќе одлучува и за првото место во групата, кое носи поволен исход од ждрепката за следната фаза.
Според Индира Кастратовиќ, победата против Подравка ја подобри атмосферата во екипата и сите веруваат во продолжување на победничката серија.
„Денешниов прес е прв каде не морам да кажувам дека одигравме лошо и се надевам дека девојките од натпревар во натпревар ќе бидат подобри. Знаеме кој е Будуќност, финалист на минатогодишниот Фајнал фор, фаворити се за годинешниов Фајнал фор, но верувам дека крајниот резултат ќе биде во наша корист. Будуќност не смее да дојде овде и да нè истепа како во Подгорица и девојките мора да вратат на агресивната игра. Во однос на составот, Јулија Николиќ сè уште не е целосно опоравена и нема да игра во недела", изјави Кастратовиќ.
Против Подравка минатиот викенд, вардарки за прв пат одиграа одбрана на ниво и ефикасен напад, а свое видување за дуелот со незгодната екипа на Будуќност даде и десниот бек, Барбара Лазовиќ-Варлец.
„Се очекува добар натпревар и прав спектакл. Потребно е да ги смалиме техничките грешки и да го подигнеме квалитетот на играта во одбраната. Морам да признаам, тешко беше да се игра во Морача, каде салата секогаш е преполна и атмосферата е пеколна, но овој пат знаеме што нè очекува и спремни сме да го пружиме својот максимум“, додаде Барбара Лазовиќ-Варлец.
Салата „Јане Сандански“ против Подравка беше пристојно исполнета, по што претседателот на клубот, Гордана Нацева повторно апелираше до спортската јавност да ги поддржи ракометарките на Вардар.
„Можеби како никогаш досега не сме имале потреба од голема поддршка каква што ни треба во недела. Ни предстои извонреден ракометен викенд и во машка и во женска конкуренција. Скопје ќе биде домаќин на екипи кои важат за фаворити за освојување на Лигата на шампионите. Очекувам да го продолжиме континуитетот добри игри и да го освоиме првото место“, констатираше Гордана Нацева.
Од противничкиот табор стигна веста дека нивниот најдобар играч, десниот бек Катарина Булатовиќ се повредила на вчерашниот тренинг, по што нема да настапи во недела. Во составот на Вардар покрај од поодамна отсутните Хмирова и Фернандез, ќе ја нема и Николиќ која на натпреварот против Подравка заработи повреда. Натпреварот Вардар - Будуќност се игра од 19:00 часот, а влезниците за оваа средба се по цена од 350 денари.