Со големи маки до 1000 настапи

Ветеранот Грент Хил кој во текот на целата своја кариера не крена глава од повреди, се изнамачи да стигне до посакуваната бројка од 1000 настапи во најсилната кошаркарска лига во светот. 20 активни кошаркари во НБА лигата го достигнале овој успех.

Она што за него изгледаше недостижно, на крајот сепак се оствари. Грент Хил стигна до јубилејниот 1000 настап во својата мачна кариера полна со прекини. По повредата на коленото која го оддалечи од терените во првите три месеци од оваа сезона, 40 годишната ѕвезда учествуваше со 16 минути игра на завчерашната победа на Лос Анџелес Клиперс над Хјустон (117:109) и со тоа ја достигна посакуваната цел.

На прв поглед ова достигнување и не изгледа така тешко ако земе предвид долгата листа од 105 кошаркари кои одбележале по 1000 настапи во историјата на НБА лигата. Листата на првите топ 5 ја сочинуваа пензионираните Роберт Периш (1611), Карим Абдул Џабар (1560), Џон Стоктон (1504), Карл Мелоун (1476) и Кевин Вилис (1424).

Хил му се придружи на својот клупски колега Чонси Билапс кој во февруари минатата година ја достигна илијадарката. Во листата на 20 активни играчи кои оствариле 1000 настапи се и Коби Брајант, Кевин Гарнет, Џејсон Кид и Пол Пирс, но патот на Грент Хил се чини беше најтежок. Најголема благодарност тој им упати на лекарите, хирурзите и физиотерапевтите кои се бореа предвреме да не ја прекине кариерата.

„Во овие моменти размислувам само на лекциите кои ги научив до сега. Во животот има мали работи кои со тек на време стануваат важни. Им се заблагодарувам на тренерите и на соиграчите, но и на сите кои ме поддржуваа во мојата кариера полна со многу падови", рече Хил.

За неговиот трнлив пат полн со повреди говори и фактот според кој од 2000 до 2006 година, Грент Хил од можни 492 пропуштил 356 меча. Тоа е доказ кој покажува дека до јубилејната бројка едвај стигнал. Во моментов кај Клиперси повредени се Билапс кој се опоравува после операцијата на тетивата, како и Крис Пол кој ги пропушти последните два меча поради повреда на коленото. Нивната состојба најмногу може да ја разбере токму Грент Хил.

„Многу работи треба да ви се спојат за да функционирате како што треба, но здравјето е најважно од се. Во последните три месеци ќе полудев затоа што немав трпение за да се вратам на паркетот. Ентузијаст сум, но и многу сум лут на себе што не можам да ја достигнам формата која ја посакувам", изјави Хил.

Тој во моментов е вториот највозрасен кошаркар во НБА лигата. До сега ги бранеше боите на Детроит, Орландо и Феникс, а седум пати беше учесник на „Ол стар" натпреварите. Човекот кој постојано држи мраз на телото си ја оствари желбата да стигне до јубилејнните 1000 настапи, но неговиот сон останува и натаму неостварен, а тоа е шампионската титула.

17 јануари 2013 - 20:59