Грандиозната Данска е светски шампион - рекорден трет пат по ред!

Во дуел на ракометните титани, во Стокхолм пред 22.000 гледачи, Данска ја совлада Франција 34:29 (16:15), ја одбрани светската шампионска титула освоена пред две години и влезе во историјата како прва селекција со три мундијалски злата едно по друго.

Данска е дефинитивно најголема ракометна сила на светот. Репрезентацијата предводена од епскиот Микел Хансен вечерва го совлада својот најголем ривал Франција и дома се враќа со нов златен пехар.

Интересно главни судии на мечот беа Македонците Славе Николов и Ѓорѓи Начевски, во моментов најдобра светска судиска двојка која и вечерва беше на највисоко ниво.

Данците во Арената „Теле2“ во Стокхолм подобро го отворија дуелот и наметнаа силно темпо со брз ритам ги збунија триколорите кои очекуваа почетно одмерување на силите.

Данска играше ефикасно во нападот а цврсто пред својот гол, па Франција се намачи да врзе серија погодоци во првите десетина минути.

На другата страна блескаа Лауге, Питлик и Гисел кои го решетаа францускиот гол.

Носена од преку 10.000 свои навивачи и поддршка од шведските домашни симпатизери, Данска водеше 4:1, па потоа 11:7, 12:7, но Франција не би била тоа што е во светскиот ракомет доколку „би останала покуса“ па „експертите“ во краток период постигнаа неколку добро одбработени голови и на полувреме се замина со минимална предност 16:15 за Данска.

Во вториот дел Франција после долго време израмни - 16:16 но Гисел и друштвото немаа намера да ја пропуштат формата во која играа на цел Мундијал и повторно со маестрална игра се одлепија на плус три гола предност - 20:17.

Французите постојано бркаа 2-3 гола заостаток па тоа како и физички да ги потроши во нападот поради што одбраната не им беше најсилна вечерва кога финалните дуели се во прашање.

Победникот и светскиот шампион почна да се наѕира на седум минути пред крајот кога светскиот првак од пред две години водеше 30:26.

До крајот „галските петли преку Ремили и Ричардсон намалија но не успеаа да направат чудо.

Данска славеше 34:29 и заслужено стана светски шампион. Трет пат по ред, подвиг што не успеал никому во историјата.

Најефикасни кај Данците беа Лауге со 10 гола, Питлик со 9 погодоци и Гисел со 6. Кај Французите Ремили беше прв стрелец со 6 гола, Дика Мем додаде 5 а Ришардсон 4.

Најдобар стрелец на Светското првенство е Данецот Гидсел кој постигна 60 погодоци од 80 обиди. Втор беше Фојхтман со 54 гола од 77 удари, трет младиот германски бисер Јури Кнор со 53 гола од 85 обиди, четврт Питлик со 51/70 и петти Елисон со 45/59.

Во дуел за трето место Шпанците со неверојатно второ полувреме ја совладаа домашната Шведска пред преполна сала и ја одбранија светската бронза освоена пред две години.

29 јануари 2023 - 22:36