Фудбалскиот клуб Брајтон и Хоув Албион моментално се наоѓа на седмата позиција во англискиот Чемпионшип, со само еден поен заостанување зад шестата позиција која води во разигрувањето за пласман во Премиер лигата.
Овој клуб до минатата година се натпреваруваше во третата по ранг лига во Англија, но пресвртница во историјата полна со финансиски проблеми се случи во 2009-та година кога клубот малиот клуб од јужниот брег доби финансиска инјекција вредна 80 милиони фунти од Тони Блум.
А кој е Тони Блум и како тој го заработи своето богатство?
Додека неговите соученици во основното училиште играле џамлии, тој уште од седмата година почнал својот џепарлак да го троши на покер машини.
„Можеби се коцкав повеќе од што требаше, но долгорочно тоа се покажа како добра работа и станав успешен во тоа", изјави Блум.
Своето коцкарско искуство и дипломата по математика од универзитетот во Манчестер му донеле вработување во интернет обложувалница. Неколку години подоцна откако станал експерт и во ова поле, парите заработени од обложувалници и освоени покер турнири ги инвестира во започнување на своја интернет обложувалница.
Во 2005-та година Блум ја продава обложувалницата и започнува бизнис со инвестирање во недвижнини, но никогаш не престанал да се коцка и е редовен учесник на сите поголеми покер турнири низ целиот свет.
Како голем навивач на својот локален клуб Брајтон и Хоув Албион, Блум со години му дава финансиски позајмици на клубот, а од 2009-та година тој стана мнозински сопственик на акциите.
Преземајќи го клубот, Тони Блум на менаџерската позиција го ангажираше поранешниот уругвајски репрезентативец и член на Челси и Тотенхем, Густаво Појет. Под негово водство клубот бележеше одлични резултати и ја освои лигата во сезоната 2010/11.
Од минатата година Брајтон и Хоув доби нов стадион со капацитет од 22.374 седишта и продолжи со добрите резултати и во Чемпионшип лигата, втората по ранг лига во Англија, со што Тони Блум е на добар пат да го оствари својот сон и да биде сопственик на фудбалски клуб во Премиер лигата со пари заработени од комар.