Евробаскет 2015, скенер на групата Ц

Противници за почит, но нема предавање

Европското првенство во Франција, Германија, Хрватска и Летонија почнува денес и ќе трае се до 20. септември. Македонија отвора со Грција во 18:00.

Македонската кошаркарска репрезентација ќе игра во групата Ц во Загреб, каде за противници ќе ги има Грција, Хрватска, Словенија, Грузија и Холандија.
 
Загрепската публика ќе има добра прилика да гледа спектакл на составите кои можат секого да победат, но и целосно да разочараат. Со оглед на тоа што дојде во полн состав, грчката репрезентација се смета за фаворит во групата, Словенија и домаќинот Хрватска не би требало да имаат многу проблеми, а нашата репрезентација против Грузија и Холандија ќе треба да го бара пласманот во следната фаза.
 
МАКЕДОНИЈА

Ова ќе биде трето учество по ред за Македонија на едно ЕП, а првпат после турнирот во Литванија без некогашниот миленик Бо Мекејлеб. Поранешниот селектор Александар Џикиќ одлично ја изврши смената на генерација и по заминувањето на Чековски, Гечевски, Бо Мекејлеб и Перо Антиќ, со неколку млади играчи успеа да обезбеди пласман на ЕП. Сепак, кошаркарската федерација одлучи да го раскине договорот со Србинот и да го назначи Марјан Србиновски за нов селектор.

По заминувањето на Мекејлеб, најголем дел од товарот сега паѓа на Владо Илиевски, и Војдан и Дамјан Стојановски. Поголем дел од нашата селекција е формиран од играчи од домашната лига, а Ричард Хендрикс е донесен со скоковите и физичката доминација да го замени Перо Антиќ.

Во подготвителниот период нашите кошаркари загубија пет средби и остварија две победи, против Украина и Израел.

ГРЦИЈА

Иако веќе ги немаат Дијамантидис, Фоцис, Цацарис и Папалукас, Грците во главниот град на Хрватска стигнаа во состав кој е спој на младоста и искуството, под водство на селекторот Фотис Кацикарис.
 
Во играта на Хелените се се врти околу нивниот најдобар играч, Василис Спанулис, човекот кој на Олимпијакос сам му донесе два трофеи во Евролигата. Голема поддршка Спанулис би требало да има од Јанис Адетокумпо, Јоргос Принтезис и Вангелис Манцарис.
 
Ранлива позиција на Грците, барем во пријателските средби пред ЕП беше центарската. Прашање е колку ќе може Костас Куфос, кошаркарот на Сакраменто. Покрај Куфос, центри се и 31-годишниот Јанис Бурусис и 32-годишниот Костас Кајмакоглу.
 
СЛОВЕНИЈА

 
Како и нашата селекција, така и Словенците минуваат низ смена на генерации и период на транзиција. Седмото место на Мундијалот во Шпанија минатата година беше добар успех за Словенија. Змајчеки секогаш имале квалитетни играчи, но колективниот успех некако редовно изостанувал.
 
Главен играч на селекцијата е Зоран Драгиќ кој ќе презема одговорност и да ги замени брат му Горан и Боштјан Нахбар. Еден од најталентираните кошаркари на Словенија е Јака Клобучар кој често игра на „кец“ и „двојка“. На истата позиција Словенците го имаат и Небојша Јоксимовиќ.
 
Од останатите, нашата репрезнтација ќе треба да внимава на Јака Блажиќ, Препелиќ и Омиќ. Селекторот Јуре Здовц изјави дека прва цел е да се стигне во втората фаза.
 
ХРВАТСКА

Коцкестите долго време немале поталентиран состав. На Дарио Шариќ и Марио Хезоња им се предвидува одлично првенство, а прашање е кој ќе ги следи. Бојан Богдановиќ се смета за прва ѕвезда на тимот, играч кој знае да потегне кога не оди .
 
Организацијата на нападот не би требало да им биде проблем, иако се повреди Лафает, а се врати Дрејпер. Хрватите се надеваат и на добар турнир за Крунослав Симон и Анте Томиќ.
  
ХОЛАНДИЈА

Холанѓаните се најголемото изненадување на ЕП, откако на чудесен начин ја совладаа Црна Гора во борбата за завршницата. Иако важат за аутсајдери во групата Ц, Холанѓаните со начинот на кој се пласираа на Еп заслужуваат внимание.
 
Прв пат ќе играат Европско после 26 години, можат да им направат проблем на сите ривали и ќе бидат тврд орев за секој противник.
 
ГРУЗИЈА

Засилени со Џејкоб Пулен, Грузијците ќе се обидат да направат нешто повеќе од претходните настапи на ЕП. Селекторот Игор Кокошков веќе неколку години е на клупата на Грузија и одлично ја познава групата на играчи. Најпознат играч им е ветеранот Заза Пачули кој и покрај возраста, одлично се носи на два фронта, и во НБА и во репрезентацијата.
 
Посебно треба да се внимава и на Токо Шенгелија, кој не успеа во првиот обид да заигра во НБА, но ништо чудно наскоро повторно да отиде преку океанот. Главни имиња во селекцијата се уште и Манучар Маркоишвили и Виктор Саникидзе. Според предвидувањата, Холандија е поблиску до замнување дома после првата фаза од Грузија.
5 септември 2015 - 14:00