10 години - 7 медали, тоа е Данска

Ако за некоја ракометна селекција треба да го искористиме поимот „доминација“, тоа е данската која во изминатава деценија растури на големите натпреварувања и освои 4 златни медали. Страшен ракомет играат дечките, а следниот месец ни доаѓаат во Скопје.

Скандинавското дерби на вчерашното финале од 27-от светски ракометен турнир беше празник за очи. Данска и Шведска одиграа атомски ракомет со голема динамика и без застој, во нивен стил.

Егал натпревар, на кој тешко е да се изговори зборот фаворит, бидејќи и двете репрезентации одиграа како во транс со голема жестина, многу трчање и силни дуели на двете страни.

Битка на две сериозни репрезентации кои не смееа ниту за миг да имаат пад на концентрација ако сакаа да бидат прваци. Битка на која ја одлучуваа нијанси.

Разликата синоќа ја направи фантастичниот Никлас Ландин кој се истакна со 15 интервенции, сосема доволни за да се скроти ривалот. Микел Хансен секогаш во елемент, овој пат како прв стрелец со 7 погодоци.

Данска ја одбрани светската титула која во 2019-та ја освои исто така на дерби меч од Скандинавија, тогаш против Норвешка со убедливи 9 гола разлика и стана четврта селекција во историјата на која и успеало таков подвиг.

Предводени од селекторот Николај Јакобсен, Данците се непобедливи, а од Египет си заминаа со 9 од 9. Колку се моќни и ефикасни говори следниов податок: Сите средби со исклучок на финалето ги завршија со над 30 постигнати голови.

Во нокаут фазата издвојуваа две тесни победи над Египет и Шпанија, но во групна фаза ги потопија сите шест противници. Бахреин +14, Конго +20, Аргентина +11, Катар +10, Јапонија +7 и Хрватска +12. 

Ете тоа е Данска, селекција со 4 златни и 3 сребрени медали од 2011-та до денес.

Уживајте во најинтересните моменти од финалето

Човекот кој го одлучи финалето

Лидерот на Данците, Микел Хансен беше прогласен за МВП на Мундијалот и очекувано е дел од најдобриот тим на турнирот, но зачудува одлуката што на голманската позиција не е Ландин, туку Паличка од Шведска.

1 февруари 2021 - 15:09