Наелектризираната атмосфера по првиот натпревар и по сите оние меѓусебни препукувања во дописите помеѓу двата натпревари, се префрли и во салата „Јасмин" во Кавадарци.
По само пет одиграни минути при резултат 10:9 за домаќините, тренерот на МЗТ, Алексадар Тодоров настрада од пластична канта која беше фрлена од трибините и го погоди во глава. Натпреварот беше во прекин скоро цел час, а продолжи откако беа отстранети гледачите од десетина реда зад клупата на МЗТ.
Прекинот влијаеше негативно на гостинските кошаркари кои направија многу грешки и имаа повеќе загубени топки, а кошаркарите на Фени тоа одлично го искористија и до полувремето водеа со високи 42:27.
Со исто темпо домашните кошаркари продолжија и во второто полувреме и во последната минута од третата четвртина нивното водство повторно достигна до +18.
Кошаркарите на Фени во последната четвртина рутински го зголемуваа водството и на крајот го декласираа МЗТ со 84:65.
Во редовите на Фени пет кошаркари го завршија натпреварот со двоцифрен број на поени, а најефикасен беше Дарко Соколов со 23 поени. Најрасположен кај МЗТ беше Тодор Гечевски со 24 поени.
Финалната плејоф серија повторно се враќа во Скопје каде МЗТ ќе го пречека Фени во недела во 18:30 часот.