Актуелниот шампион беше подобар од Кожув во финалната серија, а по водството од 3:0 беше јасно дека ќе стигне до втората шампионска титула во македонското првенство. Ниту една екипа во историјата на македонската кошарка не успеала да се врати по негатива од 3:0.
Натпреварот мина во доста тензична атмосфеа со инциденти помеѓу двете навивачки групи и поради тоа во последниот период при резултат 66:64 за домаќините, дојде до пауза од околу еден час во кој беше испразнета салата.
Кошаркарите на Кожув го дадоа својот максимум за да ја избегнат елиминацијата во најбрз можен рок и да се изборат за петти меч, но и покрај постојана предност, на крајот не успеаа да стигнат до триумф. Домаќините водеа со 4 поени разлика по првите две четвртини, а во третиот период водеа со 61:53.
Кожув имаше предност од 10 коша во последниот период, но на сцена стапи незапирливиот Борис Бакиќ кој успеа да постигне дури 4 тројки со кои „Металците" се вратија резултатски.
Во последните мигови од средбата предноста на МЗТ изнесуваше 3 поени, но во долгата серија на слободни фрлања, избраниците на Алеш Пипан беа поуспешни и на крајот го подигнаа пехарот во празната сала во Гевгелија.
Најпрецизен во четвртиот финален меч во победничкиот состав беше Дамјан Стојановски со 21 поен, Бакиќ постигна 18, а Чековски уфрли 17 коша. Најдобри кај Кожув беа Божовиќ со 24 и Паковиќ со 22 поени.
фото: basketball.org.mk