Вигинс трампан како Коби за Дивац

Трет пат во историјата на НБА лигата, првиот пик воопшто нема да заигра за клубот кој го избрал на драфтот, откако Минесота го даде Кевин Лав за Ендрју Вигинс од Кливленд во големата трампа меѓу три клуба.

Дебатата околу одлуката на Кливленд по секоја цена да го доведе Кевин Лав и понатаму продолжува. Голем број од познатите лица во светот на американската кошарка велат дека Кавалирс направиле огромна грешка кога го дале талентираниот Вигинс, годинешниот прв пик на драфтот.

Во моментот кога ќе го облече дресот на Тимбервулфс, Ендрју Вигинс ќе стане трет играч кој никогаш не заиграл за екипата која што го избрала како прв пик на драфтот.

- Тоа што го сторија луѓето од Кливленд, многу ме потсеќа на трампата меѓу мене и Дивац во 1996. година, кога Шарлот реши лесно да се откаже од мене – вели Брајант, тогаш 13. пик на драфтот.

Последен пат тоа се случило во 1993. година, кога Крис Вебер бил избран од Орландо како прв пик, но веднаш трампан во Голден Стејт за легендарниот Пени Хардавај (трет пик на драфтот таа година). Орландо за Пени им ги дал и наредните три избори на драфтот на Вориорси.

За кратко се формираше тандемот Хардавеј – О’Нил, двојка која што ќе ги води Магичните до финалињата во 1995. година.

Децении наназад, во 1950. година, Бостон го трампал Чак Шејр во Пистонс.

Осум години подоцна, Шејр ја освоил титулата во НБА но како капитен на Сент Луис Хоукс, во финале токму против Селтик, клубот што го одбрал како прв пик на драфтот.

Најпознат случај сепак е оној на Дејвид Томпсон кој датира од 1975. година. Томпсон бил избран како прв пик на драфтот од Атланта Хоукс во НБА и од Вирџинија Сквирс, екипа од тогашната регионална лига во САД.

Во ситуација кога двајца се караат, Денвер Нагетс искористил и му понудил најдобри услови на Томпсон, кој без размислување заминал во овој клуб кој тогаш сè уште играл во Аба а не во НБА лигата.