
Домаќините имаа подобар старт и ја контролираа играта во поголемиот дел од првата четвртина, но со серија од 7:0 нашите кошаркари израмнија на 18:18, а по првиот период Германија имаше минимално водство од 23:21.
Во овој период капитенот Перо Антиќ го имаше насекаде и во првите 10 минути тој имаше учинок од 8 поени, 3 скокови и 2 асистенции.
Со одлична одбрана и добра реализација, нашите кошаркари во втората четвртина направија пресврт со серија од 12:0. Македонија доминираше во овој период и константно го зголемуваше водството, а на 3 минути до полувремето водевме со +14 (27:41). Германците малку се соземаа во последните минути и до полувремето намалија на 31:43.
Во првото полувреме се истакнаа Антиќ со 10 поени, 4 скокови и 2 асистенции, Чековски со 9 поени и 2 скока, Гечевски со 8 поени и 2 скока и Илиевски со 4 поени, 3 скокови и 3 аситенции.
На почетокот од второто полувреме се разигра и Мекејлеб, па нашите кошаркари немаа поголеми проблеми за да го одржат водството кое по три четвртини изнесуваше +11 (48:59).
Притиснати од добрата одбрана, Германците редеа грешки и во последниот период, а нашите кошаркари тоа знаеја да го искористат и рутинирано го одржуваа водството до крајот за конечни 67:81.
Одличен натпревар одигра Чековски кој имаше учинок од 16 поени, 2 скокови и 3 асистенции, Мекејлеб постигна 14 поени, Гечевски 12 поени и 4 скокови, Антиќ 11 поени, 6 скокови и 3 асистенции, Дамјан Стојановски 11 поени и 4 скокови, а Илиевски 10 поени, 4 скокови и 4 асистенции.
Во недела во 17 часот се среќаваме со репрезентација на Босна и Херцеговина.