Гоце Георгиевски: Со ракомет почнав на 16 години, во глава ми беше само фудбал

Осумкратен шампион на Македонија, стандарден и незаменлив на крило во репрезентација повеќе од една деценија, многу скромен и умерен, без никаква дамка или скандал. Тоа е Џомба.

Гоце Георгиевски не планирал да тренира ракомет. Неговата ракометна приказна се случила поради склоп на околности. 

Фудбалската школа во која тренирал во средно се распаднала и потоа решил да се проба во ракомет, само поради повик на човек кој работел во Металург.

Немал план и некоја желба да се занимава со ракомет и во глава му бил само фудбалот, но од тој расадник за таленти во Автокоманда произлезе и се разви неговата плодна ракометна кариера.

Денеска брои 6 титули македонски првак со Металург и 2 со Вардар, како и уште 8 Купови со двете екипи и 2 Супер Купови. Потоа меѓународна кариера една сезона во Тулуз и уште четири во Букурешт со кој го освои Челинџ Купот.

Првиот повик за репрезентација го добил од Илија Темелковски 2007-ма, а деби првенство му е Светското во Шпанија 2013. Се повлече минатата година на 30 април, на последниот квалификациски меч против Турција.

Георгиевски, кој следниот месец полни 37 години открива како го добил прекарот Џомба, потоа зборува за славните денови во силниот Металург, за меѓународните искуства, трансферот во Вардар каде сезонава е капитен.

Македонската репрезентација е секако неизбежна тема. Најболен пораз му е во квалификациите за Олимписки игри од Тунис.

Му дадоа задача да ја скрои репрезентацијата по свое. На две позиции кажа по двајца играчи.

Лев бек - Талески и Кузмановски, среден бек - Митев, десен бек - Јагуриновски, десно крило - Ненад Костески, лево крило - Петар Анастасијевиќ, пикер - Милан Лазаревски, голман Митревски и Томовски.

Џомба гостува во најновата епизода од третата сезона на подкастот „Само ракомет“.

Гоце, јунаку, фала ти за сè

12 јануари 2024 - 14:02