Македонија останува со ФИБА и под услов да ја откачи АБА

Првиот човек на кошаркарската федерација на Македонија го кажа својот став за војната меѓу ФИБА и УЛЕБ, откако нашата репрезентација доби допис дека е исфрлена од квалификациите за ЕП 2017.

Според изјавата на Петар Наумовски МКФ застанува на страната на ФИБА која пред четири дена суспендираше 14 репрезентации меѓу кои и нашата од квалификацискиот циклус за следното Европско првенство.

„Застануваме зад ФИБА бидејќи таа ни е матична федерација и немаме резервна. Тоа значи дека нема да поддржуваме ниту еден македонски клуб да игра во некое првенство кое нема да биде прифатено од ФИБА. Друга алтернатива за решавање на ситуацијава немаме и ние не сме им газди на клубовите па да ги присилиме да одберат со сила нешто што не им оди во прилог. Не верувам дека оваа небулозна работа и војна во која не по своја волја е вовлечена и Македонија ќе резултира со суспензии на репрезентациите поради кои и се гледа Европското“, се вели во дел на изјавата на претседателот на МКФ дадена за Нова Македонија.

Наумовски рече дека ваква одлука донеле и федерациите кој ги контактирал како Словенија, Хрватска и Црна Гора.

ФИБА на 15 април испрати допис дека од квалификациите за ЕП 2017 ги исклучува Македонија, Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора, БиХ, Турција, Грција, Русија, Полска, Шпанија, Литванија, Италија и Израел.

Образложението им се должи на тоа што ги поддржуваат Евролигата, Еврокупот и АБА лигата, а не новоформираната Лига на шампиони која е под капа на ФИБА.

Рокот за да се предомислат истекува утре.

19 април 2016 - 14:00