САД убедливо до одбрана на златото

Кошаркарите на САД го освоија 17. издание на Мундијалите, откако вечерва супериорно ја совладаа Србија 129:92 и на тој начин ја одбранија титулата освоена пред 4 години во Турција.

Првата четвртина од финалниот дуел започна со водство на српската репрезентација од 15:7, предност која ја стекнаа благодарение на одличните асистенции на Теодосиќ и поените на Бјелица.

Од тој момент, Дрим тимот нанижа неколку последователни тројки преку Ирвинг, Харден и Томпсон (11 од 15), по што САД за кратко време направи предност од 26 поени (50:24), разлика која што ја одржуваше до крајот на првиот дел (67:41). Кошаркарите на САД демонстрираа сила преку Харден и Фарид и со тоа ја тргнаа секоја неизвесност дека Србија во второто полувреме би можела да се врати во мечот.

Првото полувреме го одбележа и поголемиот број офанзивни скокови на САД, 15, наспроти 7-те на Србија.

Почетокот на третата четвртина значеше и старт на егзбициите на казнената експедиција на Мајк Кжижевски, која позитивата ја зголеми на 30+ поени (79:51), така што САД пред крајот на третиот постигна неверојатни 100 поени.

Селекторот Мајк Кжижевски комотно ги ротираше сите играчи, така што за првпат на СП свои минути доби и Андре Драмонд, центарот на Детроит Пистонс. Од друга страна, дебитантот на српската клупа, Саша Ѓорѓевиќ се потпре на петорката која и во иднина треба да ја носи играта на репрезентацијата.

Во последните 10 минути од натпреварот, НБА ѕвездите повеќе мислеа на атрактивните потези, отколку на одбраната, па така за прв пат на овогодинешното Светско првенство примија 92 коша. Кајри Ирвинг постигна 6 тројки од толку обиди, а САД имаше 79% успешност.

Инаку, САД на Мундијалот своите ривали ги добиваше во просек со 33 коша, што е идентично со нивниот просек на Олимписките игри во Лондон пред 2 години. За потсетување, недостижниот Дрим тим од 1992. година, своите ривали ги победуваше со 43 поени разлика во просек.

Во вечерашното финале, САД имаше дури 8 играчи со двоцифрен број поени. Најефикасен беше Кајри Ирвинг (МВП на финалето) со 26 поени, од кои 6/6 за три. Рафалите на Ирвинг ги следеше и Џејмс Харден кој уфрли 23 коша, Клеј Томпсон и Кенет Фарид имаа по 12 коша, ДеМаркус Казинс 11.

Репрезентацијата на Србија го немаше инспиративниот Милош Теодосиќ, кој како да се потроши во претходните 3 натпревари, кога беше најдобар играч во својот тим, меѓутоа заслужено се најде во идеалната петорка.

Најдобрата петорка на првенството е Кајри Ирвинг (бек), Милош Теодосиќ (бек), Пау Гасол (центар), Николас Батум (крило) и Кенет Фарид (крило).

Ова е петта титула за САД на Светските првенства, а избраниците на Кжижевски го завршија првенството со 9 победи на 9 натпревари.

СП ШПАНИЈА 2014, ФИНАЛЕ:

САД - СРБИЈА 129:92
Ирвинг 26п 5ас, Харден 23п 5ск 4ас - Бјелица 18п 4ск 4ас, Калиниќ 18п, Богдановиќ 15п

Меч за 3. место и бронзен медал:

ФРАНЦИЈА - ЛИТВАНИЈА 95:94

15 септември 2014 - 00:08