Куманово со трилер завршница до финале против МЗТ

Екипата на Кожув која беше во водство по првите три четвртини и во еден момент имаше предност и од 19 поени разлика, во драматични 5 минути го загуби мечот. Куманово се пласираше во финалето на Македонскиот кошаркарски Куп каде ќе се сретне со бранителот на титулата, тимот на МЗТ Скопје.

Кожув - Куманово 87:92

Натпреварот имаше фуриозен старт со доста ефикасна прва четвртина која му припадна на тимот на Кожув со 33:21. Игор Мијаиловиќ и Владимир Филиповиќ распалија со по 3 тројки, една постигна и Димитар Караџовски, а Кумановчани возвратија со 3 удари за тројка.

Екипата на Куманово не можеше да се совземе во втората четвртина и да ја намали предноста на Кожув кој продолжи во ист стил и во продолжението од натпреварот. На полувремето кошаркарите на Марјан Србиновски остварија предност од 58:45.

Предноста и доминацијата на Гевгеличани траеше и во третата четвртина кога, а најголемото водство на Кожув изнесуваше 19 разлика. На крајот Куманово успеа да ја намали разликата на -11.

Кошаркарите на Куманово влегоа многу помотивирани во последните 10 минути од мечот и на 4 минути до крајот ја стопија предноста на Кожув, го израмнија резултатот на 77:77 и ја запалија кумановската публика во салата „Борис Трајковски".

Тимот од Гевгелија успеа да се врати од шокот и имаше предност од +5, но драмата продолжи со првиот пресврт за Кумановчани кои со тројка на минута до крајот имаа водство од еден кош, а на 35 секунди до крајот водеа со 90:87. На крајот Куманово триумфираше со 92:87 и со своите навивачи го прослави пласманот во финалето.

Творци за триумфот на кумановчани беа Урош Луковиќ со 28 поени, Ивица Димчевски со 26 и Александар Костовски со 23 поени. Кај поразениот тим Владимир Филиповиќ постигна 22 поени од кои 6 тројки, а Миладин Петковиќ уфрли 19 коша.

МЗТ Скопје - Фени Индустри 74:66

Бранителот на титулата во домашното првенство и Купот, уште на стартот на натпреварот се наметна како фаворит на овој дуел. Металците во првата четвртина постојано беа во водство кое изнесуваше во еден момент 16:7, а на крајот беше 18:13.

Вториот период повторно мина во знакот на Аеродромци кои постојано ја одржуваа предноста. Кошаркарите на Фени се обидуваа да се вратат резултатски во игра, но беа очајни во обидите за три (1/9), за разлика од избраниците на Алеш Пипан кои погодија 4/9 и кои доминираа под кошевите со 20 скока, двојно повеќе од противникот.

МЗТ беше најопасен во последните 2 минути од првиот дел кога за кратко време обезбеди предност од 10 поени разлика, а на полувремето го зголеми на 13 и на паузата водеше 45:32.

Неефикасна кошарка со малку поени се играше во третиот период, но тоа најмногу му одговараше на тимот на МЗТ Скопје кој ја доби третата четвртина со 13:11 и во завршните 10 минути од натпреварот влезе со најголемо водство од 58:43.

Кошаркарите на Фени Индустри немаа сили да се вратат во игра во последната четвртина, кога МЗТ практично ја одржуваше предноста која ја имаше во текот на целиот меч.

Најпрецизен играч на мечот беше Дамјан Стојановски со 16 поени и 6 скока, Кире Николовски уфрли 14, а Гечевски и Оташевиќ по 10 поени. Во гостинската екипа најпрецизен беше Бојан Трајковски со 14 коша.

Актуелниот освојувач на Купот, противникот за финалето кое се игра в недела во 19 часот, ќе го дознае вечерва од второто полуфинале помеѓу Куманово и Кожув.