Како еден од најдобрите и најуспешните хрватски кошаркари на сите времиња, Тони Кукоч е примен во кошаркарската Куќа на славните во Спрингфилд. Заслужено и големо признание после седум неуспешни обиди.
Тој е сега петти Хрват кој влезе во друштво на “бесмртните“ кошаркари. Другите се Крешимир Ќосиќ (1996), Дражен Петровиќ (2002), Мирко Новосел (2007) и Дино Раѓа (2019).
Од каде ли да почнеме да ги броиме успесите на Кукоч, идол на многу генерации. Освои три НБА прстени со Чикаго и тоа по ред (1996-1998). Стана три пати европски првак со Југопластика исто така по ред (1989 – 1991).
Врвот го достигна и на репрезентативно ниво со Југославија. Два пати европски првак (1989 и 1991) и еднаш светски (1990), како и освојувач на два сребрени олимписки медали во Сеул 1988 и Барселона 1992. Да не почнуваме и со индивидуалните награди.
Од НБА избрани се двократниот шампион со Мајами Хит, Крис Бош, поранешниот капитен на Бостон Селтикс и шампион во НБА Пол Пирс, четирикратниот најдобар дефанзивец во лигата Бен Валас и Крис Вебер.
Меѓу тренерите на НБА-лигата на листата се најдоа легендата на Селтикс, Бил Расел, кој долго време беше во Домот на славните како играч, трикратниот финалист на НБА-лигата Рик Аделман и постхумно Котон Фицсимонс.