Генералниот секретар на Кошаркарската федерација на Босна и Херцеговина, Харун Махмутовиќ откри дека за време на подготовките за Европското првенство во Словенија имале огромни проблеми, па морале да позајмуваат пари од кошаркари. Еден од најдобрите поединци во нивната репрезентација, Нихад Џедовиќ од својот џеб издвоил 10.000 конвертабилни марки (околу 5.000 евра).
„Џедовиќ не е единствен од кого позајмивме пари да ги покриеме трошоците за Евробаскет. Позајмувавме пари и од пријатели. Моравме да земаме пари затоа што државата ни даде една нула", изјави Махмутовиќ.
Репрезентацијата која ја совлада Македонија се соочува со огромни финансиски проблеми, па дури и селекторот Александар Петривиќ работи волонтерски. Тој цели две години нема примено плата, а единствено добил парична награда по пласманот на репрезентацијата на Европското првенство.