Американците ги преплавија кошаркарските репрезентации

Денес продолжуваат натпреварите од втората фаза на Европското кошаркарско првенство во Словенија каде во моментов најдобар стрелец е Швеѓанецот Џефри Тејлор, петти е нашиот Бо Мекејлеб, одличен беше и Црнегорецот Тајрис Рајс...

Лестер Бо Мекејлеб беше најдобар стрелец на Евробаскетот 2011, а на ова првенство кошаркарот роден во Њу Орлеанс беше прв стрелец во нашите редови.

Кај Црногорците блескаше Тајрис Рајс, Хрватите го имаат Донрај Дрејпер, Рики Хикман игра за Грузија, Зек Рајт за БиХ, Јуџин Џетер за Украина, Томас Келати за Полска, Тревис Динер за Италија, Александер Тајс за Израел...

Што е заедничко за сите овие кошаркари? Секако, тие се Американци. Репрезентациите го искористија правото да играат со еден натурализиран играч и скоро сите се одлучија за црномурести Американци.

На Европското првенство во Словенија играа 11 Американци, а бројката е уште поголема на првенството во Азија. Таму петте најдобри стрелци беа родени во САД.

Некои од нив навистина имаат потекло од овие земји, па така на пример репрезентацијата на Нигерија има повеќе кошаркари со корени од оваа земја родени во американската сојузна држава Џорџија отколку во Нигерија.

Но повеќето од нив само се ангажирани да играат за репрезентацијата и претходно никогаш немале стапнато во државите како што беше случајот со нашиот Мекејлеб. Се претпоставува дека на сите континентални првенства под организација на ФИБА кои се одигруваат овој месец, ќе настапат 66 кошаркари родени во САД за 37 различни држави.

11 септември 2013 - 09:25